СДСМ ветуваше дека нема да брка административци, а сега најавува дека на некои ќе им се заблагодари

Фото: Принтскрин колаж

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, говорејќи за повисоките плати и за новите вработувања во администрацијата, како и за најавените реформи во јавниот сектор, порача дека дел од јавните административци ќе го напуштат јавниот сектор, што може да се оцени како недоследна изјава, имајќи предвид дека тој и неговите сопартијци своевремено ветуваа дека ниту еден административец нема да биде избркан од работа.

За оној кој не работи нема потреба да зборуваме за реформа. Тој што не работи едноставно нема што да бара

[ИЗВОР: Нова ТВдатум 19.11.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборната програма на СДСМ „План за живот“ стои дека новата влада на СДСМ ќе спроведе реформа на јавната администрација, како „неопходен предуслов за вистински одговорна власт“ (стр.21), со цел создавање стручна, ефикасна, отчетна и транспарентна администрација, во функција на граѓаните, а не на партиите. (стр.24). Притоа, на неколку месата во програмата експлицитно се нагласува дека реформата на администрацијата нема да значи отпуштања на административци (стр.7).

Главен критериум за вработување нема да биде партиската книшка, туку стручноста, компетентноста и работното искуство во струката. Административните службеници нема да бидат бркани од работа. Со претходна анализа на состојбите во администрацијата, ќе се направи нејзина реорганизација…, се наведува во програмата на страница 25.

Патем, ваквата определба дека нема да има отпуштања во јавната администрација, СДСМ и нејзините претставници продолжија да ја декларираат и откако формираа Влада. Во овој период, социјалдемократите го оправдуваа процесот на нови вработувања, бидејќи, според нив, имало недостаток на соодветен стручен кадар во многу институции, но истовремено го бранеа ставот дека нема се бркаат административни службеници и покрај тоа што постои превработеност.

Преголем е бројот на вработени во јавната администрација, но ние како Влада се обврзавме на отворање нови работни места со достоинствена плата. На крајот на денот, кого и да отпуштите од работа пак треба да му најдете вработување во приватниот сектор. Вкупната бројка на невработени мора да ја намалиме и затоа се одлучивме на овој чекор за да покажеме дека кога веќе ја имаме оваа гломазна јавна администрација, можеме да ја реорганизираме, изјави Манчевски набрзо по неговиот избор на за министер за информатичко општество и администрација (11.06.2017).

Сепак, со текот на времето, тврдата линија дека никој нема да биде избркан од работа, туку дека Владата само ќе ја реорганизира администрацијата со цел да ја направи поефикасна, почна да еволуира, па владините претставници моментално кога говорат за реформа на администрацијата, говорат и за оптимизација. Во овие рамки, Манчевски и Владата најавуваат укинување на органи, управни одбори, менаџерски позиции, па дури и кратење на вработени, со тоа што Владата ќе се обиде да им најде работа во приватниот сектор.

За некои можеби ќе биде и болен процес, но тоа е нешто што мора да се направи за да се стави ред на хаосот. Тоа ќе значи укинување можеби на институции, намалување на бројот на менаџери, управни одбори и раководни лица. Во прв план да се обидеме на луѓето да им најдеме место во системот, доколку анализата нормално укаже дека одреден број на луѓе се прекубројни, како што веќе најавуваме долго време, ќе подготвиме една понуда до приватниот секторрече Манчевски, презентирајќи ги наводите од анализата на состојбите во јавниот сектор (05.11.2018).

Во тој контекст, и премиерот Зоран Заев најави дека Владата ќе им се заблагодари на административците што не си ја вршат нивната работа. Воедно, тој најави дека преку програмите на Агенцијата за вработување ќе им понудат на приватните компании да преземат дел од јавната администрација, што предизвика реакција од надлежниот синдикат. Оттаму одбиваат трансфер во приватниот сектор бидејќи им било ветено дека секој административец ќе ја задржи работатa.

Несомнено дека се неопходни реформи и реорганизација на администрацијата, но ваквите ставови на Манчевски и другите владини претставници се недоследни во споредба со нивните поранешни ветувања во партиската програма и во јавните настапи.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција