Се воведува нова стипендија за идните одделенски наставници
Ќе ги стимулираме завршените гимназијалци да се запишуваат на Педагошките факултети со доделување на посебни стипендии за студирање и гарантирање на работно место за оние што ќе го завршат факултетот на време и со добар успех. Ќе ги подигнеме критериумите за упис на Педагошките факултети.
[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.225)]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во изборната програма: „План за живот во Македонија“ (стр.225) со која социјалдемократите излегоа на предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.), СДСМ вети дека ќе се стимулираат завршените гимназијалци да се запишуваат на Педагошките факултети со доделување на посебни стипендии за студирање и гарантирање на работно место за оние што ќе го завршат факултетот на време и со добар успех. Ова изборно ветување на социјалдемократите е делумно исполнето.
Деновиве (23.01.2017) од Владата информирааа дека се воведува нова стипендија во износ од околу 100 евра, за идните наставници во основните училишта уште од самиот почеток на студирањето. Во соопштението објавено на веб-страницата на Владата е наведено дека на 50-та владина седница:
На предлог на Министерството за образование и наука, Владата ја усвои информацијата за воведување нова стипендија за студенти за наставен кадар за основно образование уште од првата година на студиите во висина од 6000 денари.
Истата информација ја пренесоа и медиумите.
Министерството за образование и наука ќе воведе нова стипендија за студенти за наставен кадар за основно образование уште од првата година на студиите во висина од 6.000 денари. Оваа иницијатива на министерството денеска беше усвоена на Владината седница.
Сепак, во оваа мерка, за која од Владата сметаат дека „ќе придонесе за унапредување на квалитетот на наставните кадри во основното образование“, не се споменуваат студентите на студиските програми за предучилишно воспитание и библиотераство (кои се дел од Педагошкиот факултет). Исто така, досега (24.01.2018), нема информација дека е донесена некаква одлука за „гарантирање на работно место за оние што ќе завршат педагошки факултети на време и со добар успех“, како што е наведено во програмата на СДСМ „План за живот во Македонија“ (стр.225). Па, имајќи го сето ова предвид, споменатото изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија (стр.225) [Пристапено: 24.01.2018]
- Влада на РМ (23.01.2018): Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 50-та седница [Пристапено: 24.01.2018]
- Тајм.мк: Владата ќе ги стипендира со 6.000 денари студиите за одделенски наставник [Пристапено: 24.01.2018]
- Плусинфо: Нова стипендија од 100 евра за наставен кадар за основно образование [Пристапено: 24.01.2018]
- Педагошки факултет „Св. Климент Охридски – Скопје“ [Пристапено: 24.01.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар