Сè уште не се укинати рестриктивните законски одредби за абортусот

Фото: pixabay.com

 

Ќе ги укинеме одредбите од законот за прекин на бременоста кои го ограничија правото на жените. (стр.226)

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.133 и стр.226); датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека во првите шест месеци од мандатот ќе ги укине рестриктивните одредби од  Законот за прекин на бременоста кои го ограничуваат правото на жените за абортус. Ова изборно ветување на социјалдемократите досега (21.06.2018 г.), по повеќе од една година од мандатот на Владата предводена од СДСМ,   не е исполнето и според најавите од Министреството за здрвство вакви законски измени допрва ќе се носат.

Споменатото ветување го има на две места во  изборната програма на СДСМ: „План за живот во Македонија“ , најнапред во  поглавјето „Европска иднина и квалитетен живот“, во делот „Добро јавно здравство ( стр.133), а потоа истото е наведено и во  „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“,  во делот „ Здравство“( стр. 226.).  Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата (првите шест месеци од мандатот), законското решение кое треба да овозможи главниот збор во носењето на одлуката за прекин на бременоста да го има жената, а не комисиите,  требаше да биде направено најдоцна до крајот на ноември 2017 година – со оглед на тоа што новата Влада на премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови досега (21.062018),  тоа не се случи. Последните информации говорат дека  законските измени  се во фаза на подготовка и во моментот има само нацрт-верзија.

Пред десетина дена (07.06.2018),  министерот за здравство, Венко Филипче, кој  учествуваше на стручниот симпозиум на тема „Вродени аномалии – предизвици, дилеми и третман“, најави  измени на Законот за абортус  со коишто волјата на жената ќе биде на прво место. Тој информираше дека со новите законски одредби на жената ѝ се дава можност за слободен избор за абортус до 12-тата недела од бременоста, во консултација со матичниот гинеколог. Во оваа прилика Филипче  напомена дека слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22 гестациска недела од бременоста, со оцена на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник, а по наполнување на 22 гестациска недела ќе се формира посебна стручна комисија која ќе треба да направи процена за одобрување прекин на бременост.

Она што е ново и што го немаше во досегашниот закон е што волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период. Нацрт-верзијата на законот е подготвена и потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство,со МТСП и со невладините организации. (Филипче)

Актуелниот  Закон беше донесен во јуни 2013 година по скратена постапка и предизвика бурни реакции од граѓаните и невладиниот сектор. Додека во пленарната сала течеше расправата пред Собранието имаше протести, на  кои  граѓаните  реагираа за „долгите административните процедури и се жалеа дека  Законот ја укинува слободата на избор на женит и ја враќа земјава педесет години назад во заштитата на здравјето и правата на жената“. Споменатиот Закон сериозно го ограничува абортусот после 10 недели од бременоста, преку обврзување на жените што сакаат да направат абортус да поднесат барање за прекин на бременоста, задолжителен преглед со улразвук и задолжително советување и период на чекање од три дена по советувањето.

Во декември 2016 година Платформата за родова еднаквост ги повика сите политички партии да потпишат Декларација и да се обврзат дека по изборите (11.12.2016) ќе го сменат Законот за прекинување на бременоста од 2013 година. Декларацијата ја потпишаа 10 политички партии: Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) ВМРО – Народна партија, Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Достоинство, Левица, Либерална партија(ЛП), Либерално-демократска партија (ЛДП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединети за Македонија и Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР). Тие се обврзаа дека по парламентарните избори ќе се направат измени на Законот за прекинување на бременоста  во одредбите што го ограничуваат пристапот до абортус.

Откако новата Влада по речиси една година не ги укина рестриктивните законски норми за абортусот, Платформата за родова еднаквост   во септември 2017 година ја повика Владата да донесе нов или да го измени постоечкиот Закон за прекинување на бременоста.

Имајќи предвид дека изборно проектираниот рок за укинување на ограничувачките законски одредби е поминат (шест месеци од формирањето на Владата), а  досега (21.06.2018) сѐ уште не се направени измени и дополнувања на  Законот за прекин на бременоста од 2013 година , споменатото ветување на СДСМ го оценуваме како неиспонето.

  

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција