Сè уште не е расчистена дивата депонија во село Глоѓи

Освен отпадоците од поплавата и други тврди материали фрлине во ова мини депонија. Фото: Вистиномер

 

Ветување: Расчистење на дивата депонија во село Глоѓи

Рок: Првите три месеци од новиот мандат на градоначалникот на  Општина Теарце

[Извор: ТВ 21 – Предизборна дебата; Датум: 06.10.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборната дебата (октомври 2017) тогашниот кандидат на ДУИ, а сега градоначалник на Општина Теарце, Исен Асани, изјави дека ќе се расчисти депонијата во село Глоѓи во првите 3 месеци од новиот мандат. Досега (14.02.2018), откако помина повеќе од 100 дена од новиот градоначалнички мандат на Асани,  ова ветување е неисполнето.

Во местото наречено Паравиште помеѓу селата Глоѓи и Доброште, на крајот на летото во 2015 година се однесени отпадоци од поплавите во село Порој, како алтернативно решение за расчистување на реката во село Порој и поплавите во Џепчиште. Уште тогаш, локалните власти во Теарце рекоа дека ќе го почитуваат договорот меѓу двете села, Глоѓи и Доброште, за расчистување на оваа депонија и ставање на ова место во функција на двете села.

Во предизборната дебата реализирана за последните локални избори градоначалникот Асани изјави:

Во депонијата во местото Паравиште, има фрлени материјали од поплавите во Порој, ние имаме договор со Министерство за екологија таа депонија да се чисти и нивелизира, а за тоа имаме гаранција од Министерството и тоа ќе се случи во првите три месеци.

А неколку месеци после изборите, во 22.12.2017, за медиумите тој изјави:

Ние имаме поднесено барање до Владата и Министерството за екологија и сме добиле одговор дека со ова ќе се занимава Управата за одбрана и спасување и сме побарале да се доделат 10 тони нафта, затоа што како Општина немаме капацитет да ја расчистиме депонијата. Ако немаме одговор, ќе се потрудиме со нашите компании да направиме нешто и ова ќе биде во координација со месните заедници.

За дивата депонија во село Глоѓи, прашан од медиумите, се изјасни и министерот за Локална самоуправа, Сухејл Фазлиу кој рече:

Mоже да ви кажам дека за депониите веќе се дискутира на централно ниво, каде централната власт се залага  да најде крајно решение за депониите на национално ниво. Ние мислиме дека првин треба да се анализира дали регионите имаат капацитет за да најдат решение или ова ќе треба да премине во компетенциите на централната власт, за конечно да се најде решение.

По проверката на лице место, може да се констатира дека овој дел на селото сè уште не е исчистен, а во него има и дополнително смет не само од отпадоците од поплавите во село Порој, туку и други градежни материјали фрлени на тоа место.

Имајќи го сето ова предвид, ветувањето дека во првите три месеци во соработка со Министерството за екологија, ќе се расчисти дивата депонија во село Глоѓи, го сметаме како неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Oцени: Дрилон Салиу