Секоја година се доделуваат стипендии за студирање во странство

Фото: flickr

 

Проект: СТИПЕНДИИ ЗА СТУДИРАЊЕ ВО СТРАНСТВО

Евидентни се заложбите за интернационализацијата на високото образование, со цел позиционирање на Република Македонија како атрактивна дестинација за странски наставници, истражувачи и студенти, но и создавање услови за мобилност на нашата академска заедница заради стекнување вештини и знаење во интернационално окружување, кои подоцна ќе ги пренесат и применат во земјава. За реализација на оваа цел, од особено големо значење е да имаме ефикасен и одржлив систем на стипендирање меѓу кои се: стипендии за студии на првите 100 рангирани универзитети, односно првите 200 рангирани универзитети од областа на техничките науки, според ранг листата на Институтот за високо образование при Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет, стипендирање на студиите на Франклин унивезитетот, Џонс Хопкинс, Фулбрајт, ФАМУ, уметнички стипендии и многу други. Од 2014 година ќе доделуваме и Стипендии за изучување на старотурски јазик. Министерството за образование и наука првпат ќе доделува стипендии за додипломски и постдипломски студии за старотурски јазик на универзитети во Турција или во други земји кои имаат катедри за ориенталистика. Македонија има потреба од таков стручен кадар поради голем број стари документи и ретки ракописи кои ги има во македонските архиви, библиотеки, но и во имотните книги. (Буџет: 148.000.000 денари, рок, континуирано)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Проверено“ од 2014-2018 година, на стр. 280,  се предвидени  стипендии за студенти по повеќе области. Ова ветување го оценуваме како реализирано.

Практиката да се стипендираат студенти, е ветување кое се реализира и пред овој изборен циклус. Па така во јануари 2014 години, во април,  четири месеци пред новите избори, Министерсввото за образование објави Конкурс за доделување стипендии за студирање на првите 100 рангирани универзитети, според ранг листата на Шангајскиот универзитет, и тоа за стипендии за студии во странство од областа на ликовната и драмската  уметност, филмската продукција, кинематографијата и музиката, како и стипендии за студирање на Академијата за филмска уметност ФАМУ во Прага.

Стипендиите за студирање на универзитетите според  шангајската листа изнесуваат од шест до 60 илјади евра, за студии од областа на уметноста од 20 до 80.000 евра и за студирање на ФАМУ стипендиите изнесуваат 23.000 евра годишно.  Сите три вида стипендии обезбедуваат уписнина, месечен надомест и трошоци за превоз.

Министерството за образование и наука и во следната академска 2014/2015 година ја продолжува практиката за стипендирање на сите македонски студенти коишто ќе се запишаат на прв, втор или трет циклус на студии  на некој од првите 100 рангирани универзитети, односно првите 200 рангирани  универзитети  од одбласта на техничките науки, според последната објавена ранг-листа на глобални универзитети за високо образование при Шангајскиот Џиао Тонг универзитет, рече тогаш министерот Ристовски.

Тој истакна и дека интересот за стипендиите за запипување на најдобрите универзитети според шангајската листа, од година в година зналително се зголемува.

Ако во првата година беа додели 13, во оваа година беа доделени вкупно 38 стипендии, пет за прв, 30 за втор и три за трет циклус на студии, посочи Ристовски.

Стипендиите од областа на ликовната и драмската уметност, филмската продукција и кинематографија, за прв пат беа воведени во 2013 гоина, и како што истакна тогаш ресорниот министер, биле доделени вкупно девет вакви стипендии, додека годинава се очекува интересот за нив да биде уште поголем.

Ристовски потенцираше и дека бројот на стипендии во ови две категории е неограничен и дека сите кандидати кои што ќе ги исполнат условите ќе бидат корисници на соодветната стипендија.

За студии од прв и втор циклус на Академијата за филмска и телевизиска уметност во Прага, согласно потпишаниот меморандум, годишно се доделуваат по четири стипендии.

Практиката продолжи и наредната година, а на веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) на 26 ноември 2015 година има информација дека е  објавен Конкурс за доделување стипендии за студенти кои во академската 2016/2017 година ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на некој од 100-те најдобри универзитети во светот, според рангирањето на Центарот за универзитети од светска класа при Универзитетот Џио Тонг од Шангај.

Како што е наведено во информацијата, заменик – министерот за образование и наука Спиро Ристовски  појаснил  зошто Конкурсот е порано објавен:

Оваа година неколку месеци е порано Конкурсот за студентите да имаат време да се подготват, да размислат, да аплицираат. Со ова како Влада покажуваме исклучителна решителност за овој проект. Република Македонија е единствена земја од регионот што го реализира проектот. Ова за нас е крупна инвестиција со оглед дека студентите потоа имаат обврска да се вратат и таа своја капитална образовна инвестиција да ја дадат на располагање на Република Македонија, рече Ристовски.

Во информацијата на МОН уште стои дека сите потребни податоци заинтересираните кандидати може да ги најдат на интернет за страната stipendii.mon.gov.mk. Студентите треба да се државјанин на Република Македонија, да не се корисници на друга стипендија, да имаат постигнато одреден успех и да се примени на еден најдобрите 100 универзитети.

Стипендијата која се доделува за студии на еден од 100-те најдобри универзитети во светот според Шангајската листа, го покрива трошокот на уписнината најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и трошоците за превоз. Крајниот рок за аплицирање е 1 септември 2016 година.

Што се однесува до вториот дел од ветувањето за доделување на стипендии за старотурски јазик како што објавија медиумите вo февруари 2015 година министерството за образование и наука објави конкурс за доделување на 20 целосни стипендии за македонски државјани кои ќе решат да се запишат на додипломски или постдипломски студии за изучување на старотурскиот јазик во академската 2015- 2016 година, на некој од светските универзитети на кои има катедри за отомански студии.

Кандидатите кои што добиваат стипендија за додипломски или постдипломски студии за изучување на старотурскиот јазик, потпишуваат договор со Министерството, со обврска да работат најмалку 10 години во Република Македонија по завршување на студиите, за што државата им гарантира соодветно работно место.

На 02.02.2016 година, МОН исто така објави конкурс за доделување 20 целосни стипендии за додипломски и за постидипломски студии за изучување на старотурски јазик на некој од светските универзитети на кои има катедри за отомански студии.

Како шти пишуваа медиумите:

МОН трета година по ред го објавува конкурсот преку кој во изминатите две години биле стипендирани девет кандидати – четири на додипломски и пет на постдипломски студии. Рокот за пријавување на новиот конкурс, за академската 2016/2017 година, ќе трае до 30 септември. Стипендијата е целосна и ги покрива сите трошоци на студирањето и за  престојот на кандидатот во земјата каде што избрал да студира.

Од сето ова може да се заклучи дека ветувањето за стипендирање на студенти е исполнето.

Извори:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција