РЕБАЛАНС НА БУЏЕТ: Чергата кратка, трошоците големи!

Настрадаа капиталните инвестиции. Фото: Hans Braxmeier/Pixabay

 

Новиот министер за финансии Кирил Миновски ги продолжи досегашните политики на нетранспарентност и трошење без покритие. Повторно буџетскиот дефицит се зголемува…

 

Пишува: Анета Додевска

 

Капиталните инвестиции настрадаа.  Владата ги намали за скоро 50 милиони евра. Но, пари за плати, пензии, субвениции ќе има. Економскиот раст е речиси преполовен, но буџетскиот дефицит е продлабочен – на повидок нови задолжувања за финансирање и на новите испорачани ветувања. Економистите за неделната економска анализа на Порталб.мк оценуваат дека Владата стокми уште еден нетранспарентен Буџет, кој е во насока на купување и поддршка на гласачи.

 

ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ ПАЃА, ДОЛГОВИТЕ ЌЕ РАСТАТ!

Новиот министер за финансии Кирил Миновски ги продолжи досегашните политики на нетранспарентност и трошење без покритие. Повторно буџетскиот дефицит се зголемува, а според најавите на Владата и таргетите во фискалните документи, тој требаше да се намалува, односно консолидира, коментираат дел од економистите. Со ребалансот, буџетскиот дефицит од 3,2% се зголемува на 3,6% или за околу 34 милиони евра.

Јазот меѓу приходите и расходите, односно продлабочувањето на буџетскиот дефицит не е ништо ново за оваа владеачка гарнитура. Тие до сега покажаат дека се пристрасни кон дефицитот, и до сега не успеаја да го испочитуваат она што го планираа како буџетски дефицит. Тој редовно се надминува, но изостанува објаснувањето зошто тој се троши, односно каде завршуваат позајмените пари што се враќаат со камата“ – вели за Порталб.мк Марјан Николов од Центарот за економски анализи.

Според новите буџетски позиции, економскиот раст се топи. Имено, од 4%, сега, со новата прогноза тој годинава ќе изнесува 2,3%.

Ако се направи споредбена анализа, односно ако од една страна Владата вели дека  економскиот раст  ќе забави, што значи дека ќе има и помали приходи во Буџетот а од друга проектирала дека ќе го зголеми буџетскиот дефицит, тоа значи дека долгот на земјата ќе се зголемува“, коментираат економисти за Порталб.мк

Со објавениот ребаланс се крати и на приходната и на расходната страна, каде „настрадаа“ капиталните инвестиции. Имено ставката за капитални раходи се намалува за скоро 50 милиони евра. Дел до економистите потсетуваат дека оваа ставка, која е носител на развојната компонента на Буџетот се крати во моменти кога капиталните инвестиции се на ниско ниво, односно заклучно со април нивната реализација изнесува 16 отсто.

Ова е апсолутно еден нетранспарентен Буџет, односно и новиот министер за финансии продолжува со нетранспарентноста во донесувањето на ребалансот на Буџетот. Не се познати претпоставките односно економските причини поради кои се прават овие нови проекции. Никаде немаше било каква дискусија за тоа. Ние само знаеме дека е направена значителна промена во структурата на раходната страна во смисла на тоа дека има намалување на капиталните иневстиции кои глеадно низ годините наназат имаа реализација меѓу 60 до 70 отсто“, вели економистот Николов.

Според министерот за финасии Кирил Миновски, кој го објави ребалансот во доцните вечерни часови во петокот, со новиот распоред на парите ќе се сервисираат сите функции на економијата.

 

„Како резултат на промените во растот на бруто општествениот производ неопходно беше да се изврши и соодветна промена на проекциите на вкупните пригоди и вкупните расходи. На приходната страна имаме намалување на проекциите за околу 2% или во апсолутен износ за три милијарди денари, а расходите за 804 милиони денари во однос на проектираното  изјави министерот Миновски и вели дека и покрај  кратењето на капиталните расходи Владата нема да се откажела од државните инвестиции, а нивната намалена реализација оцени дека била последица на најавените, а потоа одложени избори.

 

ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА МЕЃУ СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ

Ребалансот на Буџетот 2016 година  извесно е дека ќе заврши во Собрание, но без опозициските пратеници. По одлуката на СДСМ времено да ги замрзне пратеничките мадати, а со тоа да не учествува во работата на парламенотот и телата, овој ребаланс ќе се усвојува без присуство на најголемата опозициска партија. Од таму велат дека новиот министер за финансии Кирил Миновски, ставајќи потпис на овој ребаланс, практично станал соучесник во погубните економски политики на власта.

Соопшувањето на основните параметри на предлог ребалансот на Буџетот за 2016 е нешто што неможе сериозно економски да се коментира. Човекот за кој издавањето на Евробврзница  е  нешто како банкарска гаранција во Народна банка, свеж капитал и нешто со кое ќе се зголемела приватната потрошувачка, треба сериозно да се преиспита на што се нафатил и каде седнал на функција“ вели за Порталб.мк доскорешниот дополнителен заманик  министер за финансии Кире Наумов и додава:

Само некој кој се нафатил слепо да го спасува својот шеф Груевски може ладно да изјави дека со ребалансот предлага кратење на капиталните инвестиции а истовремено зголемување на буџетскиот дефицит. Со неколкуте стотици милиони евра кои ги планира груевски, тој сака на момент да се спаси истурајќи ги клиентелистички во предизборието кое следува. Со нов долг на грбот на граѓаните тој сака да се обиде да и избега на правдата. Миновски треба да знае дека само со предлагањето на ребалансот веќе станува соучесник.

Министерот Миновски не кажа дека ќе има застој на капиталните инвестиции, а единствен виновник за состојбата во земјава е опозициската СДСМ, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку Кире Наумов знаеше економија и Еврообврзницата се издадеше на предвидената сума во декември, државата ќе дојдеше до дополнителни средства во многу поповолни услови. Но и Кире Наумов како и сите во СДСМ со своите обиди за блокирање на нормалното функционирање на Македонија, направиле само штета. Со креирањето на политичката криза и бегството на СДСМ од избори се оневозможува реализацијата на капиталните инвестиции“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ од каде посочија дека  министерот Миноски соопшти дека ниту еден капитален проект нема да запре.

Ќе продолжи изградбата и на автопати и на регионални и локални патишта, и на железницата. Ќе продолжат изградбите на нови училишта, работата на гасификацијата, инвестициите во здравството и земјоделието. Миноски вчера соопшти дека капиталните расходи но и даночните приходи остануваат на повисоко ниво во споредба со минатата година, сметаат  од владеачката партија.

Инаку, од 1 јули Владата најави ново зголемување на социјалните надоместоци, а веќе го промовираше и проектот „Македонија вработува 2“ за кој треба да се обезбедат пари со ребаланс на буџетот. Дел од економистите сметаат дека Владата и натаму води политика која генерира нови задолжувања, и среднорочно може да биде доведена во прашање кондицијата на земјата невреме да ги сервисира обврските.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција