Сепак е Севeрна, а не на север од Македонија

Билјана Ванковска Фото: Принтскрин

Примери на држави со придавката north: North Korea (Северна Кореја), North Carolina (Северна Каролина), North Dakota (Северна Дакота). Значи сите се со north. Потоа континентот Северна Америка е North America, а не Northern America. Исто е и со зборот за југ (south). Државата е South Africa, а не Southern Africa (второво би било јужниот дел од континентот Африка)

 

Професорката Билјана Ванковска деновиве (13.06.2018 г.) за порталот „Фактор“ во врска со решението за името и договорот со Република Грција, ја даде следната изјава во која меѓу другото, вели:

Англиската верзија на предложеното име (Republic of North Macedonia) не значи Република Северна Македонија, туку Република на северот од Македонија. Да беше Северна Македонија ќе гласеше Republic of Northern Macedonia. Откажувањето од постоењето на македонско национално малцинство е посебна приказна…

[Извор: Фактор,  датум: 13.06.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на професорката Билјана Ванковска, дадена по повод прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев, на која тој ги соопшти деталите од Договорот со Грција околу повеќедеценискиот спор за името, е невистинита.

Ако се погледнат енциклопедија Британика и  Википедија, може да се забележи дека називите на државите кои во своите имиња имаат придавки (северна, јужна) се напишани на следниов начин како во следниве примери:

South Africa – (Јужна Африка – Јужноафриканска Република)

North Korea – (Северна Кореја)

South Korea – (Јужна Кореја)

North Carolina – (Северна Каролина)

South Carolina – (Јужна Каролина)

North Dakota – (Северна Дакота)

Испровоциран од изјавата на Ванковска, Огнен Вангелов, докторанд и предавач на Квинс универзитетот во Канада, во објава на неговиот профил на Фејсбук вели дека „за секој што го познава англискиот јазик исказот е чиста дезинформација“ и објаснува зошто:

Во англискиот јазик постојат две форми за зборот северен/на/но: north и northern. Зборот north истовремено е и именка (север) и придавка (северен). Ако стои пред друга именка, тогаш тој има функција на придавка. Northern е само придавка. Но, форма која најчесто се употребува за географска целина, како што се континенти, држави итн, би била north. 

Примери на држави со придавката north: North Korea (Северна Кореја), North Carolina (Северна Каролина), North Dakota (Северна Дакота). Значи сите се со north. Потоа континентот Северна Америка е North America, а не Northern America. Исто е и со зборот за југ (south). Државата е South Africa, а не Southern Africa (второво би било јужниот дел од континентот Африка). Инаку ова правило не е апсолутно, може да има исклучоци, како на пример, Western Australia (Западна Австралија, држава во Австралија). Последново е граничен случај, бидејќи ова е истовремено и држава и западен дел од државата Австралија. Како и да е, и едното и другото како придавка значат северен/на/но.

Значи, northern почесто се употребува како северна област во дадена географска целина. Тоа повеќе се преведува како “северниот дел од”. Така, за Војводина би се рекло “Serbia’s northern province of Vojvodina” (Северната покраина на Србија, Војводина…). “Slovenia was the northern republic of former Yugoslavia…” (Словенија беше северната република во поранешна Југославија). Исто така имаме Northern Ireland (Северна Ирска), која не е независна држава, туку северниот дел од една географска целина Ирска.

Значи, терминот North Macedonia е точен и воопшто не значи „на северот од Македонија”. Последново на англиски би било To the North of Macedonia или Republic to the North of Macedonia. 

Иронизирајќи, пак, за ставот на Ванковска, професорката Мирјана Најчевска на Фејсбук напиша:

Ако одиме по оваа логика Британика дебело згрешила кога зборува за Северна Америка (https://www.britannica.com/place/North-America: North America occupies the northern portion of the landmass generally referred to as the New World, the Western Hemisphere, or simply the Americas).

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција