СДСМ во Куманово се „закити“ со најубедлива победа досега

Максим Димитриевски со историски резултат во Куманово, Зоран Ѓорѓиевски изгуби по вторпат Фото: commons.wikimedia.org

 

Oд СДСМ  велат дека на овие локални избори кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски направи историски резултат во Куманово, најдобар во досегашното постоење на партијата. Во Кратово, бастионот на Социјалистичката партија на Љубисав Иванов – Ѕинго, за првпат од осамостојувањето на државата (по 27 години) победи  градоначалник кој не е од Социјалистичката партија.

 

Пишува: Сања Атанасовска

 

Куманово избра градоначалник во првиот круг од локалните избори,  кандидатот на СДСМ, Максим Димитриевски однесе убедлива победа и освои  речиси двојно повеќе гласови од противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски. Според првичните неофицијани резултати на ДИК Димитриевски  освоил 26.289 гласа, Ѓорѓиевски – 14.838, Башким Османи од Алијанса на Албанците доби 2950, Дритон Сулејмани од БЕСА – 2925 гласа и Бесник Мемети од ДПА – 524. На гласање излегоа 50.050 граѓани на Куманово, од 92.639 запишани во избирачкиот список, односно 53.95 отсто од избирачите.

Во кумановскиот Совет СДСМ сега има најмногу советнички места – 16, ВМРО-ДПМНЕ – 11, ДУИ – 3, БЕСА – 2 и Алијанса за Албанците има еден советник. Овојпат, советничката група на СДСМ  има и претставник од албанска националност.

 

lOK-IZB

 

За споредба, во 2013 година СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаа по 12 советници, ДУИ – 4, ДПА – 2, НДП – 1 и Група избирачи „Кога ако не сега“ на Виктор Цветковски имаше два советника.

Бројките покажуваат дека на овие локални избори (2017) СДСМ успеа да добие четири мандати плус, а ВМРО-ДПМНЕ да изгуби  еден мандат  во Советот.

За Ѓорѓиевски ова е втор пораз, но овојпат разликата  во гласови е многу поголема.  Тој  во 2013 година изгуби од  сè уште актуелниот градоначалник Зоран Дамјановски во вториот изборен  круг  за околу 2000 гласови, иако претходно оствари  водство. Откако станаа познати резултатите на овие локални избори, Ѓорѓиевски му честиташе на Димитриевски, но кажа дека жали што граѓаните не ја препознале неговата визија.

 

 

СДСМ СЕ ГОРДЕЕ СО ИСТОРИСКИ РЕЗУЛТАТ ВО КУМАНОВО

Oд СДСМ  велат дека на овие локални избори кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски направи историски резултат во Куманово, најдобар во досегашното постоење на партијата.

Исто така резултат за почит направи и советничката листа предводена од Атина Мургашанска со освоени 16 советници. Овој резултат се должи на искреноста во пристапот и преку проекти во програмата кои имаме за цел да ги реализираме. Пристапивме кон секој граѓанин на Куманово поединечно, се сретнавме со кумановчани, слушнавме добронамерни совети и критики од секој, прифаќавме разни мислења и знаевме дека тоа е едниствениот пат кон успех на овие избори. Сакавме да ги слушнеме граѓаните и го понудивме нашиот концепт на заедништво и ново поинакво менаџирање на општината  и распределба на буџетските средства од кој  бенефит ќе имаат сите населби и сите граѓани – изјави Сашо Тодоровски, портпарол на Димитриевски и уверува дека нивната цел е сите заедно да го градат и развиваат Куманово без разлика на политичката определба, националност или етничка припадност.

Според Ѓорѓиевски, пак,   малиот број на освоени гласови е резултат на,  наводните, „закани и притисоци“. Додава дека  имало поделба на „наши“ и „ваши“,  тврди дека оние кои се вработени во државни институции се плашеле за своето работно место и тоа влијаело на нивното гласање.  Ѓорѓиевски  вели дека кумановчани „ќе живеат во Куманово какво што постојано го критикува“.

БРАНКО АРСОВСКИ:  ОДЛУЧИЈА МЛАДИТЕ

Бранко Арсовски, поранешен пратеник и советник  од Куманово вели дека овие избори беа своевиден политички момент, и смета дека одлучиле младите кои сега имаат 30 години, а една деценија  како владее ВМРО-ДПМНЕ не нашле начин да се интегрираат и да најдат работа. Според Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ згреши затоа што не инвестираше во Куманово, а и сите провизии, „бомби“, корупцијата придонесоа за смена на мислењето кај гласачите.

ВМРО-ДПМНЕ беа на власт цели 11 години, дури и да имало позитивни и негативни работи, се јавува потреба за промена. Заев понуди живот за сите тоа беше добра порака, дека никој нема да биде запоставен или да има предност.  Сите тие „бомби“, казни, апсења, влијаеја за освестување на гласачите. Некој вели „џабе ми е локална власт, ако ја нема централната власт“. Но, и тоа не беше добро и ВМРО-ДПМНЕ згреши што не инвестираше во Куманово – вели Арсовски.

Тој се надева  дека сега Куманово ќе има шанса да се развива и економски, и социјално и во секој друг аспект.

ПО 27 ГОДИНИ  ПАДНА БАСТИНОНОТ НА ЅИНГО ВО КРАТОВО

Во Кратово и Крива Паланка се случи пресврт и „паднаа“ градоначалници  од  коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кои долги години раководеа со општините.

Во Кратово, бастионот на Социјалистичката партија на Љубисав Иванов – Ѕинго, за првпат од осамостојувањето на државата (по 27 години) победи  градоначалник кој не е од Социјалистичката партија. На овие локални избори (15.10.2017) победи Љупчо Бојаџиев од СДСМ со освоени 3.384 гласа или 57.11 отсто, додека досегашниот градоначалник од коалицијата  ВМРО-ДПМНЕ – СП, Мите Андоновски доби 2.274 гласа. Во Кратово излезноста беше 71.51 отсто.

Крива Паланка избра градоначалник во првиот круг, а резултатите објавени од ДИК покажуваат дека Борјанчо Мицевски од СДСМ доби 7.576 гласови или 57.97 отсто, додека досегашниот градоначалник Арсенчо Алексовски од ВМРО-ДПМНЕ освои 4.942 гласа или 38.37 отсто. Излезноста беше 75.05 отсто.

Во Ранковце победи Ивица Тошевски, независен кандидат поддржан од СДСМ со освоени 1.472 гласа или 58.27отсто, додека Роберт Симоновски од ВМРО-ДПМНЕ доби 958 гласови, или 37.9 отсто. Во Ранковце излегоа да гласаат 81.5 отсто од гласачите, односно гласаа 2.526 избирачи.

 

ВТОР КРУГ ВО ЛИПКОВО И СТАРО НАГОРИЧАНЕ

Во Старо Нагоричане најмногу гласови има за Жаклина Јовановска од СДСМ која освои 955 гласови или 44.3 отсто  од гласовите, потоа следи Елена Јаќимовиќ од коалицијата  на ВМРО-ДПМНЕ со 572 гласа или 26.5 отсто. Зад нив е Милош Стојмановски од НДМ со 554 гласови, односно 25.73 отсто  од вкупниот број гласови. Во Старо Нагоричане гласаа 2.153 избирачи, а излезноста беше 62.75 отсто.

Општина Старо Нагоричане пред неколку години беше актуелна во јавноста затоа што  поранешниот градоначалник на Старо Нагоричане, Миодраг Јовановиќ, инаку кадар на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ) во 2012 година прегази човек и го напушти местото на несреќата. Потоа стана директор на кумановската пошта за што имаше бурни реакции од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а во 2014 година е осуден на 15 месеци затвор. Тој  на изборите во 2013 година не влезе во трка за нов градоначалнички мандат, а Општина Старо Нагоричане ја раководеше неговиот сопратиец Милован Стојковски. Тоа е Општина каде има и српско население, а за место во локалната самоуправа се тркаат и српските партии во Македонија.

Во Општина Липково најмногу гласови, 5.618 или 49.03 отсто освои кандидатот на ДУИ, Еркан Арифи. Беким Афузи од Алијанса за Албанците има 1.901 глас или 16.59 отсто. Шабан Зендели од БЕСА има 2.607 гласови односно  22.75 отсто  од гласачите го поддржале него. Бардиљ Дестани од ДПА има 939 гласови или 8.20 отсто. Кандидатот на СДСМ, Хади Османи има 152 гласа или 1.33 отсто од гласовите.  Во Липково своето право на глас го искористија 11.458 избирачи, односно излезноста е 45.64 отсто. Со Липково последниве години раководеше ДУИ.

Инаку, кампања на овие локални избори  помина мирно и без инциденти,  а мирно беше и на денот на изборите. Oд  ДИК на денот на гласањето забележаа дека на едно гласачко место во Куманово не работела УВ ламбата и имало прекин од половина час, а во Липково имаа забелешки дека не се користи УВ ламбата во сите случаи

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција