Ревизорските извештаи често стигнуваат во обвинителството, но ретко завршуваат на суд

Фото: Принтскрин колаж

 

 

Државниот завод за ревизија секоја година спроведува десетици ревизии на економичноста, ефикасноста и регуларноста во трошењето на јавните средства од страна на јавните институции – министерства, општини, претпријатија, установи, регулатори. Вообичаено, ревизорите констатираат низа неправилности и незаконитости при управувањето со јавните пари. Иако голем број од извештаите се процесуираат до јавното обвинителството, сепак, ретко кој од нив се покажал како доволен за судска пресуда, особено во кривичен процес.

 

Пишува Влатко Стојановски

 

Државниот завод за ревизија врши над 50 ревизии на институции и изготвува ревизорски извештаи, кои содржат технички недоследности во работењето на органот, класични прекршува на законите, пропусти и недоследности при трошењето на јавните пари. Притоа, голем број од овие ревизорски извештаи се испратени до Јавното обвинителство, кое треба да ги искористи наводите за да покрене истрага, да оформи обвинение и да поткрепи одредени основани сомневања. Меѓутоа, речиси никогаш ревизорските извештаи биле користени во рамки на кривични постапки.

Официјалните податоци од ДЗР говорат дека минатата 2017 година до обвинителството доставиле 11 извештаи за институции и еден за политичка партија. Поточно, станува збор за извештаите на: РУ Јавно приватно партнерство на локално ниво, Национален сојуз на слепите на РМ, Национален сојуз на глуви и наглуви на РМ, АД МЕПСО,  ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје, Општина Карпош, Министерство за животна средина и просторно планирање, ЈЗУ Институт за јавно здравје, Општина Кавадарци, ЈУД Детска градинка на Општина Центар 13 Ноември – Скопје, Министерство за култура и ВМРО- ДПМНЕ.

Што се однесува до 2016 година, ревизорот доставил 7 извештаи до обвинителството. Се работи за извештаите на Општина Кочани, Министерство за економија, Министерството за образование и наука, ЈП Македонија пат, Министерство за образование и наука, Јавна општинска установа Дом за стари лица Киро Крстевски Платник – Прилеп, како и за Ефикасност на преземените активности од страна на надлежните институции со цел подготовка на реките за заштита од ефектите на водите.

Но, од одговорите што ги доставиле од обвинителството на барање на Фондацијата за демократија Вестминстер, Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии, кои изработија четири квартали извештаите за работата на ДЗР, произлегува дека во однос на сите ревизорски извештаи се водела предистражна постапка, во чии рамки обвинителството се прибираат потребни известувања и информации од повеќе институции и органи. Но, речиси ниедна од овие предистражни постапки не преминала во фаза на истрага, ниту пак, било поднесено обвинение пред надлежен суд.

 

ГЛАВНИ ДОКАЗИ ИЛИ ПРИДРУЖНИ ФАКТИ?

 Единствено, во еден од извештаите се наведува дека одреден епилог имало за случајот поврзан со ЈЗУ Здравствен дом Куманово, во чии рамки Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против еден од вработените уште пред ревизорскиот извештај да биде изработен и доставен до обвинителството. Како што објасниле од обвинителството до невладините организации, постапувајќи по кривичната пријава (од МВР) во ОЈО Куманово бил оформен предмет и врз основа на предлог – спогодба Основниот суд Куманово донел пресуда која веќе е правосилна.

Проверката што порталот Призма ја извршил врз јавно достапната евиденција на судските пресуди од 2008 година досега, пак, покажува дека формулацијата „завод за ревизија“ може да се пронајде во помалку од 200 пресуди, од кои половината се за управни спорови, по што следуваат граѓански постапка, додека најмалку се забележуваат во кривичните постапки. Патем, во управните постапки ревизијата најчесто се споменува во образложенијата на пресудите, а во граѓанските постапки се користеле делови од ревизорските извештаи како докази во корист на една од страните.

Што се однесува до кривичните постапки, фрагменти од ревизорските извештаи како докази се користеле, на пример, во неколку судови во земјава каде на градоначалници и на управители на јавни претпријатија им се судело за злоупотреба на службената положба. Па, во судска одлука против поранешен градоначалник на една општина се наведува дека „ревизијата утврдила повеќе неправилности во работата на градоначалникот во врска со издавање одобренија за градба и со спроведувањето на јавните набавки“. Сепак, цитираните наоди не се однесуваат на конкретниот предмет поради кој тој бил обвинет, туку служеле само за да го опишат како личност.

Инаку, единствениот случај што може да се сретне во онлајн-архивата за осуден функционер поради ревизорски наоди се однесува на поранешен генерален секретар на Владата. Имено, тој добил условна казна затоа што склучил договор за преводи на закони во вредност од милион денари за тоа, но ревизорите не можеле да потврдат дека услугата навистина била извршена. Исто така, во архивите на ДЗР нотирани се уште доста контроверзни наводи за работата на владиниот генерален секретар минатите години, од типот на трошење на јавни пари без покритие за угостителски услуги, патувања и други слични намени, меѓутоа за тоа нема ниту обвинение ниту судска пресуда.

 

НЕДОСТАТОЦИ И НЕПРАВИЛНОСТИ

 Врз основа на програмата за актуелната 2018 година, ДЗР објави ревизорски извештаи на регуларност за ЈЗУ Институт за трансзфузиона медицина, ЈЗУ Општа болница Куманово, Совет за унапредување и развој на ревизијата, Агенција за вработување, Фонд за здравствено осигурување, Управен суд, Државен Универзитет Тетово, општините Свети Николе и Охрид, институцијата Претседател на РМ, како и за политичките партии БЕСА, Коалицијата Унитети-НДП за локалните избори, НДМ…

Така, во ревизорскиот извештај на основната сметка за Општина Охрид, која долги години е најзадолжена општина во земјава, се констатира дека локалната самоуправа користи објект за кој не е издадено одобрение за употреба, надзорот врз работите што ги изведуваат општинските јавни претпријатија се врши од страна на самата општина, пописот на средствата и обврските не е целосен и квалитетен, материјалите средства се нереално прикажани, доделени се субвенции кон приватни станоиздавачи без никакви критериуми итн.

Кога станува збор за политичките партии, ревизорот утврдил дека БЕСА склучила договори за вработување без акт на систематизација на работни места во партијата, потоа не е регулиран начинот на уплата и евидентирање на членарина како извор за финансирање на политичките партии, не е регулиран ниту начинот за пренос на средства од редовната сметка на партијата на сметката за изборна кампања, а утврдени се и низа забелешки во однос на сметководственото работење на партијата.

Воедно, ревизорите утврдиле одредени недостатоци и неправилности во финансиското работење и на другите институции и партии, кои дел од средствата ги користеле спротивно на ина транспарентност, економичност и ефикасност. Дел и од овие ревизорски извештаи несомнено ќе завршат во обвинителството, но, судејќи според досегашната практика и искуство, ретко кој од нив ќе има епилог во форма на обвинение и судска пресуда во кривична постапка.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција