Ревитализирани шесте големи хидроцентрали

ХЕЦ „Вруток“, една од шесте хидроелектрани во кои е направена замена на електричната и хидромеханичката опрема, Фото: Скриншот

Паралелно со изградбата на новите хидроенергетски капацитети, во претстојниот период ЕЛЕМ ќе продолжи и со веќе започнатите проекти за ревитализација и модернизација на постојните енергетски капацитети. Со потпишувањето на Договорот за заем со KfW банката ги започнавме активностите за реализација на проектот за ревитализација на шесте постојни големи хидроелектрични централи: ХЕЦ Шпиље, ХЕЦ Глобочица, ХЕЦ Тиквеш, ХЕЦ Вруток и ХЕЦ Врбен. Со реализацијата на овој проект ќе го продолжиме животниот век на постојните хидроелектрични централи и нивните придружни објекти, со што ќе се зголеми сигурноста и доверливоста на произведената електрична енергија. Во исто време ќе се намалат загубите на вода и ќе се зголеми ефикасноста во работата, овозможувајќи пофлексибилно управување со целиот електроенергетски систем. Преку спроведување на предвидените зафати вкупната инсталирана моќност на хидроелектричните централи во системот на ЕЛЕМ ќе се зголеми за околу 18 MW, а се очекува дополнително производство на електрична енергија од околу 50 GWh. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 32 милиони евра. ( Буџет: во 2014 година ќе инвестираме 6.000.000 евра Рок: до јуни 2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

„Ревитализација на шесте големи хидроцентрали“ (ХЕЦ Шпиље, ХЕЦ Глобочица, ХЕЦ Тиквеш, ХЕЦ Вруток и ХЕЦ Врбен) е исполнето изборно ветување на  ВМРО-ДПМНЕ дадено за предвремените парламентарни избори во 2014 година („Проверено“ (2014 – 2018) Енергетски сектор, стр.123).  Владејачката партија првпат го најави овој проект пред пет години, во Програмата со која излезе на предвремените парламентарни избори во 2011 година, „Манифест за реформи и развој“ (стр.123), но не успеа да го реализира во мандатот 2011-2014 година.

На 31 јули 2014 година беше пуштена во употреба модернизираната хидроелектрана Вруток, со што беше означен  крајот на втората фаза од проекот за ревитализација на хидроцентралите.

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски во обраќањето по тој повод кажа:

Со овој проект, зголемена е и инсталираната моќност за дополнителни 18,3 мегавати и годишно производство на околу 50 гигават часови електрична енергија. Токму модернизацијата на ХЦ „Вруток“ е една од најзначајните сегменти. За година и половина, ревитализирани се сите четири агрегати и пропратна опрема. Придобивките се зголемена моќност со иста потрошувачка на вода, ефикасноста и продолжување на работниот век за наредните три децении.

На свеченото пуштање во употреба  министерот за економија, Беким Незири, искажувајќи  благодарност  до сите кои дале придонес за успешно реализираниот зафат, рече:

Се чувствувам горд од успешната реализација и што ваква инвестиција, во шестте електрани не е направена во изминативе дваесет години. Ова особено заради фактот што, крајна корист ќе имаат граѓаните и другите корисниците…

Во Отчетот за реализација на Програмата на ВМРО-ДОМНЕ и  коалицијата „За подобра Македонија“ 2016 година (стр.104) за  проектот: „Ревитализација на шест хидроелектрични централи – втора фаза“, пишува:

Се замени електричната и хидромеханичката опрема и се извршија некои неопходни градежни работи на шест хидроелектрични централи ХЕЦ Глобочица, ХЕЦ Тиквеш, ХЕЦ Вруток, ХЕЦ Равен, ХЕЦ Врбен и ХЕЦ Шпиље. Овие хидроелектрани претставуваат скоро 85% од вкупниот инсталиран капацитет во хидроелектраните во Македонија и учествуваат со годишно производство од скоро 1.000 до 1.500 GWh што е 15-20% од вкупното произведено количество на електрична енергија во Република Македонија. Ревитализацијата заврши во јули 2014 година и соовој проект вреден 36,6 милиони евра се продолжува работниот век на хидроцентралите за 30-35 години и ќе се зголеми инсталираната моќност за околу 18,31 MW, со што ќе се овозможи дополнително годишно производство на околу 50 GWh електрична енергија. Во рамките на реализацијата на проектот е инсталирана нова опрема која е целосно автоматизирана во процесот на производство на електрична eнергија, како и инсталација на нова опрема за контрола и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти. Во однос на активностите поврзани со Мавровските хидроелектрани заврши надвишувањето на браната Леуново, што овозможи целосно искористување на проектираниот капацитет на мавровската акумулација од 286 милиони кубни метри вода. Со овој зафат создадена е можност Мавровското езеро да прими нови 32,5 милиони кубни метри вода или количество доволно за производство на дополнителни 50 GWh електрична енергија од постојните мавровски хидроелектрани. Завршена е и реконструкцијата на Речкиот и на Шарскиот канал, со што евентуалните загуби на вода од овие објекти се сведени на минимум. Со овие зафати практично се заштитува локалното население од потенцијалните ризици при лизгање на земјиштето. Извршена е и санација на Толјанскиот тунел на најкритичните делници. Со овој зафат значително се зголемува сигурноста на самиот тунел и ќе се намалат загубите на вода.

Во рамките на проектот, ревитализирана е инјекционата завеса на браната на ХЕЦ Шпилје, а монтирана е и нова опрема за мониторинг на браните Маврово, Глобочица, Шпилје, Тиквеш, Козјак и Св. Петка.

Инаку,  втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните Вруток, Равен, Врбен, Шпилје, Глобочица и Тиквеш започна пролетта 2013 година.

 

Забелешка

Ова  ветување Вистиномер првпат го анализираше во април  2014 година (како проект од изборната Програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011-2015) „Манифест за реформи и развој стр.123), и иако  имаше значителни активности во насока на негова реализација, со оглед на тоа што тој не беше  целосно реализиран  беше оценето како „ делумно неисполнето“

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција