Рудникот „Стогово“  сè уште не почна со работа

Досега само најави за стартување на рудникот „Стогово“ , Фото : Скриншот

Рудникот за манган Стогово ќе започне со работа во текот на месец мај 2014 година. Експлоатацијата ќе се врши на експлоатационото поле „Ужиница 1“ кое се наоѓа во регионот на општините Дебарца и Кичево, а за превоз на ископаната руда ќе се користи железничкиот сообраќај. Паралелно со ова, ќе се работи на отворањето на уште три други експлоатациони полиња за експлоатација на манганот. Придобивките од отворањето на овој рудник се повеќекратни, односно предвидено е вработување на најмалку 200 работници, пред се од општините Кичево и Дебарца, како и поголем обем на работа и искористување на железницата. Рудата ќе се топи и преработува во Македонија и со тоа ќе се добиваат полупроизводи и финални производи кои ќе го зголемат извозот од Македонија и девизниот прилив. (Инвестиција: 5-10 милиони евра (од инвеститор РОК: мај 2014 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување дадено во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ  (2014 – 2018) „Проверено“ (Енергетски сектор, стр.134), со рок на реализација 2014 година не  е исполнето 

Во Отчетот за реализација на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и  коалицијата „За подобра Македонија“ 2016 година, (стр.117), отворањето на  „Рудникот за манган Стогово“, се пролонгира за оваа година (2016) .  Во врска со овој проект, на страницата 117 од Отчетот е наведено:

Во јуни 2013 година рудникот се додели под концесија и за една година се изготви целокупната техничка документација и се издаде дозволата за експлоатација. Се очекува во текот на 2016 година овој рудник да биде целосно оперативен за што веќе се вршат подготвителните работи. Експлоатацијата ќе се врши на експлоатационото поле „Ужиница 1“ кое се наоѓа во регионот на општините Дебарца и Кичево, а за превоз на ископаната руда ќе се користи железничкиот сообраќај. Паралелно со ова, ќе се работи на отворањето на уште три други експлоатациони полиња за експлоатација на манганот.

Во јуни 2013 година  компанијата „Скопски легури мајнинг“ го зема под концесија рудникот „Стогово“, за што беше потпишан Договор во Министерството за економија.

Тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини, во оваа пригода изјави  дека оваа инвестиција ќе значи и нови вработувања за локалното население во западна Македонија и ќе придонесе  за економскиот развој во тој регион.

 Со доделувањето на концесијата за рудникот „Стогово“, што влегува во нова оперативна фаза, најголема корист ќе имаат локалното население и општините. Од уплатата на концесиските надоместоци од страна на корисникот, 78% од износот ќе бидат приход за општините, додека 22% ќе одат за буџетот на државата  (Сарачини)

Сепак, оттогаш наваму, се редеа само најави за отворање на рудникот.

Во април 2014 ( една недела пред предвремените парламентарни избори), тогашниот премиер,  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изјави:

…потпишан е додговор со Скопски легури, со што ќе започне со работа рудникот за манган Стогово во Кичевско, кое претпоставува 350 нови вработувања и уште толку индиректни вработувања

Заменик-министерот за економија, Христијан Делев, тогаш изјави дека

Рудникот Стогово ќе почне со работа во текот мна месец мај годинава…

Во јануари 2015 година заменик – министерот за еконмија, Делев, одговарајќи на пратеничко прашање  во Собранието на РМ, меѓу другото, рече:

…концесиите за експлоатација за двата рудника (Тајмиште и Стогово, н.з.) беа издадени минатата година и тие ќе почнат активно да работат оваа година (2015). За рудникот за манган Стогово работите веќе се во тек, дополнително се гради алтернативен пат со цел да не пречат на мештаните, а во текот на оваа пролет (2015) ќе има активности односно копање на терен

Во април 2015 година и градоначалникот на Општина Дебарца, Игор Трајковски, најави дека рудникот ќе почне со работа:

Во разговор со инвеститорите очекувам оваа пролет (2015 н.з.) да стартува со работа самиот рудник. Инвеститорите се од Украина, односно истите кои ја имаат топилницата во Скопје „Скопски легури“ (Трајковски)

Сепак, ваквите предвидувања досега (28.03.2016) не се оствaрија. Неофицијалните информации од теренот говорат дека пристапниот пат донаоѓалиштето  сѐ уште не е готов и  не е почнато со експлоатација на рудникот. Така што,  ова ветување го оценуваме како  неисполнето.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција