Сè уште не почна да се гради ветената соларна електрана од 10 мегавати

Фото: commons.wikimedia.org

 

ВЕТУВАЊЕ: АД ЕЛЕМ ќе започне изградба на фотонапонска електрана со инсталирана моќност од 10 MW, со фотонапонски панели произведени во Македонија.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, страна 220]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето дека државната „ЕЛЕМ ќе започне изградба на фотонапонска електрана со инсталирана моќност од 10 MW, со фотонапонски панели произведени во Македонија“, СДСМ планираше да го оствари во првите шест месеци по доаѓањето на власт, меѓутоа  и по повеќе од година и половина по изборот на Владата, ветувањето не е исполнето.

Засега има само најави за изградба на ваква соларна централа. Владата инвестицијата ја спомена во јули годинава во контекст на новиот Закон за енергетика во кој се регулира прашањето на изградба на соларни електрани.

Изградба на соларната електрана во близина на „ТЕЦ Осломеј“ најави државната ЕЛЕМ со донесувањето на Планот за развој и план за инвестиции на ЕЛЕМ 2018-2022 година,  каде што на стр.32 стои дека инсталираната моќност на фотонапонската електрана ќе изнесува 10 MW, додека просечното годишно производство ќе биде 14,6 GWh. Во Планот за инвестирање на ЕЛЕМ, исто така, е предвидено дека:

Вкупната инвестиција која изнесува 7.000.000 евра планирано е да биде финансирана од сопствени средства на АД ЕЛЕМ или поточно вкупен износ од 1.050.000 евра, додека преостанатиот дел од инвестицијата, во износ од 5.950.000 евра, ќе се обезбедат со заем од финансиски институции. Средствата со коишто се планира да се врши отплатата на долгот ќе бидат обезбедени од тековното работење на АД Електрани на Македонија ,

На крајот на ноември минатата година (2017) фотонапонската електрана ја спомена и директорот на ЕЛЕМ, Драган Миноски .  Тој на прес-конференција, на која го претстави изумот за мерење на сончева енергија на неколку студенти, најави дека истиот ќе биде искористен за наоѓање на локација за изградба на 10 мегаватната сончева централа.

Во  август годинава (2018) медиумите објавија информација, во која се вели дека компанијата ЕЛЕМ одлучила да земе кредит за изградба на фотонапонска електрана.Тогаш е најавено и дека на почетокот од 2019 година ќе биде објавен тендерот за избор на компанија што ќе ја гради соларната електрана. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) истиот ден (29 август) го објави известувањето за претстојниот тендер.

Што значи, изградбата на соларна централа со инсталирана моќност од 10 MW, би можела да почне дури наредната година. Така што изборното ветување на СДСМ дека нејзината изградба ќе стартува  шест месеци по изборот на Владата, е неисполнето. Вториот дел од ветувањето, пак, дека сончевата централа „ќе се гради со фотонапонски панели произведени во Македонија“, е тешко остварливо бидејќи панели какви што се планира да се инсталираат во Осломеј сè уште не се произведуваат во земјава.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција