СДСМ вети, ама не воведе кредитен правобранител

Фото: pixabay.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе воведеме Кредитен правобранител, кој треба да го подобри дијалогот помеѓу малите и средни претпријатија и кредитните институции. Кредитниот правобранител треба да обезбеди фер и праведен однос на кредитните институции кон малите и средни претпријатија, коишто за разлика од големите претпријатија не поседуваат правни и други служби за заштита на своите интереси.

[Извор: Изборна програма на СДСМ  „План за живот во Македонија“, стр. 242, датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ не го оствари ветувањето дека ќе воспостави институција кредитен правобранител, за да им го олесни пристапот на малите и средни фирми до кредитите и да го поттикне инвестирањето на домашните компании.

Ова СДСМ го најави уште во 2014 година како активна политика за поттикнување на инвестициите на домашните мали и средни претпријатија, која требаше да се спротивстави на мерките на тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за поттикнување на странските инвестиции, во кои домашните компании не беа планирани.

Драган Тевдовски како тогашен претседател на Комисијата за економија при СДСМ, на прес-конференција најавуваше три мерки:

Формирање „Македонски бизнис фонд” што ќе има за цел да ги подржува инвестициите на малите и средните претпријатија во земјава, воведување на „Кредитен правобранител”, што треба да го подобри дијалогот помеѓу малите и средни претпријатија и кредитните институции и поддршка за „Кооперанти”- Секое мало и средно претпријатие кое што ќе сака да инвестира во бизнис со странска компанија од зоните, ќе може да конкурира за заем од Македонскиот бизнис фонд во висина до 100 илјади евра (Фокус, 2014).

СДСМ за парламентарни избори во 2016 година ветувањето го стави во „Планот за живот во Македонија“ ( стр. 242), а Владата го вклучи во Програмата за работа 2017-2020, во делот „бизнис клима и конкурентност“ (стр.6).

Во предизборниот период во кампањата за предвремените парламентарни избори претседателот на Комисијата за економски прашања на СДСМ, Тевдовски воведувањето на кредитен правобранител го посочуваше како дел од програмата за јакнење и развојот на малите бизниси.

Во сите поголеми општини државата ќе обезбеди деловен простор на повеќе новосоздадени претпријатија бесплатно , исто така државата ќе ги плати заедничките трошоци за одржување, за архива и за сметководство. Заинтересираните граѓани кои ќе сакаат да отворат фирма , тоа ќе можат да го направат со почетен капитал од само едно евро и овие фирми ќе бидат видно обележани. А за подобро да се штитат правата на малите бизниси , посебно пред финансиските институции ќе биде воведен и кредитен правобранител по урнек на земјите од ЕУ, изјавуваше тогаш Тевдовски.

Меѓутоа, и по скоро две години од изборот на Владата, не е формирана ваква институција, ниту како посебно тело, ниту, пак, како дел од институтот Народен правобранител, што може да се види и на страната на Народниот правобранител.

Дополнително нема информација дека е во план да се воведе кредитен правобранител преку измени на некој закон или со посебна одлука на Владата.

Според тоа, може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ дека ќе воведе кредитен правобранител кој треба да го подобри дијалогот помеѓу малите и средни претпријатија и кредитните институции, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.