Раката и главата горе со „Лице в лице“

Licevlice-prodavaci
Колпортери на списанието „Лице в лице“. Фото: licevlice.mk

 

Уличното списание „Лице в лице“ е еден од пионерите во развојот на социјалното претприемништво во Македонија и во моментов има околу 40 продавачи што го нудат во Скопје, Неготино, Струга, Охрид и во Битола, а сите тие поминуваат низ едукативна програма во рамките на која се работи на самодовербата и на мотивацијата на продавачите, но и на нивните комуникациски и продажни вештини.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

„Раката горе, испружена, со списание во неа, а не долу спуштена за просење!“ – повика Џон Брд, главниот уредник на најтиражното улично списание „Биг ишју“ во една од акциите за зголемување на видливоста на списанието, обидувајќи се да ја долови суштината на постоењето на уличниот печат и свртувајќи го вниманието кон оние кои се фрлени на маргините и се обидуваат да направат промени во своите животи.

Во суштина, уличниот печат им дава шанса на ранливите групи да излезат од кругот на сиромаштијата, да се социјализираат и, во исто време, ги зајакнува и економски и социјално.

Така е и во Македонија во првото и единствено улично списание „Лице в лице“.

Според Климентина Илијевски, извршен директор на „Паблик“ (издавач на списанието) и главен и одговорен уредник на „Лице в лице“,

„Работата е основа за социјално вклучување и за ова треба да бидат свесни сите и владата и компаниите и граѓанскиот сектор, но и исклучените поединци. Важно е да се најдат начини исклучените да го искористат својот потенцијал и да се здобијат со можност да заработат, да почувствуваат припадност и да станат независни. Уличните списанија ја нудат таа можност, но потребни се што повеќе вакви иницијативи што ќе опслужат повеќе ранливи поединци. Социјалното претприемештво е еден од начините.“

 

ПИОНЕР ВО МАКЕДОНИЈА

Уличното списание „Лице в лице“ е еден од пионерите во развојот на социјалното претприемништво во Македонија и во моментов има околу 40 продавачи што го нудат во Скопје, Неготино, Струга, Охрид и во Битола, а сите тие поминуваат низ едукативна програма во рамките на која се работи на самодовербата и на мотивацијата на продавачите, но и на нивните комуникациски и продажни вештини.

„Уште една предност што ја даваат дел од уличните списанија е фокусираноста на личноста и обидот од секој поединец, вклучен во програмата да се извлече максимумот, за да почне да се чувствува како корисна и важна единка во општеството. Ваквиот приод даде значителни резултати. Речиси сите продавачи на „Лице в лице“ кои доаѓаат од Центарот за згрижување деца од улица се вратени во училиште, а годинава ги имаме и првите деца од улица кои се запишаа во средно училиште. Некои од продавачите, пак, веќе се вработија во компании“, вели Илијевски.

Фото: licevlice.mk
Фото: licevlice.mk

 

При продажбата на уличните списанија кои се продаваат само лице в лице за да се оствари интеракција меѓу продавачот и купувачот, се создава хоризонтална врска, која е сосема поинаква од онаа што се создава при просењето – вертикална, брутална и вознемирувачка.

„Во релацијата меѓу продавачот и купувачот лежи суштината на уличниот печат. Овој однос е наградата што ја добиваат продавачите, покрај економската добивка, која им помага да ги обезбедат основните намирници“, тврди таа.

Во суштина, секој во општеството може да придонесе во намалување на исклученоста – граѓаните со купување на списанието/весникот, со комуникацијата со продавачите на печатеното издание и со ширење на идејата на уличниот печат преку социјалните мрежи, компаниите со рекламирање или друг вид поддршка на овој вид печат, медиумите со подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на уличните весници и списанија.

 

РАЗЛИЧНИ МОДЕЛИ

Моделите што ги спроведува различен уличен печат се различни и приспособени на контекстот и на условите во кои се дистрибуира еден медиум.

„Сепак, сите тие почиваат на принципите утврдени од страна на Интернационалната мрежа на улични списанија, според кои една половина од продажната цена на печатот оди директно за продавачот, дека продажбата се одвива на улица (поради важноста од поврзаност меѓу продавачот и купувачот). Секој продавач мора да потпише договор и кодекс на однесување и дека доколу организацијата или социјалното претпријатие оствари некаков приход тој повторно се вложува во програми насочени кон продавачите на уличниот печат“, изјави Илијевски.

Продавачи на уличниот печат се бездомници, социјално загрозени лица, но и младинци од улица, лица со посебни потреби, поранешни зависници од дрога и од алкохол, жени жртви на семејно насилство, самохрани родители…

 

ИСТОРИЈАТ

Првите улични весници и списанија се појавуваат во 19 век и имаат религиозен карактер. Првиот секуларен уличен печат, пак, се појавува во седумдесеттите години на 20 век, а својот најголем развој го доживуваат во деведесеттите години на тој век.

Во 1872 година „Армијата на спасот“ ја издава публикацијата „Плачот на војната“, која се продава на улица и нуди информации што можат да направат читателите за тие на кои им е потребна помош. Во  1911 година организацијата издава нова публикација„Социјални вести“, преку која информира за своите активности, обуки и можности за помош, а со финансиите собрани од продажбата на списанијата се поддржуваат активностите на организацијата и издавањето нов број на медиумот.

Во 1920 година се појавува списанието „Млад војник“, во кој многу новинарки го добиваат својот прв работен ангажман и во него се објавуваат и истражувачки стории, а ќе остане запаметена таа на уредникот Вилијам Кокс, кој преправен во скитник ги проверува условите за престој во засолнишен центар на самата „Армија на спасот“.

Фото: licevlice.mk
Фото: licevlice.mk

Сличен медиум е и „Hoboes Jungle Scout“ од 1913 година, кој во 1915 е преименуван во „Вести за скитниците“. Излегувал до 1929 година и претставувал еден од пионерските обиди во доменот на уличните весници и списанија, се фокусирал на истражувачки стории, водејќи се од идејата дека јавноста посрдечно ќе одговори на нивниот повик за помош доколку за возврат ѝ дадат добро списание, а не некој друг печатен материјал.

На крајот на 20 век, значително се зголемува процентот на бездомништвото и тогаш во Америка, на улиците на Њујорк, се појавува „Стрит њуз“, продаван од бездомници и социјално загрозени граѓани, кои на тој начин заработуваат за живот, но и го свртуваат вниманието кон социјалните проблеми што го мачат американското општество.

По 1989 година се појавуваат околу 100 списанија во повеќе од 30 земји во светот. До 2008 година приближно 32 милиони луѓе читаат улични списанија и весници, а 250.000 обесправени лица ги продаваат, но и придонесуваат во создавањето на нивната содржина.

Во моментов има 114 улични списанија во 35 земји во светот.

„Стрит њуз“ беше причина и за излегување на едно од сега најуспешните улични списанија „Биг ишју“, кое освен во Велика Британија, под истата франшиза излегува во неколку земји во светот. Идејата во оваа успешна приказна доаѓа од британскиот бизнисмен Гордон Родик, кој сака да вложи во поддршка на отфрлените групи во општеството, па компанијата „Боди шоп“ беше првиот комерцијален партнер на списанието, кое сега во Велика Британија достигнува тираж од 105.000 копии неделно.

Во регионот, покрај Македонија, улични списанија имаат Слованија „Краљи улице“, Хрватска „Уличне светиљке“, Србија „Лицеулице“.

Последното улично списание кое заедно со сите гореспоменати е во мрежата на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) е грчкото „Шедија“, кое беше промовирано како „брод за спас“ за сите граѓани погодени од кризата што ја зафати оваа земја.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција