Пушачите се уште ја чекаат апликацијата за пресметка на буџетот за цигари

Пушачите самите ќе пресметуваат колку ќе заштедат со откажувањето. Фото: Вистиномер

  

Проект: Колкав буџет за цигари?

Изработка на интернет-калкулатор кој ќе ја пресметува вистинската цена за пушачите и пресметка на заштедата доколку граѓаните престанат да пушат. Секој граѓанин ќе треба да внесе колку цигари пуши дневно и која е цената на една кутија. Целта е да се да се подигне свеста кај пушачите за нивната зависност од пушењето и да ги поттикне да го подобрат своето здравје.

Надлежни институции: Министерство за информатичко општество и администрација и Министерство за здравство

(Буџет: 300 илјади денари; Рок на реализација 2015)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Проверено: Проекти кои што докажано се остваруваат“, со која партијата настапи на предвремените парламентарни избори во 2014 година, во делот насловен „Информатичка технологија и реформа на јавната администрација“, како еден од проектите кои треба да придонесат за развој на информатичкото општество во земјава, на страница 109 е наведена изработката на интернет калкулатор за пресметка на трошоците кои пушачите ги имаат за купување на цигари, односно на нивните заштеди во случај на откажување од навиката. Според програмската замисла, целта која треба да се оствари со оваа апликација е подигање на свеста за зависноста од пушењето и давање на поттик за подобрување на личното здравје на пушачите.

Изработката на ваква интернет апликација претпоставува дека истата би требало да биде лесно и јавно пристапна барем на веб-сајтовите на двете надлежни министерства, што не е случај. На веб-сајтот на Министерството за информатичко општество и администрација не постои таква апликација. Истата ситуација се повторува и на веб-сајтот на Министерството за здравство  -калкулаторот не може да се пронајде.

Пребарувањето на интернет не дава никакви резултати дека апликацијата е изработена и јавно достапна на кој било веб-сајт, ниту пак дека е започната нејзината изработка.

Единственото место на кое може да се најде дека овој проект е дел од програмската агенда на власта е „Стратешкиот план за периодот 2016-2018 година“, подготвен од Министерството за информатичко општество и администрација во јуни 2015 година, а потпишан од претходниот министер Иво Ивановски. Со овој план се потврдува дека проектот не е остварен во ветениот рок за негова реализација – 2015 година и дека не е отпочната потребната софтверска подготовка, односно изработка. Проектот е вграден како дел од активностите, односно проектите од „Потпрограмата 3.3.: е-Граѓани“(стр.50), кои би требало да се реализираат од страна на ова министерство, но со променета временска рамка во однос на онаа која е предвидена во програмата на владејачката партија. „Колкав буџет за цигари“, според Стратешкиот план, треба да започне да се реализира во 2016 година, а како краен рок за неговата имплементација е предвидена 2017 година. Финансиската рамка е поставена на 300.000 денари, исто како во партиската програма, но со тоа што е предвидено овие финансиски средства да бидат издвоени од Буџетот во 2017 година, што значи дека и оваа 2016 година пушачите нема да можат да ја користат оваа веб апликација.

Имајќи го во предвид сето ова, како и рокот за реализација на овој проект – 2015 година, изборното ветување за изработка на интернет апликација за пресметка на трошоците за цигари и заштедите на пушачите, во случај на откажување од навиката, може да се оцени како неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Стојанче Манев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција