Само Обвинителството може да оцени дали околу грантовите имало прекршување на законите

Зоран Заев при доделувањето на грантовите. Фото: Веб сајт на Влада на РМ

Премиерот Зоран Заев со својата изјава – оценка за тоа што се случувало во позадина на скандалот околу доделувањето на грантови од државата за 79 компании во Република Македонија, всушност, даде недоследна изјава

 

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање на седница на Собрание, ја даде следната изјава која ја сметаме за недоследна:

При вакви околности се работи исклучиво само за етичкиот апсект. Прекршување на законот нема заради тоа што, како што е законот за антикорупција и судир на интереси и по сите други закони, конкретниот што го цитиравте членот 5 за пратениците, јасно е прецизирано кога има законско прекршување или законски судир на интереси. Но, законот за волја на вистината не ги определува секогаш сите очекувања на граѓаните. И затоа постои етичкиот однос, кој што во ваквиот случај е потврден…По критериумите на Фондот јасно беше утвдено – право да аплицираат имаат сите микро, мали и средни претпријатија… Во ваквиот етички дел имавме навремена и правовремена реакција…

[Извор: Заев: Ако треба некого да разрешам…, датум: 26.07.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Премиерот Зоран Заев со својата изјава – оценка за тоа што се случувало во позадина на скандалот околу доделувањето на грантови од државата за 79 компании во Република Македонија, всушност, даде недоследна изјава.

Заев како лидер  на владејачка партија и премиер има должност да одговори на пратенички прашања и има право како политичар да се обиде да ја ублажи политичката штета од контроверзниот исход на јавниот повик на Фондот за иновативност и технолошки развој. Но, неговата изјава е недоследна затоа што тој лично ги протолкува резултатите од повикот и дали тие биле во колизија со неколкуте закони што ја регулираат материјата околу спречувањето на корупција и на судирот на интереси. Практично, Заев оцени дека се било според закон.

Изјавата на премиерот е дадена три дена откако по допрен глас од јавноста Основното јавно обвинителство од Скопје, Оделение за борба против организиран криминал и корупција, оформи предмет (предистрага), а веќе на 25-ти јули по наредба на надлежен обвинител од Фондот за иновации и технолошки развој беше одземена целата документација околу повикот за грантови.

Откако ЈО ќе реши дали ќе отвори истрага или не, дури тогаш ќе се знае дали има основи за сомневање за сторено прекршување на законите или нема. Значи, дури тогаш може да се даваат јавни оценки дека прекршување на законот немало и дека целата вина може да се лоцира кај етичката страна, односно бил прекршен етичкиот кодекс. Секоја изјава дадена од позиции на премиер, пред надлежната институција да се произнесе, може да се разбере од јавноста како евентуален притисок и токму затоа изјавата на премиерот Заев е отстапување од неговите чести изјави дека никој што се огрешил нема да биде поштеден и дека институциите ќе го спроведуваат законот подеднакво за сите.

Но, освен оваа основна причина, изјавата на Заев е недоследна и поради неговите категорички оценки што е судир на интереси, а што не е.

Тој, според друг медиум, вели дека „судир на интереси е ако биде во комисијата и одлучи да додели средства на својата фирма. Овде се работи за етичкиот кодекс“.

Но, ова иако е точно, не е целосно. Ако се погледнат одредбите од соодветниот закон што е наменет да го спречува судирот на интереси, ќе се види дека дури откако ќе се спроведе предистрагата или истрагата ќе може да се донесат заклучоци за конкретниот случај со доделувањето грантови.

Според Член 5 од Закон за спречување на судир на интереси, став 2 алинеја 7, службено лице не смее да:

Влијае за донесување на одлука по јавни набавки или на кој било начин да ја користи положбата за да влијае за донесување на одлуката со цел да се постигне приватен интерес или корист за него или негови блиски лица.

Јавноста во овој момент само може само да им верува на зборовите на Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, директорот на Фондот Јован Деспотовски и други, дека преткфалификациските комисии од 50-тина експерти и финалната комисија од 5 странски експерти не била предмет на влијание на некој од функционерите или „службените лица“, како што ги дефинира Законот. Но, за да се потврдат нивните зборови тоа треба да го констатира и Обвинителството.

Воедно, пред да избие аферата во јавноста, службените лица, како што е тоа дефинирано според Законот, не соопштиле дека може да имаат приватен интерес. А, Законот го регулира и тоа прашање во Член 14:

Прикривањето на приватен интерес од страна на службеното лице, претставува повреда на должноста и основа за преземање на мерки за соодветна одговорност.

Премиерот Заев, пак, во вчерашната изјава вели, во ваквиот етички дел околу грантовите „имавме навремена и правовремена реакција“, алудирајќи на тоа дека функционерите ги повикале своите компании да се откажат од добиените грантови. Ова повторно е дискутабилно во најмала рака, затоа што не станува збор за правовремена реакција, бидејќи таа уследи дури откако контроверзите излегоа во јавност.

Правовремена реакција, на пример, е онаа на премиерот, кој не дозволил компанијата „Мамас“ да аплицира на повикот за грантови, иако и таа имала право да го стори тоа.

Поради погоре наведените аргументи оценката на Вистиномер за изјавата на премиерот Зоран Заев, е дека таа е недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.