Рената Тренеска Десковска: Министерка растена во дворот на политиката

Фото: vlada.mk

Таткото на актуелната министерка за правда беше долго време во политиката. Неговата ќерка се мислела меѓу математиката и правото, дури и влечела ждрепка, потоа меѓу обрзованието и политиката. Сега, кога треба да ги вади „жешките костени“ од политичката криза, веројатно, тагува за амфитеатрите…

 

Таткото на актуелната министерка за правда беше долго време во политиката. Неговата ќерка се мислела меѓу математиката и правото, дури и влечела ждрепка, потоа меѓу обрзованието и политиката. Сега, кога треба да ги вади „жешките костени“ од политичката криза, веројатно, тагува за амфитеатрите…

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Оние новинари кои ги паметат комуникациските релации на поранешниот ЦК на СКМ со медиумите, тогаш помалубројни, секако се сеќаваат на неодминливиот функционер Борче Тренески, кој работеше во секторот за информирање. И по промената на името на организацијата – партијата, која денес е нели СДСМ, тој остана во таа сфера. Меѓу другото, беше и прв претседател на Управниот одбор на МИА, новооснованата Македонската информативна агенција (денес Медиумска информативна агенција), а едно време и директор на Службен весник на РМ. Некаде стои запишано дека во 1991 година бил назначен од Владата за времен претседател на Општина Тетово, во траење од десет месеци (февруари – ноември), додека  не се средат кадровските проблеми во неа.

Борче Тренески е татко на актуелната министерка за правда, пред последната реконструкција на Владата и министерка за образование и показател дека „крушката под крушка паѓа“, иако секако е горд што неговата прва ќерка и ги надминува позициите што тој самиот ги имал во политиката.

За волја на вистината, оваа професорка на Правниот факултет во областа на уставното право и писателка со завиден список на изданија, во едно интервју вели дека најмалку ужива во политиката, но дека ја прифаќа како ангажман заради обврската дека секој, согласно на своите способности, треба да даде свој прилог во средување на државните работи.

Рената Тренеска Десковска (на 3 мај ќе полни 47 години), чие детство и младост минува во знакот на забележителниот успех во образованието, дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 1994 година со просечен успех 9,55. Дури и се сеќава на неколкуте предмети за кои не добила највисока оценка. Постдипломски студии завршила со просечен успех 10,00 и магистрирала на тема „Типови извршна власт” во 1997 година на Правниот факултет во Скопје. Докторирала на Правниот факултет во Љубљана во 2002 година, каде ја одбранила дисертацијата на тема „Конституционализмот, уставите и човековите права, со посебен осврт на Република Македонија“, со што се стекнала со назив доктор по правни науки. Од 2012 година е избрана за редовен професор на научната област уставно право и политички систем, на Правниот факултет во Скопје.

Зборувајќи за студентските денови и дружењето со колегите, во едно интервју таа ќе каже:

Во тоа време на Правниот факултет се запишуваа околу 200 студенти во генерација, а во рок стасавме до крај на студии околу 80 студенти. Речиси сите се знаевме и се дружевме. За време на студиите го запознав мојот сегашен сопруг Тони Дескоски, кој поради воениот рок што се служеше во тоа време, студираше со мене. Излегувавме, учевме заедно во читалница, дебатиравме жестоко за политика… Јас го носев на театар – немаше претстава што ја немавме гледано. Тој ме носеше на концерти, на опера… Излегувавме во „Пони клуб“, каде што еден наш колега беше диџеј, во „Мондријан, МЦМ…

Дескоска вели дека уживала во сите „улоги“ што ги имала, како студентка, подоцна асистентка и како професорка на Правниот факултет.

Секоја си има своја убавина. Порелаксирано ми беше во улогата на професор откако ги завршив големите обврски, како полагање испити, магистрирање и докторирање. Најтешко ми падна улогата министер. Целосно ме исцрпува и не ме прави среќна зашто опфаќа многу административни, некреативни, технички задачи.Единственото нешто што ме држи во политиката е можноста да правам работи што ќе имаат влијание врз многу луѓе и се надевам дека ќе им го подобрат животот  – признава таа.

Малкумина знаат дека актуелната министерка за правда е позната и на книжевната сцена, Тренеска дебитирала во 1991 година, со драмата „Бермудски триаголник“, објавен во едицијата „Алфа“ на Книжевната младина на Македонија. Во 1991 година ја објавила нејзината втора книга, збирката поезија „Лотосова метаморфоза“, во издание на „Студентски збор“ од Скопје. Во 1992 година, таа ја објавила втората збирка поезија „Сепак возможно“, повторно во издание на „Студентски збор“, додека во 1996 година ја објавила новелата „Сепа“ во издание на издавачката куќа „Матица Македонска“.

Но, кај нас политиката е секогаш доминантна кога би се говорело за привлекувањето на вниманието на луѓето. Оттаму, Рената Тренеска Десковска е најпозната во нашата јавност според своите политички ангажмани. За пратеник во Собранието  е избрана на изборите во 2014 и во 2016 година. Потпретседател на Собранието била од септември 2015 до декември 2016 година. Таа е член на Парламентарното собрание на Советот на Европа од септември 2015 година. Исто така, од оваа позиција добива и повремени пошироки ангажмани, надвор од земјава, па така во септември 2015 година била избрана за шеф на делегацијата на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ и за член на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Покрај тоа, таа била и член на ад-хок комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за набљудување на парламентарните избори во Бугарија од 26 март 2017 година, како и член на ад-хок комисијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските избори во Србија од 2 април 2017 година. Потоа, на парламентарните избори во 2016, Дескоска беше на врвот на листата на СДСМ во првата изборна единица (на второ место), каде партијата победила со 10 освоени мандати од вкупно 20. На 1 јуни 2017 година, таа стапила на функцијата министер за образование и наука како дел од Владата на Зоран Заев, но на 4 јуни 2018 година таа била избрана за министерка за правда.

Кога дошла во кабинетот на министерот за образование наследила многу проблеми. Еден од оние беше и реформата на високото образование (да се сетиме само на демонстрациите на студентите, кои практично беа вовед во „шарената револуција“). Потоа тука беше и т.н. образование по Кембриџ за основците, што предизвика големи контроверзии и дополнителни трошоци и на семејните буџети и на државата.

Добив писмо од Кембриџ Интернешнал во кое ме информираа дека и во 2016 година изразиле загриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта и со начинот на избор на учебниците. Кембриџ предупредувал дека за реформи во средното образование треба повеќе време и укажуваат дека е многу веројатно дека Кембриџ нема да може да почне од септември 2017 година. Дури и предлагале одложување за деветто одделение. Според нив, потребно е време од девет месеци до две години за адаптација на учебниците. Претходната Влада ги игнорирала сите предупредувања од Кембриџ – откри Десковска на прес-конференцијата по повод 100 дена од формирањето на Владата

Она што ја дочека оваа владина функционерка на новата позиција – прв човек во Министерството за правда секако не се споредува со сè што претходноно работела. Реформите во областа на правосудството се практично дел од нејзиниот ареал, а тие пак, се суштествени за добивање „зелено светло“ за почеток на преговорите со ЕУ во јуни годинава. Тука, пред сè е битно усвојувањето на Законот за јавно обвинителство, кој треба да мине во Парламентот со двотретинско мнозинство. Со него, како што е познато, треба да се уреди и иднината на СЈО.

Сите политичари во наредниот период да го помогнат процесот на преговори за обезбедување двотретинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство кој е значаен за евроинтеграциските процеси на нашата држава, апелираше неодамна министерката за правда, по долгите и главно бесконечни преговори по ова прашање, соочена со уцените на некои од партиите учесници во нив.

Таа како главен камен на сопнување околу амандманите на ВМРО-ДПМНЕ ги посочи тие што се однесуваат на статусот на СЈО и доказните средства кои се прибрани во веќе започнатите постапки на СЈО. Но, министерката нема проблем само со преговорите, бидејќи дури и тие да завршат, хипотетички со некаков заклучок, пред неа, односно пред Владата како предлагач на споменатиот закон, стои и ставот на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој смета дека не треба да има собраниски активности додека траат претседателските избори. Што, пак, може да биде доцна за усвојување на Законот, а со тоа и за нашето „фаќање на европскиот воз“.

Она што ја издвојува оваа министерка од другите е секако фактот дека таа и нејзиниот сопруг доста често имаат различни политички ставови по многу крупни прашања.

Нејзиниот сопруг, на пример,  покажува скепса околу Преспанскиот договор (!).

Договорот од Преспа е потпишан, но сè уште нема промена во однесувањето и тонот на Хеленската Република кон Македонија. Ние сме сè уште вештачка и измислена Македонска нација“’ според нив. Всушност никој од наша страна никогаш не се пожалил на оваа навредлива изјава, се вели во една реакција на професорот Дескоски од 19.07.2018 г.

Инаку, тој како специјалност ја има областа на меѓународната арбитража, а врв на неговата кариера секако ќе остане тужбата во Судот во Хаг  против Република Грција заради кршење на Времената спогодба потпишана меѓу двете земји во 1995 година. (Само да потсетиме дека на 17 ноември 2008 година, Република Македонија покрена постапка пред Меѓународниот суд на правдата, барајќи Судот да пресуди и да утврди дека Грција се противела на поканата за членство во НАТО на Македонија и така ги прекршила своите обврски според Времената спогодба. Пресудата на Судот беше донесена на 5 декември 2011 година).

Кога говориме за семејството на Тренеска Десковска, да укажеме дека таа ги демантираше некои опозициски медиуми дека вон работно време користи службено возило „мерцедес“ за партиски активности, бидејќи Министерството за правда нема возила од таа марка. Истакна дека се работи за приватно возило. Инаку во имотниот лист таа, исто така, нема  толку скапо визило, што не значи дека не можел било кој да ја одвезе приватно на митинг. Во нејзиниот имотен лист  таа ги пријавила автомобилот на нејзиниот сопруг „даеву ланос“ од 2000 година, потоа заедничката „мазда 6“ од 2007 година, семеен накит во вредност нешто под 10.000 евра, како и неколку трансакциски сметки во нејзина и во сопственост на сопругот.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.