Реализиран проектот за фискални каси со ГПРС

Старите фискални каси заменети со нови апарати со ГПРС уред Фото: Принтскрин

Во претходниот мандат се создаде правна основа за (GPRS) ГПРС-поврзување на УЈП со обврзниците за регистрирање готовински промет. Целта на воспоставувањето на постојана електронска комуникација на деловните објекти на даночните обврзници со УЈП и следењето на готовинскиот промет во реално време е да придонесе кон унапредување на веќе воспоставениот систем на контрола за целите на регистрирање на готовински плаќања. Со тоа се влијае на подобрувањето на фискалната дисциплина кај даночните обврзници и помала потреба од контроли од страна на УЈП. Во следниот период ќе се спроведе инсталирањето на интегрираниот автоматски систем за управување, и тоа:
од 1 јуни 2014 до 31 јули 2014 година, за даночни обврзници чиј промет во претходната година надминува 10.000.000 денари, за даночни обврзници кои вршат угостителска дејност и за даночни обврзници кои вршат промет на нафтени деривати на мало (бензиски пумпи) и

од 1 јуни 2014 до 31 октомври 2014 година, за сите други даночни обврзници.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Проектот за ГПРС поврзување на УЈП со обврзниците за регистрирање готовински промет е исполнето ветување, дадено во изборната програма „Проверено“ (стр.21), со којашто ВМРО-ДПМНЕ излезе на предвремените  парламентарни избори 2014 година.

Новиот интегриран систем, на 12.08.2014 година го најави директорот на УЈП, Горан Трајковски.

Подобрување во делот на борбата со сивата економија, поради тоа што сите надворешни контроли кои сега сме ги правеле, еден ваков интегриран систем на следење на готовинските плаќања во РМ, ќе овозможи креирање на многу подобри алатки и методи во борбата со сивата економија, бидејќи од едно место во едне момент буквално гледате што се случува во цела Република Македонија, објасни директорот на УЈП, Горан Трајковски.

Претходно, на 04.08.2014 година, стапија во сила измените на Законот за фискализација.

Сите правни субјекти кои се вклучени во прометот на стока и услуги ќе мораат досегашните фискални каси да ги заменат со нови. На тоа ги обврзуваат измените во законот за фискализација што започнаа да важат од 4 август.

На 27.01.2015 година беше објавено дека истекува рокот за воведување фискални каси со ГПРС.

Неделава истекува рокот за воведување нови фискални апарати со ГПРС уред, преку кои даночните обврзници ќе бидат електронски поврзани со серверот на Управата за јавни приходи. На терен, голем дел од компаниите ја завршиле обврската, но има и такви кои се уште не се опремиле.

Овој проект како завршен е нотиран и во Отчетот  (стр.21) на ВМРО-ДПМНЕ за реализација на програмата на партијата до 2016 година.

Реализиран е проектот GPRS во фискализацијата. Воведувањето на GPRS-систем во фискализацијата овозможува следење на готовинските плаќања и прометот во реално време (on-line). На тој начин се заштитуваат потрошувачите, се намалува времето на обврзниците за исполнување на обврските пред даночниот орган и се намалуваат теренските контроли за фискализација. GPRS-системот овозможува зголемување на ефикасноста на УЈП.

Имајќи го предвид сето ова, како и роковите зададени во Изборната програма, може да се каже дека ова ветување е исполнето со мало задоцнување (два месеца).

 

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Ана Анастасавска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.