Се доделуваат субвенции за прозорци, но не и за енергетски фасади

Фото: Pixabay

Во предизборието во 2016 г. СДСМ даде ветување околу субвенционирање за енергетска ефикасност на домовите, кое го оценуваме како делумно исполнето:

Ветување: Ќе обезбедиме субвенции за секој граѓанин кој ќе реши енергетски да го изолира својот објект, преку директна финансиска помош од Буџетот на Република Македонија што ќе изнесува 20% од вкупната инвестиција на граѓаните.

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија (стр.2019) – датум, 2016 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

 

СДСМ во својата предизборна програма вети дека ќе го субвенционираат секој граѓанин кој ќе реши дека сака енергетски да го изолира својот објект/куќа-стан и тоа ветување го оценуваме како делумно исполнето.

Ова ветување еднаш беше тема на оценка на „Вистиномер“ на 14 јануари годинава, со оценка неисполнето. Но, таа оценка е извлечена во однос на вградување на термоизолација на индивидуалните куќи во однос на целокупната фасада.

Министерството за економија соопшти неодамна дека секој граѓанин што ќе реши да вгради ПВЦ или алуминиумски прозорци може да добие субвенции од државата доколку направил таква инвестиција до 50 отсто од вложеното, но не повеќе од 25 илјади денари.

Согласно Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година и годинава продолжуваме со реализација на предвидените мерки, па деновиве беа објавени јавните огласи за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинства, за кој се обезбедени 5 милиони денари и за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2019 година, за кој обезбедивме 25 милиони денари“, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција одржана на 19.05.2019 г.

Услов за добивање на овие средства е граѓаните да на конкурирале на некои од минатогодишните огласи за истите средства.

Единствениот услов е купувачот да го нема искористено правото на поврат на дел од средствата за конкретните намени врз основа на јавните огласи на Министерството за економија во претходните години.

Според податоците на Министерството во претходните две години за ова намена – вградување на современи термоизолациски прозорци биле потрошени 66 милиони денари за 2.350 домаќинства.

Министерство, согласно Програмата за работа на Владата 2017-2020 година (стр.44/45) и согласно годишните програми „за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата“, покрај за прозорците, субвенционира и за купување печки на пелети и колектори на сончева енергија, како во минатите години, така и годинава. Сепак, не можевме да најдеме во правилниците и во огласите дека Министерството, т.е. Владата финансира замена на изолација на индивидуални или колективни станбени објекти, иако по општините има субвенции за колективните станбени објекти.

Имајќи го предвид тој факт, како и појаснувањето дадено во Вистиномер“ на почетокот на годинава дека во Четвртиот акционен план за енергетска ефикасност би можеле да бидат вградени нови мерки за подобрување на истата, а кои би се применувале во 2020 година, оценуваме дека ветувањето на СДСМ во предизборната програма, преточено во Програмата за работа на Владата е делумно исполнето.

Се субвенционираат од буџетски средства  елементи од изолацијата на објектите, но не и фасадати или евентуално крвовите.

 

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција