СГС продолжува да „освојува“ тендери

Археолошки музеј ќе плати 140.000 евра за една година услуги од СГС. Фото: Принтскрин

Договорот за обезбедување на музејот е објавен многу месеци после склучувањето, е склучен без да се изврши електронска аукција, а услугата што се барала исто така не е дел од Рамковна спогодба, се дознава од известувањето.

 

Договорот за обезбедување на музејот е објавен многу месеци после склучувањето, е склучен без да се изврши електронска аукција, а услугата што се барала, исто така, не е дел од Рамковна спогодба, се дознава од известувањето

 

 

Договор за обезбедување имоти, археолошки предмети, материјали и документација за потребите на НУ Археолошки музеј на Македонија, Скопје што Археолошкиот музеј на Македонија на 4 февруари годинава го склучил со фирмата СГС, е објавен дури вчера во Електронскиот систем за јавни набавки – кога и бил испорачан од Археолошки.

Arheoloshki i SGS

Договорот за обезбедување имоти, археолошки предмети, материјали и документација за потребите на НУ Археолошки музеј на Македонија, Скопје, што е објавен многу месеци после склучувањето, е склучен без да се изврши електронска аукција, а услугата што се барала, исто така, не е дел од Рамковна спогодба, се дознава од известувањето.

За сума од 8.559.720 денари, односно безмалку 140.000 евра, СГС, која била единствен понудувач на огласот на Археолошки музеј 10/2015, треба да ја пружа услугата до 31 јануари 2017 година.

Фирмата СГС, односно Друштво за услуги Секјурити Груп Сервисис ДООЕЛ – Скопје, со тоа го продолжи својот поход како неприкосновена во бизнисот на обезбедување – од болници и училишта, преку музеи, до наплатни рампки на автопатиштата, анализира Нова ТВ денеска.

Ова е седми тендер за обезбедување на државна установа што го доби СГС од почетокот на годината, а сите тие се во вредност од 911.000 евра.

Најприходната агенција за обезбедување, оваа година ги доби зделките и со ТЕЦ Неготино (34.000 евра), А.Д. Електрани (46.000 евра), Болница Велес ( 34.000 евра), Град Скопје за обезбедување на сите средни училишта (227.000 евра), Салата Борис Трајковски за период од три месеци (8.600 евра), Археолошкиот музеј (140.000 евра) и најголемите пари доаѓаат од Државни патишта за обезбедување на наплатните рампи, договор склучен во јули во вредност до 422.000 евра за период од две години.

Од почетокот на својата работа во 2012, па до крајот на 2015 година. мистериозната агенција добила 56 државни тендери, а од нив дури на 46 била единствен понудувач. Или во пари, за само четири години СГС од државниот буџет и од општинските каси искеширала 16 милиони евра.

Фирмата СГС и начинот на кој добивала некои договори, инаку, се темата на еден од циклусите прислушувани разговори што ги обелодени СДСМ, односно 28-та „бомба“, при што слушаме дека за многу работи, како што обвини СДСМ, директорот Слободан Николовски мора да го прашува Сашо Мијалков.

СМ: Ти се јави Коњановски?
СН: Не, не ми се јавил. Не ми се јавил.
СМ: Му го дадов твојот број уште прееска, ќе ти се јави.
СН: Да.
СМ: Започната е постапката за концесиите.
СН: Е па добро.
СМ: Па му реков тендерската документација да ти ја даде тебе, да се разгледа.
СН: Да, да, готово, нема проблем.
СМ: За да се спреми, за да се спреми стратегија.
СН: Да, готово, нема проблем, ќе ја земеме и ќе ја разгледаме.
СМ: Значи он ќе те бара, ќе ти ја даде.
СН: Важи, важи.
СМ: Таман тоа нема да биде на…Тоа ќе биде или на следната или на последната седница, ќе се овај, одобрува тендерската документација и врз основа на тоа се почиња постапка, т.е се отвара тендерска постапка.
СН: Да, да, да. Добро…
СМ: Таман јас ќе бидам таму и така да…
СН: Штом ќе ме побара ќе го…ќе ја земеме и ќе ја рагледаме, нема проблем. Што има друго ново?
СН: Па ништо, еве работиме. Сега малце годишни одмори, луѓето ги пуштаме на годишни одмори, таа е законска обврска. Така да направивме над 920-930 луѓе сме сега.
СМ: Аха, добро е.
СН: Голема бројка, добро е. Сега е добро, па ќе видиме, здравје. И така.
СМ: Чекај, ова да го завршиме, уште Т-Мобиле и па више доаѓаш до 1.100.
СН: Т-Мобиле и ЕЛЕМ, над 1.200 ќе бидат. Па ќе видиме, здравје само.
СМ: ЕЛЕМ со Дејан.
СН: Како?
СМ: ЕЛЕМ со Дејан.
СН: Да, да, да. Не, постапката и таму веќе, кај и да е, ќе биде. Има тендер, све таму. И таму е…за почеток 50 луѓе таму, па после ќе видиме. Зошто тие имаат нели нивни…
СМ: Чекај, имаш ти контакт со Дејан?
СН: Не, ја тераме таа работа. И тендер објавија и…
СМ: Па не, со Дејан треба да…за да имаш у…
СН: Не, не, нон стоп сме со него, нон стоп.
СМ: Е добро.
СН: ја тераме, за тоа не се секирајте. Викам за почеток 50-тина луѓе ќе бидат пошто тие имаат нивни чувари и сега како…
СМ: Кога ќе се одлучува тоа?
СН: Па мислам таму во септември почнува, зошто тој тендер…до септември мислам.
СМ: Одлично.
СН: Да. Ќе биде, тука ќе се видиме кога ќе дојдете.
СМ: Ај сега баш ќе му свртам и на Жаре да видам до каде е таа работа.
СН: Да, добро.
СМ: Со него. Има нешто ново, таму во Т-Мобиле.

Во друг разговор на, како што рече СДСМ, Мијалков и Николовски, слушаме дека фирмата СГС имала „печен“ бизнис и со Албафон.

СН: Утре сабајле да дојдам. И уште една работа, само ова мора веднаш да ја решиме. Со Телекомот, нели сега нив ги обезбедуваме и…
СМ: Како?
СН: Телеком-от…
СМ: Да.
СН: Нели со нив сме договорени, од 1-ви ги превземаме и сега оваа Албафон што е новата…
СМ: Албафон?
СН: Да, и тие дојдоа, и тие бараат да ги обезбедуваме.
СМ: Да, да, знам. Тие ми се пријатели.
СН: Да. И сега има таму една клаузула во Договорот со нив дека, да го задржиме правото на ексклузивност, значи само нив да ги обезбедуваме, да не озбезбедуваме некоја фирма со слична дејност таму што е.
СМ: А, не бива таа работа.
СН: Да, и сега тука ќе мора на овие да им откажеме.
СМ: Ќе си го тргнат тоа од Договорот и готово.
СН: Е тоа сакав да Ви кажам.
СМ: Тие знаат ли кај бараат екслузива? Кај го има тоа бе?
СН: И требаше да видиме со Жарко да зборнете вие, па да видиме дали ќе може да се тргне. Иначе со Договорот сме обврзани на таа ексклузива
СМ: Чекај малце, тоа го има во кој договор? Во, во…
СН: Во Телеком.
СМ: Кај Жарко?

Покрај тогашниот министер Зоран Коњановски, СГС сметала и на поранешниот министер за финансии Зоран Старески.

СН: Па онака некои работи што ни се побитни да видиме, околу некои тендери, едно, друго. Со Ставрески ако се видите таму, доста со овие, има некои фирми што тој нели…сега не знам дали би прифатил тој такво нешто, ама негде помош…Јагуновце таму гледам, фабриката Југохром, тој гледам таму оди, нити има добри позиции таму, може…
СМ: Југохром се таму оние Русите?
СН: Па не, тој има некои луѓе што му се на него блиски многу и тие луѓе се на многу добри позиции таму кошто можат добро да изменаџираат за нас. Цело време го бркаме знаеш, ама пак се врти во круг, никако да тргнат. Ај кога ќе дојдам ќе поразговараме за тоа.

Слушаме и дека за вработување во СГС решавал Мијалков, односно и таа фирма била дел од „колачот“ што си го делеле ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ:

МЏ: Во таа агенцијата за обезбедување…
СМ: Да.
МЏ: СМС, не знам како се вика…
СМ: СГС.
МЏ: Е. Има некои членови, вака битни активисти на ДПА од Чаир, но и некои кои се гонат…
СМ: Знам.
МЏ: Ми пренеле дека работат за таа агенција.
СМ: Ќе го решиме тоа брзо.
МЏ: Е така. Или заради тоа…
СМ: Ја чекав да ми кажат имиња, и сеуште не ми дадоа имиња. Мене ми рекоа ќе ги отстраниме, ми ургираа од друга страна, од кај вашиот, од кај овој…
МЏ: Пошто тие…
Од кај овој бе, од кај вашиот од Чаир…
МЏ: Ааа..ама мене ми пренеле дека тие се, без разлика тие се, неможе да бидат сите ДУИ. Ама ако се знаат дека се проблематични…
СМ: Не бе, ќе бидат ДУИ, зошто да не бидат? Ќе бидат ДУИ, зошто да не бидат ДУИ.

Разговорите, порачаа од СДСМ, откриваат дека СГС е фирма на власта, која провизорно победува на тендери. Походот на СГС во 2015 година и годинава, како што образложи Нова ТВ повторно го вади на површина прашањето дали таа пракса некогаш ќе заврши.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција