Ристовски со невозможни бројки – еден милион читатели за 6 години?!

 

Заменик министерот за образование Спиро Ристовски, неодамна ја посети специјализираната јавна читална каде можат да се најдат преведени стручни книги од проектот на Владата, при што ја даде следнава изјава чиј дел го оценуваме како невистина:

 

Изјава: Преведовме и обезбедивме достапност на вкупно 1000 наслови кои можат да се најдат во оваа специјализирана читална – која токму утре бележи 6 години од нејзиното отворање и за која, драго ми е во оваа прилика да соопштам, дека неодамна ја надмина бројката од 1 милион посети од читателите

[Извор:ТВ Сител,  Датум: 14.05.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Заменик министерот  Спиро Ристовски во присуство на Никола Груевски, шеф на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер, изврши промоција на нови изданија на преведена стручна литература што се користела на 10-те прворангирани универзитети во светот. Покрај бројките дека во рамките на проектот веќе се преведени 1000 наслови и дека сега започнуваат со фазата на допреведување на уште 200, Ристовски се пофали дека сите овие книги можат да се најдат во специјализирната јавна читална во Градскиот трговски центар во Скопје.

Читалната одбележала 6 години од постоењето и притоа, според Ристовски неодамна ја надминала бројката од 1 милион посети од своите читатели!?

Оценувањето на оваа изјава ќе се потпре на чиста логика и математика. Имено, во годината има 365 денови во просек. Ако се отстранат неделите (тогаш читалната не работи) и во просек 20-тината денови што се неработни, бидејќи се државни или верски празници, се доаѓа до бројката од околу 293 работни денови во годината.

Оваа бројка ако ја помножиме со 6 години од постоењето на читалната ќе дојдеме до бројка од 1758 работни денови. Ако во читалната имало навистина милион посети од читатели (1.000.000 посети ќе се подели со 1758 работни денови), тоа би значело дека дневно имало во просек 568,8 посети, без оглед дали од исти или различни лица.

Дури и читалната да работи 24 часа, тоа би значело дека во еден час читалната била посетена во просек од 24 лица или посети во еден час! А не работи. Работното време на читалната е 8 наутро до 24 часот.

Ова, дури и за оние што не ја знаат големината, односно малиот простор на читалната, изгледа неверојано и невозможно. Оттаму, изјавата на заменикот министер Спиро Ристовски ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОР:

 

Оценил: Тео Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *