Сѐ уште нема соларни системи на железничките станици

Фото: veles.gov.mk

ВЕТУВАЊЕ: Ќе изградиме соларни системи на железничките станици, со што ќе добиеме модернизација и огромни заштеди на енергија. Прва фаза – Скопје, Табановце, Куманово, Велес, Прилеп, Битола, Неготино, Д.Капија и Гевгелија.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 248, датум: декември 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владата сѐ уште не постави соларни системи на железничките станици во земјава,  како што вети СДСМ за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година. СДСМ ова ветување го даде во „Планот за живот“ на стр. 248,  со намера да го реализира за 24 месеци од изборот на Владата и со образложение оти ќе заштеди енергија. Соларни системи прво требаше да добијат поголемите железнички станици.

Дека ветувањето не е остварено говори и податокот дека, иако беа реновирани 10 железнички станици во земјава, сепак на нив нема поставено соларни системи.

Во мај лани кога беа промовирани обновените 10 железнички станици каде што присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар, беше соопштено дека се реновирани билетарниците, чекалните, санитарните јазли, кровната конструкција и фасадите на железничките станици. Со проектот е променета водоводната и електричната инсталација во објектите, системи за сигнализација и информирање на патниците, како и системи за подобрување на пристапноста за лицата со намалена подвижност. Притоа беше соопштено и дека се инсталирани системи за ладење и греење, но не беше кажано дека се поставени соларни системи. Железничките станици се реновирани според планот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ во кој нема предвидено инсталирање на соларни системи.

Со овој проект целосно се санирани 10 железнички станици на Коридорот 10 и Коридорот 10д (Битола, Гевгелија, Демир Капија, Градско, Велес, Чашка, Прилеп, Неготино, Табановце и Богомила). Прва фаза – Скопје, Табановце, Куманово, Велес, Прилеп, Битола, Неготино, Д.Капија и Гевгелија.

Со грант од ЕУ во висина од 2,1 милиони евра се реконструирани 10 железнички станици, додека дополнителни 2,5 милиони евра се наменети за реконструкција на железничката станица во Скопје, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев (Билд).

Евроамбасадорот Жбогар појасни дека во наредниот период може да се очекуваат дополнителни средства што ќе се инвестираат во железницата во Македонија.

Во меѓувреме нема информација дека е распишан тендер за вградување на ваков систем, ниту пак, има најава за некаков план за поставување соларни системи на железничките станици.
Поставување соларни системи на железничките станици не се споменува ниту во планот за јавни набавки на  Македонски железници – Инфраструктура за 2018 година ( нов за 2019 година нема објавено на веб-страницата на друштвото), ниту во Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2019 година содржан во Буџетот на РМ за 2019 година..

Според тоа, ветувањето на СДСМ дека за 24 месеци од изборот на Владата ќе постави соларни системи на железничките станици во Скопје, Табановце, Куманово, Велес, Прилеп, Битола, Неготино, Д.Капија и Гевгелија не е остварено.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.