Се расчистуваат дивите депонии во Карпош

Од чистењето на дивата депонија во Злокуќани Фото: karpos.gov.mk

Се обврзуваме постојано и навремено да ги чистиме депониите

[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.8) , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Карпош,  Стефан Богоев за локалните избори ( 15.10.2017г.) се обврза дека редовно  ќе се чистат дивите депонии на територијата на Општината. Ветувањето е дел од предизборната програма на Богоев, „Живот во Карпош! За сите!“, дадено во рамките на едно покомплексно ветување „Чиста вода и чист воздух, здравје за сите“ (стр. 8) и неговата реализација е  во тек.

Во изминатиот период од доаѓањето на новата локална власт во Општината (од октомври 2017 г. – наваму), во повеќе наврати се расчистуваат депонии во Карпош , иако на некои од овие локации набрзо по чистењето повторно „никнува“ смет, габаритен отпад и шут.

Информации за чистење на вакви диви депонии беа објавени во медиумите  и на веб-страницата на Општина Карпош . Тука ќе посочиме неколку такви акции.

Чистењето на мини депониите од отпадоци, смет и градежен материјал  почна во  ноември 2017 година, а прва беше расчистена локацијата на ул. Софиска во населбата Тафталиџе 2, на местото на кое се наоѓа руинираниот објект на  поранешна „Славија“.

На 7 и 9 декември 2017 година во Карпош имаше поголема акција за чистење на Општината, во рамките на која со градежна механизација се расчисти шут, смет и лисја на  пет локации. Тогаш беа исчистени локацијата позади  етноресторанот „Македонска куќа“ ( кај контејнерите), под мостот  Газела, од страната на населеното место Злокуќани, мостот кај вливот на Лепенец во Вардар, во Жданец, на ул. Теодосија Синаитски, како и каналот  за одвод на атмосферски води меѓу Трнодол и Жданец.

Во декември минатата година (2018) Општина Карпош ја затвори дивата депонија  долж Кејот на реката Вардар, кај мостот „Газела“, на која  со години  се собираше габаритен отпад и шут, но, честопати, се палеа и огнови на отворено кои придонесуваат за дополнително загадување на амбиенталниот воздух.

Во февруари ова година (2019) по пријава на повеќе граѓани и Здружението на граѓани – Македонски центар за одржлив развој и конкурентност – Скопје (МЦОРК),  комуналните служби на Општина Карпош ја исчистија дивата депонија, долж булеварот „8 – ми Септември“, во Тафталиџе 1. Таму беа отстранети  поголемо количество на пластика, стакло и друг вид  отпад.

На 5 март 2019 година по реакција на граѓани на социјалните мрежи комуналните служби на Општина Карпош  исчистија поголема количина на отпад во близина на ТЦ „Скопје Сити Мол“.

На осми март  2019 година  беше  расчистена дива депонија на територија на ул. „Марк Твен“ во Злокуќани, кај сервисите за миење на возила.

За сабота – 13.04.2019 година  локалната самоуправа организира голема еко – акција за чистење на повеќе локации на територијата на Општина Карпош. Како што информира од Општината, еко-акцијата ќе почне од неколку собирни пунктови: кејот на Вардар – под хотелот „Александар палас“, кај фитнес-зоната и на булеварот Илинден, патеката што води до мостот „Газела“; Министерство за економија (улица Јуриј Гагарин бр.1 5); булевар Партизански одреди кај автобуската постојка и пекарницата „Мал одмор“ (спроти „Симпо“); пред „Симпо“; кај мостот „Обединети нации“ (кај воените кули); и спроти воените кули, кај трите бели кули. Потоа, пред платото на „Млечен“, ТЦ „Лептокарија“ и Порта Влае (на плоштадот Делфина).

Во акцијата ќе се приклучат градоначалникот, општинската администрација, советниците, комуналните служби, како и повеќе јавни личности, граѓански организации, институции и фирми

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција