Семејството на Бејта го поседува трговскиот центар „Де Јуре“, но не и „Елкос Груп“

Милошоски не е во право. Бејта не е сопственик на овој трговски центар во Гостивар. Фото: ЗЕЛС/ВМРО-ДПМНЕ/Елкос Груп

Доминантниот сопственик на Друштвото за трговија и услуги „Елкос Груп“, Рамиз Келменди е поранешен пратеник во Косово од Алијансата за иднина на Косово на чело со Рамуш Харадинај, додека моментално е вицепремиер во косовската влада предводена токму од Харадинај

 

Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на собраниската седница на која се расправаше за новиот Закон за јазици, изјави дека градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, поседува два трговски центри во Гостивар, што е полувистинито и манипулативно тврдење.

Нема потреба од овој закон. Обичниот гостиварчанец има потреба од работно место, но каде наоѓа работно место? Наоѓа работно место во двата трговски центри, сопственост на градоначалникот Бејта. Во трговскиот центар „Де Јуре“ и сопственикот Бејта, сопственик на трговскиот центар „Елкос груп“, изјави пратеникот Милошоски, на собраниска седница, оддржана на 21.09.2017 година.

[Извор: 24Вести, датум: 21.09.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Бејта беше еден од потпретседателите на ДУИ, заедно со градоначалниците на Чаир и на Тетово, Изет Меџити и Теута Арифи, кои отворено се залагаа за политички промени после декемвриските парламентарни избори. На крајот, ова крило во редовите на најголемата албанска партија успеа да ја добие внатрепартиската битка, со оглед на тоа што интегартивците одлучија да го раскинат 8-годишното партнерство со ВМРО-ДПМНЕ и да формираат коалиција со СДСМ. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ не може да им заборави на тројцата градоначалници што дадоа значителен придонес да ја загубат власта.

Оттука, претставници на партијата на Никола Груевски во изминатиот период на нивна адреса испорачаа серија на обвинувања од криминално-коруптивна природа. Едно од нив, кое ќе биде предмет на оваа оценка за вистиност, е исказот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, дека Бејта е сопственик на два трговски центри во Гостивар. Милошоски оваа изјава ја даде за време на собраниската дебата за Законот за јазици, во контекст дека овој закон му е потребен на Бејта да го покрие неговото незаконско работење, вклучително и за двата трговски центри.

Арно ама, официјалните податоци од надлежните институции покажуваат дека оваа изјава на Милошоски не одговара во целост на фактичката состојба. Имено, во анкетниот лист доставен до Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, Бејта пријавил дека поседува деловен простор од 500 квадратни метри, во вредност од 30.750.000 денари (500.000 евра), стекнат со договор за градба во 2012 година. Во телефонска изјава, пак, Бејта ни изјави дека станува збор за трговскиот центар „Де Јуре“, но притоа тој нагласи дека не го поседува другиот споменат трговски центар – „Елкос Груп“.

Всушност, тоа го потврдуваат документите што ги обезбедивме од Централниот регистар, според кои членови од семејството на градоначалникот на Гостивар, Бејта (неговите браќа Џевад Бејта и Ѓилѓис Бејта) се сопственици на Друштвото за производство, трговија, градежништво, туризам и услуги „Де Јуре“, формирано во далечната 1992 година. Но, Друштвото за трговија и услуги „Елкос Груп“ не е во сопственост на семејството Бејта, туку на косовскиот државјанин Рамиз Келменди и црногорскиот државјанин Фатос Ислами. Колку за информација, доминантниот сопственик на компанијата Келменди е поранешен пратеник во Косово од Алијансата за иднина на Косово на чело со Рамуш Харадинај, додека моментално е вицепремиер во косовската влада предводена токму од Харадинај.

Инаку, косовско-црногорската компанија не само што во 2015 година изградила трговски центар во Гостивар вреден 6 милиони евра, туку во 2014 година изградила и трговски центар вреден 4 милиони евра во Штип, каде градоначалник е Илчо Захариев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, односно од партијата на Милошоски, кој кажа дека сопственик на трговскиот центар на оваа компанија во Гостивар е Бејта. Покрај тоа, „Елкос Груп“ најавува дека планира да изгради трговски центри во Струмица, Битола, Тетово, односно да инвестира вкупно 50 милиони евра и да отвори 1.000 работни места.

Оттука, обидот на Милошоски да му го припише на Бејта трговскиот центар во сопственост на компанија на вицепремиерот на соседна држава, Келменди, е обид да се дискредитира гостиварскиот градоначалник со неточни факти изнесени од собраниската говорница, која, впрочем, ги штити пратениците од одговорност за клевета.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојаноски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција