Сè уште нема ревизија на ДУП-овите во Општина Аеродром
Кратка проверка на сајтовите каде се наоѓаат изјавите на Златко Марин од време и по предизборната кампања, како и деталната проверка неговата напишана предизборна програма, укажува на големи ветувања за многу внимателна урбанизација откако ќе дојде на власт, но и за преиспитување на досегашните планови за градба. Но, длабинската проверка што ја извршиме на сајтот на Општина Аеродром, кој патем е доста транспарентен, не покажува дека нешто е сторено на овој план
Градоначалникот на Општина Аеродорм Златко Марин пред изборите даде конкретно ветување во врска со ДУП-овите во општината, кое според нашата проверка е во тек:
Аеродром, една од најурбаните општини, денес е една од најзагадените. Имаме улици полни со дупки, проблем со пристапни патишта, застарена водоводна мрежа и запоставена инфраструктура. Секој ден е битка за паркинг место. Нема место ниту во училиштата и градинките… Доста е! Време е Аеродром да добие градоначалник и Совет што ќе работат чесно, транспарентно и ќе се грижат за вистинските потреби на жителите. По 15 октомври, ќе го запреме градежниот хаос. Ќе направиме ревизија на ДУП-овите со цел да се намали градежната експанзија, посебно во урбаното јадро...
[Извор: СДСМ-Предизборна програма на Златко Марин, датум: септември 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Повод за проверката на ова ветување на градоначалникот Марин, дадено пред изборите и во програмата и во јавните настапи, беше инцидентот од пред два дена, кога жители на Аеродром ја турнаа заштитната ограда на градилиште каде се гради нов станбен објект од десетина ката.
Според одговорот што го добиле нашите колеги во Општината, станувало збор за приватно земјиште, а всушност Општината била некој вид узурпатор со урбаната опрема.
Инаку, станува збор за земјиште кое е во приватна сопственост, така што Општината ја имаше поставено урбаната опрема и детските реквизити на приватно земјиште. (Радио МОФ)
Во истиот текст се потсетува дека „Марин како опозиционер обвинуваше за преголема урбанизација во општината, особено преку ДУП-от од Острово до Мајчин Дом. Сугерираше дека се гради неплански, се трупаат згради во урбаното јадро на општината, а просторот е угушен, со што се влошува квалитетот на живот. Во екот на кампањата најави ревизија на урбанистичките планови“.
Сето ова е точно. Кратка проверка на сајтовите каде се наоѓаат изјавите на Златко Марин од време и по предизборната кампања, како и деталната проверка неговата напишана предизборна програма, укажува на големи ветувања за многу внимателна урбанизација откако ќе дојде на власт, но и за преиспитување на досегашните планови за градба.
Но, длабинската проверка што ја извршиме на сајтот на Општина Аеродром, кој патем е доста транспарентен, не покажува дека нешто е сторено на овој план. Напротив наидовме на документи оставени од претходната власт, во која има, на пример, еден куп одлуки, дека за тој и тој урбанистичка план не е потребна студија за влијанието врз животната средина….
Заради двојна проверка на фактите, побаравме официјален одговор од Секторот за односи со јавноста на Општина Аеродром, при што го добивме следниот одговор:
Во моментот интерно се разгледуваат сите детални урбанистички планови. Притоа, се утврдува во колку од нив е потребно да се интервенира и дали има забелешки во однос на плановите. Штом Општината има конкретни информации, ќе реагира соодветно и јавноста ќе биде навремено информирана.
Според овој одговор и според нашата проверка преку други извори, најмногу што може да се оцени дека ветувањето е во тек, иако нема конкретно навестување до каде е разгледувањето на плановите, проценка на време за колку може да се заврши, итн.
ИЗВОРИ:
- Веб сајт на Општина Аеродром – Вести – [Проверено на 19.04.2018]
- Веб сајт на Општина Аеродром – Урбанистички планови – [Проверено на 19.04.2018]
- Радио МОФ – Аеродромци урнаа тараби…– [Проверено на 19.04.2018]
- СДСМ- Предизборна програма на Златко Марин – [Проверено на 19.04.2018]
- Тајм.мк – Агрегирани вести за зградата кај Мајчин дом
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар