Реновирана е Железничката станица во Скопје

Реконструкцијата на Железничката станица во Скопје ги опфати и шесте перони Фото: Скриншот

 

Во рамките на овој проект ќе се рехабилитира железничката станица во Скопје согласно најдобрите искуства на Европската Унија, вклучувајќи и подобрување на пристапноста на патниците, имајќи ги предвид и патниците со посебни потреби, како и подобрување на сигурноста и безбедноста преку модернизација на системите за сигнализација и информирање. Проектот ќе се финансира со ИПА средства. (Буџет: проценета вредност 2.600.000 евра  Р О К : 2 0 1 4 – 2 0 1 5 година)

 

ООБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Реконструкцијата на Железничката станица во Скопје, којашто ВМРО-ДПМНЕ  ја вети  пред пет години е завршена. Владејачката партија овој проект за првпат го најави во предизборието за време на предвремените парламентарни избори  во 2011 година, а откако не успеа да го реализира во мандатот (2011 – 2014 година), истоиот проект   потвторно го вети во Програмата „Проверено“ (стр.69), со која излезе на вонредните парламентарни избори во април 2014 година.

Доскорешниот премиер, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, стартот на реконструкцијта на Скопската железничка станица го најави во февруари 2014 година и работите требaше да почнат за време на изборниот период ( март – април 2014 година).

Подготовките за нејзино реконструирање се во завршна фаза, се работи на евалуација на доставените понуди која би требало да заврши до крајот на месецов. Кон крајот на март или во април треба да започне темелната реконструкција која е прва откако е направена станица, рече  тогаш  Груевски.

Реновирањето на Железничката станица  започна во јуни 2014 година ( два месеца по изборите кои се одржаа во април). Проектната документација за зафатот ја изработи холандски „Гронтмеј“ (Grontmij). За изведувачи на градежните работи  беа избрани домашните фирми „Инком Инженеринг“, „Бонор Инженеринг“ и „Глобоцки“. Надзорот над изведбата на реконструкцијата ѝ е доверен  на италијанската „АРС Проџети.“ (ARS Progetti SpA). Спред тогашните прогнози,  санацијата  требаше да заврши најдоцна до 15 април 2015 година.

Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Ирфан Асани тогаш изјави:

Преку ИПА програмата, се реконструира дел од Железничката станица во Скопје. Реконструкцијата е веќе започната. Ќе бидат поставени два нови лифтови кои од приземјето ќе водат до платформите кај пероните. Исто така ќе се реновираат и пероните, тие ќе бидат поткренати за 20 сантиметри нагоре, а ќе имаат и нова подлога од плочки. Железничката станица ќе добие нов електричен систем, граѓаните ќе можат билетите да ги купуваат електронски, чекалните ќе добијат нов лик, а патниците ќе можат полесно да се информираат за редот на возовите…

Во јули 2015 година беше соопштено дека реконструкцијата  е во завршна фаза и дека Железничката станица  во Скопје наскоро ќе добие нов изглед. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски тогаш изјави:

Ефективно се работи на објектот, постојано има дополнителни работници и очекувам дека за три-четири месеци  комплетно ќе биде рехабилитирана Железничката станица.

А, директорот на МЖ Инфраструктура, Ирфан Асани во таа прилика информираше дека:

 Два перона се целосно направени, се работи на третиот перон, лифтовите се 90 проценти завршени. Дел од санитарните јазли, на северната страна, се 100 проценти завршени, а во другите делови 90 проценти. Се работи и на електричните и климатизациските инсталации кои се завршени околу 80 проценти. Има ново варосување, а потоа и целосно чистење.

Реконструкцијата финишираше есента 2015 година.

На лице место може да се увиди дека е завршена санацијата на сите шест перони, поставени се новите лифтови и ескалатори, променети се влезните врати, реконструирани се сите станични тоалети, а нов лик доби и чекалната. Во рамки на зданието е поставен нов противпожарен систем, целосно е санирана инсталацијата, меѓу кои електриката и климатизацијата. Покривната конструкција на објектот е офарбана, а воедно треба да се постават фотонапонски панели на покривот од кои делумно ќе се произведува потребната електрична енергија за станицата.

Така што, изборното ветување:  „РЕХАБИЛИТАЦИЈА И НАДГРАДБА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ“,  се оценува како исполнето

Инаку, во ноември  минатата година Груевски (кој тогаш сè уште беше премиер) при посетата на железничката станица во Велес , се пофали дека:

Скопската железничка станица е веќе реновирана (од 0,52 до 0,54 минута од видеото).

Медиумите објавија и фотографии од реконструираната Железничка станица. Но, иако, имаше најави за нејзино свечено отворање, сепак, со пребарување  на Гугл и на македонските агрегатори на вести, не може да се најде информација за таков настан. Останува нејасно зошто реконструираната ЖС во Скопје не е свечено отворена.

 

*Забелешка

Ова  ветување Вистиномер првпат го анализираше во април  2014 година (како проект од изборната Програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011-2015) „Манифест за реформи и развој стр.80), и тогаш беше оценето како „неисполнето“

 ЛИНКОВИ:

  • Извор: Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) ( Железнички сообраќај  и  инфраструктура, стр.69) [Пристапено на: 20.03.2016]

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција