Се гледа крајот на изградбата на пругата Битола – Кременица

Фото: vlada.mk

 

Довршување на пругата Битола – Кременица и крак до индустриска зона Жабени

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 246, датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Довршување на реконструкцијата на пругата Битола – Кременица на македонско – грчката граница, вети СДСМ  за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г) и реализацијата на овој проект е во тек.

Ова  ветување на социјалдемократите  е посочено на повеќе места  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , поточно на стр.76, стр.196 , а го има и  во  „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.246). Според ваквиот проектиран изборен рок ветувањето треба да биде исполнето најдоцна до 31 мај 2019 година, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година.

Активностите за доизградба на железничката пруга Битола – Кременица започнаа на почетокот на 2018 година и како што јави вчера (28.02.2019) „Мета“, досега  се завршени приближно 95% од градежните работи. Во претстојните месеци треба да се изведат завршните работи за инсталација на опремата за сигнализација и телекомуникација, пристапните патишта и приклучувањето на железничките објекти на електрична енергија, водоводна и канализациона мрежа.

Завршување и комплетирање на работите на пругата како целосен функционален објект се планира до крајот на март односно почетокот на април, по што ќе следи технички прием и пуштање во функција на пругата за сообраќај на возови, посочуваат за „Мета“ од Македонски железници – Инфраструктура.

Во изминатата година беа завршени најголем дел од градежните работи на пругата долга 17 километри. Со проектот се изградија 9 мостови, 38 пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и објект за сигнализација и телекомуникации на потегот меѓу Битола и Кременица. Зафатот вреден 17,2 милиони евра е финансиран со грант од Европската Унија (6 милиони евра) и со средства од државниот буџет (11 милиони евра).

Очекувањата се дека пуштањето во употреба на оваа пруга од Коридорот 10д ќе овозможи повторно воспоставување на редовна железничка линија од Битола до Лерин, но и поврзување на пелагонискиот регион со солунското пристаниште. Од Македонски железници – Транспорт веќе информираа дека се во преговори со грчката железничка компанија TrainOSE за воведување на патнички возови меѓу Битола и Лерин.

 

 

 ***Забелешка

Реконструкција и изградба на пругата од Битола до Кременица, ветуваше и ВМРО-ДПМНЕ во изборната програма со која партијата излезе на парламентарните избори во 2014 година, но не успеа да го реализира проектот. „Вистиномер“ во  септември 2016 година ( три месеци пред вонредните парламентарни избори) го проверуваше ова ветување и го оцени како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.