Само најави за рестартирање на „Тајмиште“

Не се оставрија прогнозите за отворање на „Тајмиште“. Фото: Скриншот

Во Јануари 2014 година се додели концесија за експлоатација на руди на железо од Рудникот Тајмиште во Кичево. Оваа концесија ќе придонесе за повторно заживување на Рудникот Тајмиште во кој се уште има големи резерви на железо. Се очекува Рудникот да започне со работа во првата половина на 2016 година и во истиот ќе се ангажираат од 300 до 400 работници од кичевскиот регион. Придобивки од отворањето на овој рудник ќе имаат и услужните компании од регионот кои ќе се ангажираат во тековното работење на истиот.(Инвестиција: 10-15 милиони евра (од инвеститор) РОК: ПРВА ПОЛОВИНА ОД 2016 година)  

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување  e дадено во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ  (2014 – 2018) „Проверено“ (Енергетски сектор, стр.135), со рок на реализација прва половина 2016 година  и досега  (30.03.2016) не  е реализирано

Во Отчетот за реализација на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и  коалицијата „За подобра Македонија“ 2016 година, (стр.117), кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, официјално го промовираше во март (2016),  за отворањето на рудникот „Тајмиште“ нема ништо ново, туку е употребена потполно иста формулација како и во Програмата „Проверено“  од 2014 година. За овој проект, на страницата 117 од Отчетот е наведено:

Во јануари 2014 година се додели концесија за експлоатација на руди на железо од рудникот Тајмиште во Кичево. Оваа концесија ќе придонесе за повторно заживување на рудникот Тајмиште во кој сѐ уште има го леми резерви на железо. Се очекува рудникот да започне со работа во првата половина на 2016 година и во истиот ќе се ангажираат од 300 до 400 работници од кичевскиот регион. Придобивки од отворањето на овој рудник ќе имаат и услужните компании од регионот кои ќе се ангажираат во тековното работење на истиот.

Во јули 2014 година, медиумите објавија  дека

 Акционерското друштво „Тајмиште“ од Кичево, наредните 30 години  ќе стопанисува со  истоимениот рудник за железо во близина на Кичево. Компанијата и официјално го потпиша договорот за концесионерство за рудникот за железо „Тајмиште“

Во јануари 2015 година заменик – министерот за економија, Христијан  Делев, одговарајќи на пратеничко прашање  во Собранието на РМ, меѓу другото, рече дека:

…концесиите за експлоатација за двата рудника (Тајмиште и Стогово, н.з.) беа издадени минатата година и тие ќе почнат активно да работат оваа година (2015).  Што се однесува за другиот рудник Тајмиште, концесионерот работи на изготвување на детална студија за рестартирање на овој рудник и се надеваме дека во текот на оваа година и овој рудник ќе биде рестартиран и ќе почне со работа.Концесионерот во партнерство со странски инвестициски фондови работи на рестартирање на овој капацитет ( Делев).

Сепак, ваквите прогнози не се остварија.  Со опсежно пребарување на Гугл и на македонските агрегатори на вести, освен најави со постар датум (од 2010 до 2015 година), не може да се најдат други информации  врска со реализацијата на овој проект. Па, иако формално гледано,  крајниот рок за реализација е јуни 2016 година,  со оглед на тоа што нема елелемeнти кои укажуваат дека рудникот „Тајмиште“ може да профункционира во наредните два месеца (април –мај 2016),  ова изборно ветување го оценуваме како неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција