Рецензија: Хан: Опозицијата да се врати во парламентот и да се формира парламентарна група

Firefox_Screenshot_2015-02-22T22-27-55.624Z

 

Селективност, селективност, селективност, селективност……

 

 

 

Firefox_Screenshot_2015-02-22T22-28-19.464ZЛинк до оригиналниот напис: Хан: Опозицијата да се врати во парламентот и да се формира парламентарна група

 

 

Датум и време на објавување: 18.02.2015 18:30

 

Датум на рецензирање: 21.02.2015

 

Рецензент: Владимир Мирчески

 

 

ИЗЈАВА „ИЗРЕЖАНА“ СПОРЕД НЕЧИЈА МЕРКА

 

Има една поговорка која ја користат соседите, за која баш и нема најсоодветен превод на македонски јазик, а оди вака „Што се баби хтило, то јој се и снило“. Значи, тоа што некому му се сакало така и излегло – субјективно, а не врз основа на објективните чинители. Материјалот в рака не е многу сложен, имаме изјава на еврокомесарот за проширување која всушност е само еден дел од неговото целосно интервју дадено за „Радио Слободна Европа“. Овој медиум реши да го „изрекламира“ екслузивното интервју со тоа што понуди еден кус сегмент и до другите медиуми, секако оние кои беа расположени да го преземат. Делот што „Радио Слободна Европа“, пред да го објави целото интервју, го сподели е следниот:


 

„Ние ги повикуваме сите страни да го решат овој проблем. Оние кои ги имаат материјалите треба целосно да ги откријат и сите се добро советувани да ја остават работата на процедурата согласно владеење на правото. И да се справат со тоа на адекватен начин, како што се очекува од земја со европска перспектива“.

„Ова е нешто многу сериозно и уште еднаш мојата препорака е дека работите треба да бидат разјаснети и истражени од оние луѓе кои правно се задолжени за таква процедура. Но, доколку е неопходно исто така треба да има, како што е вообичаено во многу земји, според политичката пракса да има комитет во Парламентот кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во Парламентот. Ова е уште една добра причина и затоа има многу смисла сите политички партии да се во Парламентот и политичкиот дијалог да се одвива во Парламентот“.


 

 Но, она што го објави конкретниот медиум беше само вториот дел од настапот на Јоханес Хан:

 „Ова е навистина (МНОГУ) сериозно прашање. Мојата препорака е дека работите треба да се расчистат и истражат од лицата надлежни за тоа, но во една легална постапка, но ако е потребно како и во некои други земји, според политичката пракса да има комитет во Парламентот кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во Парламентот. Ова е уште една добра причина и затоа има многу смисол сите политички партии да се во Парламентот и политичкиот дијалог да се одвива во него“.

 

Во пренесениот дел, кој е релативно коректно преведен, недостасува и квалификацијата МНОГУ. Но, она што најмногу загрижува е комплетното отсуство на првиот сегмент од настапот на еврокоемсарот во кој тој јасно повикува на објавување на сите прислушувани материјали кои се поседуваат. Со тоа тој бездруго и дава одврзани раце на опозицијата да продолжи со обзнанувањето на инкриминирачките снимки кои, како што тврди опозициското раководство, покажува државен монструм од невидени размери. Дополнително, еврокомесарот повикува и на целосно владеење на правото нешто, што секако, исто така отуствува во неговата изјава објавена на овој медиуми која е скроена по нечија мерка. Чија? – Не би сакале да судиме!!!

Нешто што не смее да се изгуби од вид е фактот дека истиот ден кога овој медиум, на свој начин, ја објавува изјавата на Јоханес Хан (доцна попладнето според часовникот на интернет-страницата), кабинетот на еврокомесарот излезе со соопштение (не подоцна од пладне) во кое се уште позасилени неговите пораки до одговорните во земјава. Но, ова негово соопштение воопшто не се споменува, иако е клучно за публиката да ја увиди перцепцијата на Брисел за политичката ситуација и правецот во кој треба да се бара можниот излез:

 


 

„Комесарот Хан повтори дека владеењето на правото, основните човекови права и слободата на медиумите се сржта на процесот на пристапување кон ЕУ и тие не се подложни на дебата. Во оваа насока, тој ја изрази својата длабока загриженост за пријавеното следење на илјадници граѓани и повика на целосна истрага. Тој повика која било истрага да биде спроведена со целосно почитување на принципите на независност, презумпција на невиност, транспарентност, одвоеност на надлежностите и судската независност…..“

 


 

 

Значи, селективност, селективност, селективност на дело.

 

„Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите“ – вели Кодексот на новинарите.

Селективноста, најверојатно е од политички причини, нешто што се гледа и од насловната конструкција која не ја прикрива пристрасноста бидејќи го парафразира само оној дел од настапот на Јоханес Хан кој и одговара на едната страна во политичкиот судир.

Хан: Опозицијата да се врати во парламентот и да се формира парламентарна група

Заклучок: Во вистинското новинарство не треба да има место за пристап од типот „Што се баби хтило, то јој се и снило“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција