Потврдено е дека соседите на Македонија немале право да го задржат Груевски

Рената Дескоска. Фото: Министерство за правда/вебсајт

Дескоска го потврди она што во повеќе прилики го говореа политичари и официјални лица од Албанија, Црна Гора и Србија, но и домашната јавност – дека пребеганиот експремиер Никола Груевски во моментот на бегството не бил баран со меѓународна потерница и дека тоа е основната причина зошто тие земји немале право да го задржат

 

Министерската за правда, Рената Дескоска, во контекст на барањата на Македонија за екстрадиција на обвинетите и осудените по предметите што ги води СЈО, ја даде следната виистинита изјава за осудениот Никола Груевски, експремиер:

Изјава: Како правник можам да кажам дека секоја институција дејствува врз основа на определени правни акти и на механизми кои функционираат. Ако немало во моментот меѓународна потерница, а како што знаеме немало, тогаш и тие држави немале обврски да делуваат

[Извор: Нетпрес – Дескоска: Соседните држави немаа…, датум: 17.12.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Дескоска го потврди она што во повеќе прилики го говореа политичари и официјални лица од Албанија, Црна Гора и Србија, но и домашната јавност – дека пребеганиот експремиер Никола Груевски во моментот на бегството не бил баран со меѓународна потерница и дека тоа е основната причина зошто тие земји немале право да го задржат.

Да потсетиме, Никола Груевски имаше правосилна пресуда за казна од две години затвор врз основа на судски процес за случајот „Тенк“ (мерцедесот набавен од МВР) и требаше да се упати на издржување на казната по добивањето на известувањето за упатување во затвор на 9-ти ноември.

Откако ни преку викендот, ниту во понеделникот на адресата каде што е пријавен дека живее не го најдоа, властите и јавноста сфатија дека Груевски е во бегство, па почнаа сите тие перипетии околу потрагата – дали е сè уште во Македонија и како избегал. Откако многу брзо молкот го прекина самиот Груевски, а новинарите од регионот почнаа да вадат детали каква му била рутата, кој датум и каде бил виден и со кого, во еден момент од највиско место, од претседателот на Владата на РМ, беше истакнато прашањето, како тоа од четири земји каде се движел Груевски, а три се во НАТО, никој не го задржал?

Конкретно, изјавата на премиерот Зоран Заев беше следна:

Јас сум информиран од МВР и знам досега до каде се стигнати работите и верувам дека во многу брзо време на јавноста ќе ѝ бидат соопштени деталите што се случувало во Република Македонија, бидејќи знаеме што се случувало во Албанија, Црна Гора, Србија и во Унгарија. Останува прашањето како тоа наши пријатели, четири земји, тоа го дозволиле и секако останува прашањето како тоа три земји членки на НАТО, демонстрирајќи владение на правото, го кажувам тоа под наводници, во време кога македонското општество, македонскиот парламент сериозно е фокусиран заради огромната инспирација со право да се биде членка на ЕУ и НАТО, токму тоа се случува. (Извор: Вечер)

Според досега сите расположливи податоци, Никола Груевски ја напуштил Република Македонија на 11.11.2018 година. Тој во Унгарија, исто така, според сите расположливи податоци во медиумите влегол помеѓу 12-ти и 13-ти 11. 2018 година. Домашната потерница, според медиумите, е распишана попладнето на 12.11.2018 година, а меѓународата потерница по Никола Груевски од МВР на РМ, беше распишана на 13-ти во вториот дел од денот, исто така, според јавувањата на медиумите.

Оттука, изјавата на министерката за правда во Владата на РМ, Рената Дескоска, ја оценуваме како вистина, со која на еден начин, барем со три од овие четири земји кои се споменууваат околу бегствтото на Груевски, формално се разјаснуваат работите.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција