Се заменуваат азбестните покриви и водоводни цевки со поквалитетни материјали

Фото: commons.wikimedia.org

ВЕТУВАЊЕ: Ќе почнеме со замена на сите водоводни азбест-цементни цевки и сите азбест-цементни покривни површини на јавните институции.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, страна 256]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дека „ќе почне со замена на сите водоводни азбестно-цементни цевки и сите азбест-цементни покривни површини на јавните институции“,  е дадено во нивната изборна програма „План за живот во Македонија“ (2016), во ПЛАНОТ 24М, во делот за Локална самоуправа стр. 256. Според проверката на „Вистиномер“, реализацијата на ова изборно ветување е во тек.

Владата предводена од СДСМ изминатите две години продолжи со активноста почната од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ за замена на азбестните покриви и водоводни цевки. Сепак, информациите во медиумите и оние поместени на интернет страниците на општините,  не даваат целосна слика за тоа колкав процент од азбестот е заменет со друг материјал.

За скопските општини и општините кои имаат комунални или водоводни претпријатија има информации дека работат на замена на азбестните цевки, но за дел од општините во земјава, нема информација дека се ангажираат на ова поле. Посебно проблематични се малите општини каде што има месни заедници кои управуваат со водоводите и не се знае какви цевки се вградени во нив.

Проблем е и тоа што ниту една од институциите во земјава нема точна бројка на водоводи кои имаат азбестно-цементни цевки, ниту, пак, се знае бројката на објекти (училишта, градинки и институции) со покриви од азбестен материјал кои треба да се заменат со поквалитетни материјали.

Министерствата за образование, труд и социјална политика и за локална самоуправа имаат информација само дека финансирале програми на локалните власти за реконструкција на објекти на училиштата и градинките, но не знаат колку од тие пари завршиле за замена на азбестот со друг материјал.

Од буџетите на Министерството за образование за 2018 и 2019 година наменет за реконструкции на училишта и градинки не може да се види колку од парите се наменети за промена на покривните.

Министерството за образование прави инвестициски планови за изградба и реконструкција на објекти на училишта, но нема издвоено податок колку од реконструкциите кои се прават во училиштата содржат во себе и замена на покрив од азбестни плочи, велат од Министерството за образование за „Вистиномер“.

Во Годишниот план за работа на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за 2019 година на стр.121 поместени се реконструкциите на градинките и изградба на нови градинки, но никаде поединечно не се искажува реконструкција на покриви во кои се вградени азбестни плочи.

Реконструкција, преадаптација и опремување годинава се врши во општините: Брвеница, Босилово, Лозово, Демир Капија (село Корешница), Куманово, Гази Баба ( Железара и Јурумлери), Чешиново-Облешево, Врапчиште, Ѓорче Петров, Штип, Кавадарци Сарај (с. Кондово), Крива Паланка и Росомон.

Во изминатите две години во соработка со општините се изградени и пуштени во употреба 26 објекти за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и сите се градени по најсовремени стандарди, без азбестни покриви, велат од МТСП за „Вистиномер“.

И од Министерството за локална самоуправа велат дека издвојуваат пари за рамномерен развој на регионите кои завршуваат во одделни проекти на општините, но не знаат колку од парите биле потрошени за замена на азбестните покриви и водоводни цевки.

Изминатиот период инвестирани се пари за регионален развој кој потоа регионите ги распределуваат по проекти на општините. Дел од овие пари се потрошени и за водоводи и за реконструкции на објекти, велат од Министерството за локална самоуправа за Вистиномер.

Станува збор за заеднички проект на Владата и Европската инвестициска банка во кој е вклучена и изградба и реконструкција на локалната водоводна мрежа во општините.

Во извештаите на јавните водоводни и комунални претпријатија кај некои од општините се наведува колку цевки се заменети, но кај дел од нив не може да се види дали имале активности на замена на азбестни цевки.

Единствено Градот Скопје тврди дека ниту еден објект под надлежност на Град Скопје нема азбестен покрив.

Градот Скопје изминатите години ги замени азбесните покриви на средните училишта и објектите на институциите под негова надлежност (каде што имаше азбестни покриви). Во моментов ниту еден објект под надлежност на Град Скопје нема азбестен покрив. Промена на азбестни покриви на објекти на други институции или приватни објекти не е во надлежност на Град Скопје, изјавија од Градот.

Скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“, пак, тврди дека од вкупната водоводна мрежа вo Скопје и околните населени места кои се снабдуваат од градскиот водоводен систем, азбест цементните цевки учествуваат само со 8.61 отсто.

Вкупната должина на азбестцементните цевки изнесува L =100.202,00m. Ваков вид на цевки имa по општините Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Центар, Кисела Вода. Ние овој вид на цевки ги заменуваме поради дотраеност и во случај на дефект, по што се заменува со нова цевка од друг вид. Замената на старите азбестцементните цевки се заменуваат со дуктилно лиено железни цевки или ПЕ (полиетиленски) цевки, велат од „Водовод и канализација“.

Дел од општините покрај замената на азбесните покриви на институциите субвенционираат замена на ваквите покриви и во станбените згради (општина Гази Баба), но најголемиот дел од општините не може да се пофалат дека се ослободила од азбестните покриви на зградите и водоводните цевки. Исклучок е Општина Центар која одамна се ослободи од азбестните покриви, но на нејзина територија сѐ уште има азбестни цевки.

Па, со оглед на тоа дека има активности за замена азбестните цевки на водоводите и на азбестните покриви на јавните институции, но не може да се добие прецизна информација каде сè (во кои институции и општини) треба да се замени азбестот со поквалитетен материјал, ветувањето добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција