Реализацијата на судските постапки по обвиненијата на СЈО зависи од судовите

Катица Јанева. фото: скриншот

 

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева даде изјава која ја оценуваме како вистина:

Специјалното обвинителство, да не почнам од тоа како беше формирано, е само орган кој гони. Одговорност за разрешница на предметите треба да се бара во судовите. Сите наши предмети кои се оформени, се предадени на 1 јуни 2017 година. Оттогаш поминаа, еве веќе две години. Да не кажам дека имаме и обвинителни предлози од 2016 од 15-ти септември, кои се уште немаат првостепени одлуки. Вината за тие работи треба да ја барате во судовите

[Извор: Алсат ТВ\Youtube, изјава на Катица Јанева – датум, 14.05.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Катица Јанева, специјалната обвинителка, е одговор на новинарско прашање како ќе го заврши својот мандат, во смисла дека има многу процеси, а многу малку разрешници, и нејзиниот одговор го оценуваме како вистина.

На 29 мај 2017 година, согласно рокот определен во Законот за СЈО, 18 месеци, т.е. 1-ви јуни 2017 година, ова обвинителство предаде 17 подигнати обвиненија, а со претходно предадени три, вкупно беа дваесетина подигнати обвиненија, за нешто поголем број предмети кои ги работеше во предистрагите и истрагите (некои беа споени во еден предмет), откако ефективно ги прими незаконски прислушуваните материјали на крајот од декември 2015 година.

Со предадените обвиненија беа опфатени 97 физички и 7 правни лица, а по предавањето Јанева изјави дека очекува прифаќање и итно делување на судовите затоа што за повеќе опфатени лица беше барана и мерката притвор.

Со исклучок на мал број од предметите кои беа опструирани од обвинетите со нивното бегство (Грујовски, Груевски, Бошковски…), непојавувањето извесно време на Сеад Кочан,  неколку реално оправдани здравствени проблеми завршени со хируршки пат, паузите на судењето за „Тенк“ на Гордана Јанкуловска (поради нејзиното бебе), во голем дел од случаите речиси и да нема никакво објективно оправдување за спороста на судовите. Па дури ни големината на доказите и вештачењата, како што е тоа случај со предметот за поранешниот градоначалник на Битола и обвиненијата за злоупотреби во врска со набавките за јавен превоз за учениците. Впрочем, дека судот може да биде ефикасен се покажа со исклучитлено сложениот предмет поврзан со настаните од „крвавиот четврток“ (27.04.2017).

Јанева и во оваа изјава повтори дека судот треба да утврди дали лицата што не се појавуваат на судењето се навистина оправдано отсутни, т.е. дали биле навистина болни.

Впрочем, ако се погледнат вестите од 15.05.2019, ден по изјавата на Јанева што ја оценуваме, ќе се забележи нелогичност – во ист кривичен суд, судска постапка е одложена, затоа што едно исто обвинето лице, Миле Јанакиески треба во исто време да се појави во два судски процеса!?

Оттаму, јавноста со право се прашува, има ли воопшто координација меѓу судии од исти судови и дали и кој би одговарал за ненаменско трошење финансиски средства со пролонгирање на закажаните рочишта, иако суштината не е во потрошените буџетски пари:

Не е познато дали судиите од Основниот суд Скопје 1 комуницираат на колегиум за поклопувањето на термините поради што доцни правдата и се трошат буџетски средства со развлекувањe на судските процеси на ваков начин и што презема претседателот на судот Иван Џолев за ваквата судска неефикасност. (Извор: СДК, датум 15.05.2019).

Како што напоменува цитираниот медиум, одложувањето на процесот за случајот познат како „Шамарите во Општина Центар“, е всушност, најстариот предмет предаден во судот од страна на СЈО.

СЈО и во своите извештаи и во други јавни настапи на специјалната обвинителка или на другите обвинители и обвинителки што работат во СЈО, настојува да се интензивира работата на судовите во постапките. Последен обид беше направен вчера од страна на обвинителката Фатиме Фетаи која му предложи на судот да сослушува повеќе сведоци на едно рочиште за случајот „Монструм“, кој како предмет го презеде СЈО.

Оттука, изјавата на Јанева дека за реализацијата на предметите одговорот треба да се бара кај судовите, ја оценуваме како вистина.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција