Секој граѓански активизам е и легитимно бавење со политика

Никола Поповски. Кој може да се занимава со политика? Фото: Friends of Europe/flickr

 

Министерот за надворешни работи во Владата на РМ  Никола Попоски, запрашан за притисоците кои, како што вели, ги прави Фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија во поглед на внатрешната политика, за итaлијански печатен медиум ја даде следнава невистинита изјава:

Проблемот не претставува само огромната сума пари, гледано според критериумите на Скопје, туку и абнормалната концентрација. Всушност 90% од финансиските средства, коишто ги добиваат невладините организации, доаѓаат од еден единствен извор. Ако на тоа му се додаде и фактот дека голем дел од корисниците активно се занимаваат со политика (а тоа би требало да го прават политичките партии), под капата на хуманитарни организации, и Вам може да ви биде јасно дека сето тоа не би можело да биде прифатено од страна на една суверена држава.

[Извор: Веб страница на ВМРО ДПМНЕ. Датум: 15.01.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерот Попоски во интервјуто за италијанскиот весник „La Verita“, во стилот на трендовската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за „десоросоизација“, сериозно започната со Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ прочитан пред ДИК кон крајот на минатата година, наведува бројки и се обидува да спореди издвојувања од Фондацијата Отворено општество Македонија, со издвојувањата од Буџетот на РМ, кога станува збор за невладините или граѓанските организации.

Овие бројки, иако неспоредливи поради нетранспарентноста на буџетските расходи за оваа намена (земен е пример со Буџетот на РМ за 2016 – ставка 463), како и нетранспаретноста на расходите за оваа намена на локално ниво или од јавните претпријатија, на пример, (стр.4), нема да ги проблематизираме.

Делот што го оценуваме како невистинит се однесува на квалификацијата дека „голем дел од корисниците активно се занимаваат со политика (а тоа би требало да го прават политичките партии).

На веб страницата на Фондацијата Отворено општество Македонија преку документите за тоа кој добива финансии од Фондацијата и за што се трошат парите, може да се провери изјавата на Попоски. Во Извештајот за 2015 година, како дел од спроведувањето на Стратегијата на ФООМ од 2014-2017 година, може да се види дека корисници се организации или понекогаш и поединци во следниве категории:

  • Слобода на изразување
  • Унапредување на човековите права во здравството
  • Младинска ангажираност за социјални проблеми
  • Борба против корупција
  • Мониторинг и документирање на човековите права
  • Буџетска транспаретност

Понатаму, се наведуваат и концептите што биле разработувани во овие области, меѓу кои има, на пример, и  концепт за „Хуманитарна и правна помош за мигрантите“.

Без оглед колку организации или медиуми се финансираат од овие пари (а тоа се само четири организации што издаваат медиумски сајтови), изјавата е невистинита токму поради паушалното обвинување, дека голем дел од корисниците се занимавале со политика.

Ако погледнеме суштински, секоја  активност на секоја граѓанска организација во добар дел е политичка активност. Зарем занимавањето со слободата на изразувањето и со слободата на медиумите не е во одреден дел и политичка активност? Дали не е и политичка активност, покрај другото, мониторинг и документирање на човекови права или, пак, борба против корупција?

Сите активности на овие организации, се разбира, дека се и политички и тие немаат врска со политчките партии. Имено, станува збор за бавење со одредени политики на владата или на локалните самоуправи кои се под опсеравција на граѓанските организации, кои преземаат различни видови активности за критикување и за лобирање за изменување на тие политики ако се утврдат слабости во нив или ако граѓаните ги почувствуваат како погрешни. И од кога е тоа нелегитимно или, пак, резервирано само за политичките партии?

Оттука, изјавата на Попоски, иако формално гледано делумно е точна, таа нема врска со вистинита, односно е невистинита. Секој граѓански собир во знак на поддршка, на пример, на борба против ограничување на слободата на изразување или против ограничување на правото на абортус или за еманципација на жените Ромки, де јуре е граѓанска активност, а де факто е политичка активност на граѓаните, но тоа не значи дека „корисниците активно се занимаваат со политика“ и дека „тоа би требало да го прават само политичките партии“

Има уште една невистина во изјавата на Попоски, а тоа е дека 90 отсто од средствата за граѓанските организации доаѓале од ист центар, т.е. од ФООМ, што исто така е невистина.

Само ако се направи споредба на финансиските извештаи на ФООМ и на Буџетот, ќе се види дека и Владата и ФООМ потрошиле на граѓански организации речиси идентично средства (иако кај Владата тоа е нетранспарентно), а освен тоа, многу голем, ако не и поголем дел од парите во граѓанските организации, доаѓаат од УНДП, УСАИД, пред сè, ЕУ (за што сведочи и табелата подолу), како и од огромен број билатерални донации на разни пријатели на Македонија.

1520649_10206184553367141_6973793340556775501_n
Табеларен преглед на финансирањето на ЕУ во Македонија од што може да се детектираат и големите вложувања во граѓански активности. Извор: Европска унија

Но, во изјавата на Попоски, освен невистинитост има и недоследност. Имено, голем дел од парите на ФООМ, во изминатите 25 години оделе директно на поддршка на владини проекти или во здравството или во образованието или во владеењето на правото или во безбедноста, за што зборуваат и фактите кои се изнесени во интервјуто  за НОВА ТВ, со првиот човек на ФООМ, Фани Каранфиловска Пановска.

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција