Се реконструира регионалниот пат Јегуновце – Пршовце
Проект : Современа сообраќајна мрежа.
Со помош од Владата, ќе ги изградиме во современи сообраќајници: Регионален пат од Пршовце до Јегуновце, во должина од 5 километри. Регионален пат од Јегуновце до Желино (Врска со А 2), во должина од 17 км. Регионален пат, од Лешок до Шемшово, во должина од 5 км. Изградба на локалниот пат Туденце-Сиричино. Локален пат од мотел Вратница до Беловиште. Планирано е и редовно одржувањето на улици и изградба на сите други локални патишта во општината. (Рок: до 2020 година)
[Предизборна програма за локалните избори 2017. на градоначалник на општина Јегуновце, Дарко Блажески „Живот во Јегуновце, живот за сите“, страна 17, датум: октомври 2017 ]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на градоначалникот на Oпштина Јегуновце, Дарко Блажески дека ќе се реконструира регионалниот пат Јегуновце – Пршовце (како дел од проектот „Современа сообраќајна мрежа“), даден во неговата изборна програма за локалните избори 2017. „Живот во Јегуновце за сите“, страна 17, е во тек на реализација.
Тоа се потврдува и со објавените информации на интернет страницата на Oпштина Јегуновце од 15 и 18 март годинава (2018), а во кои се информира дека е почната реконструкција на овој патен правац.
На 15 март се соопштува дека работите околу реконструкцијата на регионалниот пат Јегуновце-Пршовце се започнати.
Со овој зафат ќе се изврши целосна рехабилитација во должина од 4.900 метри, комплетна реконструкција помеѓу двете пруги од 160 метри и гребење на стариот асфалт од 5 цм со што значително ќе се подобрат условите и ќе се олесни одвивањето на сообраќајот во овој дел. Изведувач е фирмата ЕСКАВАТОРИ, додека средствата за успешна реализација се обезбедени од страна на Влада на Р.М во соработка со Општина Јегуновце, стои во информацијата.
Три дена подоцна на веб – страницата на Општината е објавена и информација дека градоначалникот Блажевски веќе извршил увид на работите на патот.
Реконструкцијата на регионалниот пат Јегуновце – Пршовце е планирана и во „Годишна програма за изградба и реконструкција на државни патишта за 2018 година“ на Министерството за транспорт и врски, но е и спомената и во одделот „Инфраструктура“ во Програмата за работа на Владата за периодот 2017-2020 година, на страна 44.
Од презентираните информации на веб – страницата на Општина Јегуновце и од увидот во Годишната програма за изградба и реконструкција на државни патишта за 2018 година на Министерството за транспорт и врски, како и од проверката на патот направена деновиве, може да се каже дека реконструкцијата на регионалниот пат Јегуновце – Пршовце е во тек.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма за локалните избори 2017. на градоначалник на Општина Јегуновце , Дарко Блажески „Живот во Јегуновце, живот за сите“, страна 17 (Пристапено 26.03.2018)
- Програма Влада 2017 до 2020 година (Пристапено 26.03.2018)
- Веб – страница на Општина Јегуновце (15.03.2018): Започнаа градежните активности со рехабилитацијa и модернизација на регионалниот пат Р-2234 Јегуновце-Пршовце. (Пристапено 26.03.2018)
- Веб – страница на Општина Јегуновце : Направен увид во градежните активности на регионалниот пат Р-2234 Јегуновце-Пршовце). (Пристапено 26.03.2018)
- Министерство за транспорт и врски: Годишна програма за изградба и реконструкција на државни патишта за 2018 година. (Пристапено 26.03.2018)
Оцени: Рада Исовска – Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар