Ристо Никовски: Какви ингеренции има ЕУ во однос на Виенската конвенција

Ристо Никовски во изјавата за 24Вести

 

Во врска со обзнанието на лидерот на СДСМ Зоран Заев дадено на 27.02.2015 дека најмалку шест амбасадори на најважните земји биле прислушувани, истражувачката мрежа БИРН на 28.03.2015 година објави дека евроамбасадорот Аиво Орав до македонското Министерство за надворешни работи доставил дипломатска нота во име на Европската Унија преку која бара да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи.

Ристо Никовски во изјавата за 24Вести
Ристо Никовски во изјавата за 24Вести

За 24 Вести, МНР ја потврдува дипломатската нота од евроамбасадорот и вели “Орав има доставено нота за почитување на Виенската конвенција. Нотата е упатена при искажани закани во јавноста од лидер на политичка партија дека поседува нелегално стекнати и креирани материјали“.

Истиот медиум по ова прашање во својот редовен дневник пренесува мислења од експерти меѓу кои и Ристо Никовски, дипломат и поранешен амбасадор кој за дневникот изјави: 

Во нашиот одговор треба да се каже дека македонското Министерство за надворешни работи и советува на Европската Унија и Брисел да го почитува Хашкиот суд затоа што прво и прво Европската Унија и Брисел немаат никаква ингеренција над спроведувањето на Виенската конвенција. Ако некој од соодветните амбасадори или амбасади бил прислушкуван, било од домашни било од странски служби не е важно, таа држава може самата да се брани себе си.

[Извор: 24Вести, Датум: 28.03.2015] (видео клип, минута 01:52)

 

Образложение:

Најпрво, не е јасно на кој суд упатува експертот? Терминот “Хашки суд” во локалната терминологија упатува на Меѓународен кривичен суд за поранешна Југославија, а истовремено во Хаг имаат седиште уште неколку меѓународни трибунали кои според локацијата можат исто така да бидат наречени “Хашки судови”. Станува збор за Meѓународен суд на правдата, Меѓународен кривичен суд, Меѓународен суд за арбитража, Постојан суд за арбитража – сите овие се со седиште во Хаг. Доколку експертот упатува на Меѓународниот суд на правдата кој е надлежен да одлучува по меѓународно правни спорови вклучително и повреда на права загарантирани со Виенската конвенција за дипломатски односи тогаш мора да се потенцира дека овој суд има надлежност да решава само спорови покренати од држави, но не и меѓународни организации како што е ЕУ. Ова значи дека експертот упатува на суд кој за овој конкретен случај е ненадлежен.

Понатаму се вели дека “Eвропската Унија и Брисел немаат никаква ингеренција над спроведување на Виенската конвенција”. Оваа порака е сосема нејасна. Доколку експертот сака да каже дека Виенската конвенција е неприменлива за Европската Унија, во тој случај мора да се аргументира зошто оваа изјава е погрешна.

Имено, со стапувањето на сила на Лисабонскиот договор се зајакнува и улогата на ЕУ на меѓународен план. Заедничката надворешна и безбедносна политика станува покохерентна и се воведуваат Висок претставник на унијата за надворешни работи и безбедносна политика, Европската служба за надворешно дејствување и Заедничка надворешна и одбранбена политика . Некогашните Делегации на Европската комисија кои ја претставуваа само комисијата прераснаа во Делегации на ЕУ со проширен мандат претставувајќи ја Европската Унија во целост и со статус на дипломатски претставништва. Во сите држави со исклучок на Израел, Делегациите на ЕУ имаат статус на дипломатски претставништва со соодветни привилегии и имунитети на кои се применливи одредбите од Виенската конвенција за дипломатски односи. Еве што се вели во студијата на Лувенскиот центар за глобални студии “ЕУ, Европската служба за надворешно дејствување, Делегациите на ЕУ и Меѓународното дипломатско право: Нови хоризонти” каде особено се истражува применливоста на Виенската конвенција од страна на Делегациите на ЕУ:

Во скоро шест децении, ЕУ стекна улога на глобален дипломатски актер: бројот на дипломатски мисии се зголемија, а во моментов има универзална мрежа. На Унијата применлива е Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година во најголема можна мера во билатералните договори со трети земји и други меѓународни организации. Како резултат на тоа, ЕУ даде оригинален придонес кон меѓународното дипломатско право.

Неточноста и недоследноста во изјавата на Никовски се потврдува понатаму кога тој вели дека “aко некој од соодветните амбасади бил прислушуван таа држава може самата да се брани себе си”. Со тоа тој и понатаму негира дека Виенската конвенција е применлива на Делегацијата на ЕУ во земјава потенцирајќи дека тоа е можно само за дипломатски претставништва на поединечните земји.

 

Извори: 

 

Оцени: Милена Јосифовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција