Руските наративни претставници на Западниот Балкан

Фото: flickr/wikipedia

Германскиот Маршалов фонд издаде документ за јавни политики со наслов „Руските наративни претставници на Западниот Балкан“, напишан од истражувачот Асја Методиева. Документот се осврнува на начините на кои наративите во корист на Кремљ се шират во регионов, како и на оние кои тие наративи ги шират. Кога ќе се каже „претставници“ (proxy) не се мисли ниту на официјални претставници, па дури ниту на свесни и сесрдни поддржувачи во сите случаи, зашто наративите во корист на Кремљ можат да ги шират и организации, медиуми и индивидуи без да бидат свесни или заинтересирани чии интереси промовираат.

Овие наративи врз кои Кремљ се потпира за да влијае врз националните публики и политики на Западниот Балкан не секогаш содржат дезинформации. Често станува збор за комплексна интеракција меѓу различни наративи кои се натпреваруваат еден со друг, за извори на кои може да им се верува и на такви кои се измамнички или за претставување пред јавноста на цела мрежа од реалности, понекогаш и за да предизвика збунетост и да се замаглат работите за да не се знае што е што.

Дезинформациите, покрај тоа, не секогаш потекнуваат „одозгора“, однос но од врвот, туку неретко својот пат до публиките го почнуваат „одоздола“, како на пример од лични профили на социјалните мрежи на обични граѓани.

Овој документ смета дека начинот на кој Русија врши интерференција во локалните информативни простори во регионов е различен од оној од Западна Европа, сметајќи дека на Западниот Балкан Русија треба вложи многу помалку напори, пред сѐ, зашто нејзините наративи овде се веќе популарни, а и наидува на плодна почва кај локалните информативни милјеа, кои ѝ дозволуваат да ги шири преку нив своите наративи без многу мешање.

Поконкретно, документот како илустративни моменти, кои ги анализира подлабоко, користи три неодамнешни настани какви што беа референдумот за името на Република Северна Македонија во 2018 година, најновата фаза на несогласувања меѓу Србија и Косово и изборите од 2018 година во Босна и Херцеговина.

Авторката истакнува и дека причината за постоењето на успешни наративи кои му одат во полза на Кремљ е општата разочараност на регионот со Западот, како клучна варијабла која им служи на руските интереси. На ова се надоврзува и фактот што локалните претставници на наративи во корист на Кремљ градат такви кои ги истакнуваат идентитетските врски од минатото, заедничката историја, руската безусловна политичка поддршка, итн., истовремено замаглувајќи ги границите меѓу фактите и мислењата.

Во делот за С. Македонија се истакнува кампањата на бојкот на референдумот со сите нејзини карактеристики, како што беа ботовите и алатките за автоматизација при ширењето на пропагандата, заканувајќи се кон про-западната ориентација на земјата. Тука е цитиран и програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски, кој го вели следново: „Дури и да претпоставиме дека Русија не е заинтересирана да ја преземе Македонија како таква, таа цели да ја наруши кохезијата на НАТО и ЕУ. Со оглед на тоа, логично е да ги поддржува силите кои би сакале прашањето со името да остане неразрешено.“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција