Рокот поминат, улицата „Џон Кенеди“ сè уште раскопана

За асфалтирање на прекопите ќе треба уште да се чека. Фото: Вистиномер

На крајот на јуни 2016 година Градот Скопје го започна проектот за изградба на атмосферска канализација на улиците „Џон Кенеди“ и „Кемал Ататурк“. На почетокот на градежните работи присуствуваше градоначалникот на  Скопје, Коце Трајановски, членови на Советот, како и претставници од Општина Чаир.

Со овој градежен зафат, по должината на улиците „Џон Кенеди“ и „Кемал Ататурк“ ќе се изгради нова атмосферска канализација со вкупна должина од 800 метри, каде што ќе се постават цевки со голем профил од 1.200 милиметри. Новата атмосферска канализација ќе заврши во приклучна шахта на улицата „Цветан Димов“. Со изградбата на оваа атмосферска канализација ќе се подобри одведувањето на атмосферските води од овој дел на општината Чаир и ќе се реши деценискиот проблем на околните жители, рече градоначалникот Трајановски. (Буџет: 23 милиони денари, Рок: 29 септември 2016)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На 29 јуни 2016 година се започнати работите за нова атмосферска канализација на улицата Џон Кенеди и на улицата Кемал Ататурк, при што, според веста, скопскиот градоначалник најавува дека рокот за изведба е три месеци, односно до 29 септември 2016 година, но изведувачот ветил дека проектот ќе биде завршен до почетокот на учебната година, односно 1 септември.

Станува збор за поставување цевки со профил од 120 сантиметри, во должина од 800 метри, кои треба да ја доведуваат водата во приклучна шахта на улицата Цветан Димов. Изведувач е компанијата „ЈУ БАЈ 2 АМЕТ“ ДООЕЛ Скопје.

Но, dzon-kenedi-4состојбата на улицата е таква што и денеска (09.11.2016),  кај средното училиште  „Цветан Димов“ имаше огромно неасфалтирано парче каде е направен ископ,  а уште не е асфалтиран ниту прекопот направен пред повеќе од два месеца на самиот почеток на Џон Кенеди кај улицата „Цветан Димов“. Асфалтирани се само позиции околу нови шахти.

Поради тоа на неколку места од оригиналните четири ленти, сообраќајот се пренасочува на најмногу две, некогаш и на една лента.

Пребарувањето на веб-сајтот на Град Скопје во обид да најдеме информации зошто работите толку се развлечкани, во периодот од 1 септември, кога тече првиот рок за завршувањето на работите за поставување атмосферска канализација на улицата Џон Кенеди, доведе само до една информација – од 2 септември 2016 година, во која се најавува дека на улицата ќе има посебен режим поради правење прекоп.

Град Скопје ги известува учесниците во сообраќајот дека утре /03.09.2016 година/,  поради изведување прекоп на крстосницата на булевар Џон Кенеди со булевар Христијан Тодоровски Карпош, сообраќајот ќе се одвива под посебен режим.

При изведбата на прекопот, во ниту еден момент нема да биде затворена за сообраќај улицата, туку ќе се воведе привремен сообраќаен режим и ќе се постави сигнализација.

Пребарувајќи по  веб-сајтовите на медиумите наидовме на напис од 3 октомври 2016 година, во кој се пишува за долготрајноста на зафатот за поставување атмосферска канализација, а има пренесено и став од Град Скопје за пролонгирањето на работите. Притоа се најавува и асфалтирање на прекопите.

Со овој проект, кој се наоѓа во поодмината фаза од изградбата, по должината на улицата ’Џон Кенеди‘ и ’Кемал Ататурк‘ се гради нова атмосферска канализација со вкупна должина од 800 метри, се поставуваат полипропиленски цевки со профил од 1.200 милиметри, како и приклучна шахта на ’Цветан Димов‘. Град Скопје заедно со изведувачот ја следат состојбата и во сообраќајот и досега сме немале поплаки од граѓаните за посебни застои. Обемот и динамиката на движењето на возилата се минимално забавени само во сообраќајните шпицеви. Во останатите делови од денот нема застој, бидејќи се користат поголемиот дел од коловозните ленти. Во текот на следната недела и овој проблем ќе биде решен, бидејќи се подготвува асфалтирање на прекопите, велат од Градот.

 

dzon-kenedi1Сепак, многу од прекопите сè уште не се асфалтирани и сè уште има механизација и работници на Џон Кенеди, кои и денеска затрпуваа.

Но, со оглед на тоа што проекот е во фаза на реализација, според методологијата на „Вистиномер“, ова ветување има оценка  во тек.

 

 

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција