Се чистат дивите депонии во Прилеп

Расчистување на една од десетината диви депонии во Прилеп Фото: prilep.gov.mk

 

ВЕТУВАЊЕ: Расчистување на сите диви депонии

[Извор: Изборна програма на Илија Јованоски за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Прилеп за сите“ (стр.22)датум: октомври 2017]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборието на локалните избори (октомври 2017 година) градоначалникот на  Прилеп Илија Јованоски,  како кандидат на СДСМ за градоначалничката функција,  вети  расчистување на дивите депонии во градот.  Споменатото ветување е меѓу приоритетните проекти во  изборната програма на Јовановски: „Живот во Прилеп за сите“  (стр.22) , во делот ПРИЛЕП (ЧИСТ ЕКОЛОШКИ ПРИЛЕП). Според проверката на „Вистиномер“ реализацијата на ова негово изборно ветување е во тек.

На 22 април 2018 година по повод  Денот на планетата Земја во Прилеп започна  едномесечна акција за чистење на дивите депонии. Медиумите пренесоа изјава од директорот на ЈКП „Комуналец“, Ѕвонко Јованоски  во која информира дека ќе се чистат десет детектирани диви депонии на подрачјето на Општината. Истовремено тој упати апел до граѓаните и до
градежните фирми, за поголема еколошка свест и заштита на животната средина, укажувајќи дека инспекциски комунални редари ќе ја контролираат состојбата со исфрлањето смет, градежен шут и отпад, но и дека ќе се казнуваат поединци и фирми.

Битката со дивите депонии ќе ја добиеме само тогаш кога граѓаните и градежните фирми од градот ќе бидат наши сојузници, а не наши противници. Депонијата „Алинци“ стои на располагање за одложувањето на секаков смет и шут и да се депонира таму. Апелирам до комуналните инспектори и редари да излезат на терен, да ги увидат овие девијантни појави и да ги спречат. Воедно да ги насочуваат граѓаните и градежните фирми својот градежен шут да го депонираат во депонијата „Алинци“, а оние несовесните и неодговорните да бидат казнети. Само така ќе можеме да си ја заштитиме животната средина, да си го заштитиме градот и планетата Земја, изјави Јованоски.

Тогаш беше соопштено и дека по чистењето на дивата депонија кај надвозникот, на влезот од Прилеп (од страната на Битола), на која се натрупани над 350 метри кубни инертен и комунален отпад, ќе се чистат дивите депонии над касарната „Мирче Ацев“, Заполшки мост, на патот спрема селото Оревоец, над населбата „Кузман“, кај патот за Маркова чешма и Ленишки мост, на патот кон вештачкото езеро, и на повеќе локации во населбата Тризла.

Информација за тоа  дека  „ ЈКП „Комуналец“ ги расчистува дивите депонии во Прилеп“, е објавена и на веб-страницата на Општина Прилеп.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција