Роберт Беќировски: Функционер на лизгавица

Фото: samozdravje.mk

Релативно новиот директор на Агенцијата на лекови бргу беше симнат подолу – само за советник на новиот директор, потоа остана без работа а сега се води борба преку измена на Законот лекови за тој кадар да стане заменик на директорот, функција која сега не постои

 

Релативно новиот директор на Агенцијата на лекови бргу беше симнат подолу – само за советник на новиот директор, потоа остана без работа, а сега се води борба преку измена на Законот за лекови да стане заменик на директорот, функција која сега не постои

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Нема сомнение дека лековите, кои главно ги увезуваме, се едни од најтаргетираните места за функционерите, секако најнапред кај оние кои стопанисуваат во тоа подрачје – производителите, дистрибутерите, а на крајот и потрошувачите, особено оние кои земаат скапи или дефицитарни лекарства.

Како Роберт Беќировски, магистер по фармација, стана в.д. директор на МАЛМЕД (Македонската агенција за лекови) не е многу познато. Јасно е дека изборот е дел од меѓупартиската „томбола“ после промената на власта. На таа функција стапил во август 2017 година, во тој прв бран на именувања по транзицијата на моќта во земјава, откако се избра Влада. Според неделникот „Фокус“ тој бил магистер по фармација и работел во фирма од таа област.

 

ПАРАЛЕЛЕН ВЛЕЗ НА МЕДИКАМЕНТИ ОД ТУРЦИЈА

Како новајлија на позицијата, тој со редица искази укажа дека не е од машинеријата која од независноста наваму царува во трговијата со лекови. Во едно интервју веднаш по седнувањето на жешкото столче, го нападна увозот на лекови од Турција како сомнителен извор на т.н. паралелен влез на медикаменти, потоа како најчест извор на снабдување на земјава (во 95 отсто од случаи) рече тогашниот директор.

Ова сознание  со него го подели и првиот човек на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев во интервју за „Плус инфо“, со констатација дека е поднесено барање до Јавното обвинителство, од каде реакцијата доцнела.

Дали Беќировски се судри со некои силни интереси, како што може да се очекува, или, пак, беше „лесна цел“ во рокадите кои се направија во здравството? Во секој случај, на кормилото на Агенцијата за лекови дојде кадар на БЕСА, како дел од пазарењата после раздвижувањата и поделбите во дел од албанскиот политички блок.

До крајот на ноември годинава Беќировски имаше договор за советник на новиот директор, но откако на договорот му помина рокот во Владата е побарано решение да се менува законот за да се воведе функција на заменик директор.

Беќировски, пак започнал да си прави нова канцеларија предвреме, откри пред две недели Нова ТВ. Како што стои во предлог-законот за лекови во „случај на отсуство на директорот од работа (користење годишен одмор, боледување, службени отсуства и др.)“, заменикот би го менувал, бидејќи „се доведува во прашање ефикасноста во извршувањето на работите кои се во надлежност на директорот, што се одразува и на вкупното функционирање на Агенцијата за лекови.“

 

ПРЕДВРЕМЕНАТА КАНЦЕЛАРИЈА ВРЕМЕНО ПРАЗНА

Подносител на барањето за измени на законската регулатива е Министерството за здравство, а Законот, откако во септември беше ставен на Eдинствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) на Владата на РМ, сега чека на второ читање во Собрание.

Но, процедурата со законските измени се одолжи, така што и канцеларијата која Беќировски си ја средил за себе со месеци порано, сега е празна, јавуваат колегите кои го следат здравството. На бирото на непечениот заменик на директорот сега стои само фотографија каде Беќировски е сликан со премиерот Заев. Да нема забуни.

Инаку, за спроведување на Законот за лекови, како што стои во образложението, потребни се дополнителни финансиски средства од Буџетот на Република Македонија за обезбедување на плата и други надоместоци за заменик на директорот на годишно ниво од 802.000 денари. Тоа значи дека платата на заменик директорот месечно ќе изнесува 1.100 евра.

Тоа е секако добредојдено за овој некогашен и иден функционер, моментно невработен, бидејќи неговата имотна листа е навистина празна! Тој, имено, има само куќа во село Радуша, како заедничка сопственост, каде и живее, вредна нецели половина милион денари, добиена како подарок. Затоа, пак, има кредит од 300 илјади денари. И тоа е сè.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција