Сè уште нема нова градинка во Волково

Фото: Принтскрин

 

Поранешниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов на 12 јули 2016 година   соопшти дека:

на почетокот на 2017 година ќе се гради нова градинка во село Волково. Пронајдена е локација, а 50 отсто од средствата ќе обезбеди општината Ѓорче Петров, а исто толку и Министерството за труд и социјална политика.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во јули минатата година (2016) ексминистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов вети  нова градинка во Волково која би почнала да се гради во почетокот на 2017 година. Ова ветување Спасов го даде на состанокот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со градоначалниците на општините Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чучер-Сандево, Радовиш, Кичево, Вранешница, Другово, Делчево и Неготино, и досега (09.03.2017), според проверката на „Вистиномер“ не е исполнето.

Три месеци подоцна, во октомври 2016 година, Спасов повторно најави дека во почетокот на 2017 година ќе почне изградбата на градинката во Волково.

На свеченото пуштање во употреба на новата градинка „Кокиче“  во Ѓорче Петров, Спасов  меѓу другото, рече:

Во Ѓорче нема да застанеме. Овие три градинки не се доволни и затоа ќе продолжиме и понатаму да инвестираме во изградба на отворање на нови објекти. Изградбата на еден од објектите е во завршна фаза и набрзо очекуваме да ги отвориме истите. Исто така, во 2017 година планираме да започнеме со изградба на новата градинка во Волково (Спасов).

 Уште една најава дека ќе се гради нова градинка во Волково имаше и неодамна – средината на минатиот месесц (февруари 2017), овој пат, од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол  Митровски, кој  за време на свеченоста по повод отворањето на нови простории на објектот „Детелинка“, како што пренесоа медиумите,  меѓу другото, кажал дека годинава (2017)  ќе се гради  „уште еден објект за згрижување деца во село Волково“.

Освен ваквите најави, пребарувањето по интернет не дава друг резултат, во смисла на тоа дека се направени или се во тек некакви конкретни активности за изградба на градинката во Волково.

Информација во врска со изградба на градинката во Волково нема ниту на веб-страницата на Општина Ѓорче Петров на која, инаку, се објавуваат информации за сите градежни зафати кога ќе се почнат, некогаш и неколкупати во текот на изведбата.

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот  дека рокот што го наведе Спасов (почетокот на 2017 година) е поминат ветувањето го сметаме за неисполнето

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.