Само дел од градинките работат втора смена

sdsm-logo

 

Ќе го зголемиме работното време и бројот на вработени во јавните детски градинки низ целата држава, со цел да ги пресретнеме потребите на родители кои остануваат на работа и после 18 часот, или работат во смени.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова изборно ветување на СДСМ, дадено во изборната програма со која партијата излезе на последните предвремени парламентарни избори во декември 2016 година, насловена  „План за живот во Македонија“(стр.243), е „во тек“Во август  оваа година (2017) од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопштија  дека  од први септември се водевува  двосменско работење во градинките, со што се создава можност за згрижување на децата и по 18 часот.  Ваквиот начин на работа на градинките почна да се применува онаму каде што има интересирање за тоа, а како што информираа од МТСП , досега во 13 градинки е воведена втора смена,  20 работат и во саботите, а бројот ќе се зголемува онака како што ќе се укаже таква потреба.

На 18 август 2017 година министерката за труд и социјална политика Мила Царовска  на прес-конференција ја информираше јавноста дека од 1 септември градинките треба да почнат да работат во две смени:

Во согласност со одлуката на Владата од 10 јули годинава, првата смена во градинките ќе почнува од 7:00 до 14:30 часот, а втората од 14:00 до 21:30 часот. Градинките ќе работат и секоја прва сабота во месецот од 8:00 до 16:00 часот. До сите градинки денеска испративме информација дека од 1 септември годинава треба да ја применуваат одлуката за двосменско работење. Двосменското работење досега се имплементирало само во четири општини, а сега ќе бидат вкупно десет, со оглед дека потреба од воведување втора смена констатирале и Гевгелија, Кочани, Радовиш, Охрид, Тетово и Прилеп“, Царовска.

На 31 август од МТСП информираа  дека секаде како што има потреба, градинките ќе работат и втора смена:

Воведувањето на новото работно време ќе го спроведат раководствата на установите, согласно пропишаните одредби во Правилникот за стандардите и нормативите на предучилишни установи за деца. Во оние јавни установи за деца, каде што ќе се утврди дека нема потреба од воведување на втора смена, ќе продолжат да работат како и досега. Но, воведувањето на втора смена не зависи од бројот на позитивно изјаснети родители, што значи дека доколку и само едно дете треба да биде згрижено во втора смена, установата е должна тоа да го организира.

Некои од општините, како што е  скопската Општна Карпош, тогаш (30.08.2017)   информираа   дека  поради немање на соодветни услови и капацитети, градинките во Карпош овој септември нема да бидат во можност да работат во две смени.

Во моментов сите наши објекти имаат недостаток на негователки, воспитувачи и помошен персонал. Да се одвои дел од персоналот и да се прераспредели во втора смена и секоја прва сабота во месецот, ќе биде на штета на децата кои  се веќе згрижени – пишува во дописот до Министерство за труд и социјална политика, на кој е потпишан тогашниот градоначалник на  Карпош, Стевчо Јакимовски.

На 02.09.2017 година министерката Мила Царовска, која со заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски присуствуваше на редовната седница на Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), изјави дека доколку „во овој предизборен период има потреба за дополнителни вработувања во градинките од итен и неодложен карактер, општините може да вложат во потребите на нивните граѓани кои ги опслужуваат како општина и да го зголемат бројот на вработени. А,  Министерството  за труд и социјална политика по изборниот период ќе даде согласност за истите и тие ќе си бидат вклучени во градинките како негователи или воспитувачи согласно каков кадар ќе има потреба“.

На шести септември (2017) министерката Царовска информираше дека во 13 градинки е воведена втора смена, а 20 работат во саботите и дека  бројот ќе се зголемува како што ќе се овозможуваат услови и како што ќе се екипираат градинките. Во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата на која даде отчет за сработеното во ресорот во првите сто дена од формирањето на Владата, Царовска рече дека секаде каде што има потреба градинките треба да воведат втора смена.

Родителите преговараат и затоа општините треба да излезат во пресрет на потребите на граѓаните и да не постапуваат спротивно на нивните интереси, а тоа гледаме дека се случува

На 18 овој месец (октомври 2017) регионалната телевизија „МЕГА“, повикувајќи се на   Министерството за труд и социјална политика, информираше дека во Македонија  во градинка одат вкупно 33.826 деца. Од нив во втора смена одат само 189 деца, што е само 0,6 отсто од вкупниот број. Во истата информација се вели дека месец и половина откако беше овозможено да се работи во смени, интересот кај родителите, децата да им одат втора смена, е многу мал и дека во градинките во Битола само едно дете е згрижено во втора смена .

Вработените во градинките велат дека и покрај големиот интерес на родителите пред стартот на учебната година за воведување втора смена која ќе функционира од 14 часот до 21 часот и 30 минути, сепак интерес за истата сега нема. И тоа едно дете кое било пријавено, сега го нема бидејќи родителите не сакале нивното дете да седи само во занималната

Па имајќи предвид дека  одлуката за двосменско работење на градинките е донесена и  таа е во фаза на реализација, при што спроведувањето зависи и од заинтересираноста на граѓаните (во секоја општина посебно)  за отворање втора смена во детските установи, ова ветување на СДСМ има оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *