Реактивиран Клубот на пратенички

Клубот на пратенички во новиот собраниски состав Фото: Колаж sobranie.mk

Реактивирање на Клубот на жени пратенички. (Реформски План „3-6-9“. Рок: првите три месеци од објавување на планот)

[Извор: Влада на РМДатум: 05.07.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за реактивирање на Клубот на жени пратенички е исполнето ветување од владиниот реформски План „3-6-9“ (стр.2), објавен на 5. јули 2017 година, во делот на реформи кои се однесуваат на Собранието. Ова ветување беше предвидено да се исполни во првите три месеци, односно до локалните избори кои се одржаа на 15. октомври.

Клубот на пратенички е собраниско тело  и информацијата за конститутивниот состанок на Клубот беше објавена на официјалната веб – страница на Собранието на 06.07.2017 година.

Денескa, Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија одржа конститутивен состанок на кој за координаторка беше предложена и избрана пратеничката од СДСМ, Ѓулумсер Касапи, а беше договорено пратеничките од парламентарните партии, да делегираат членки на претседателството на клубот. 

Клубот на пратенички ќе делува со заедничка и единствена цел да иницира законски решенија за постигнување на родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивно активно вклучување во процесот на одлучување во државата како и зајакнување и ширење на демократијата во сите сфери на македонското општество.

На веб – страницата на Собранието може да се видат и сите активности на Клубот кои досега се спроведени, како и да се добијат информации за претседателството на Клубот и неговите членови.

Информацијата за реактивирање на Клубот, беше објавена и на веб – страницата на „Отворено Собрание“:

По подолга пауза повторно се активираше Клубот на пратенички во Собранието на РМ. Клубот на пратенички на 06.07.2017 одржа конститутивен состанок …

На 20.11.2017 година, Владата на својата официјална веб – страница, објави Прглед на статусот на имплементација на мерките предвидени во Планот 3-6-9 и Наративниот план 3-6-9+“. Од овој фактографски преглед (стр.7), може да се види дека ветувањето за реактивирање на Клубот на жени пратенички ( кој во претходниот собраниски состав (2014 – 2016) не функционираше) е исполнето.

Клубот ќе делува за иницирање законски решенија за постигнување на родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивно активно вклучување во процесот на одлучување во државата како и зајакнување и ширење на демократијата во сите сфери на општеството. Клубот на пратеничките на 20.07.2017 год. Одржа средба на тема „Клуб на пратенички, достигнувања и приоритети”. На 27.07.2017 се одржа вториот состанок, стои во објаснувањето во фактографскиот преглед.

Инаку, во фактографскиот преглед објавен од страна на Владата, се наведува дека Клубот, во рамки на своите надлежности, реагирал и го осудил дискриминаторскиот однос кон жените-учеснички на Меѓународниот атлетски маратон во Охрид, на кој наградите за жените натпреварувачки, беа пониски од оние за мажите натпреварувачи.

Реакцијата ја пренесоа и дел од медиумите во земјава.

Ова е скандалозно газење на Законот за еднакви можности на жените и мажите и јавно понижување и деградирање на женскиот род. Го повикуваме Атлетскиот сојуз на Република Македонија, како организатор, јавно да се извини и да обезбеди еднаков третман на сите натпреварувачи, со еднакви награди за сите победници, соопшти Клубот на пратенички во Собранието на РМ, јави порталот А1 он.

Исто така, како што објави Владата, во текот на месец август, Клубот работел на изготвување на Предлог – Декларација за вклучување на повеќе жени градоначалнички во Република Македонија. На 21-22 септември, клубот одржал работилница на тема: „Градиме мостови на разбирање” на која учествувале членки на Клубот на пратенички на Собранието.

Веста беше пренесена и на официјалната веб – страница на Собранието.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето: „Реактивирање на Клубот на жени пратенички“, содржано во акцискиот  План „3-6-9“ , е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција