„Шегаџиите“ што го измамиле Заев немаат проблем да бидат „оружје на Кремљ“

 

Премиерот Зоран Заев даде изјава која ја оценуваме како вистинита:

… Должен сум да кажам дека и јас станав еден од оние што во изминатите неколку години се измамени од добро организирана структура. Тоа се структури што извлекуваат придобивки од нови облици, алатки и тактики за медиумска дискредитација и медиумско влијание, најчесто насочени против личности и земји со евро-атлантски аспирации. Тоа е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратешки интереси да го завршиме процесот за нашето членство во НАТО. Тоа се добро организирани структури за ширење влијание во интерес на трети страни…

[Извор: Влада/Медија центар – прес на З. Заев (од 19.мин) – датум: 09.07.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на премиерот Зоран Заев дека нелегалните телефонски разговори со него се извршени од добро организирана структура, која и во минатото има користено нови тактики за медиумска дискредитација, најчесто насочени против личности и земји со евроатлантска аспирација, а во полза на трети страни, го оценуваме како вистинито.

Иако Заев не даде експликација за своето тврдење, докази за ова се наоѓаат во медиумскиот простор токму во Русија, матичната земја на двајцата измамници кои разговарале со Заев, претставувајќи се како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Независниот руски весник „Москоу Тајмс“ (The Moscow Times) уште во март 2016 година објави сторија за двајцата „пранкери“, со симптоматичен наслов: Среќни да бидат оружје: Двајцата руски пранкери ги таргетираат противниците на Кремљ.

Во текстот весникот ги опишува двајцата како 30-годишен адвокат (Владимир Кузњецов) и 28-годишен економист (Алексеј Стољаров), кои почнале со лажно претставување по телефон уште пред 10-тина години, но дека тоа го правеле внатре во Русија во светот на шоу-бизнисот, јавувајќи им се на познати руски ѕвезди од сите области. Кузњецов дури и повремено добивал работа од руски таблоиди за да ги објавува неговите разговори.

Двајцата се споиле во 2014 година, потврдувајќи дека веднаш се насочиле кон светот на политиката. Во тоа време кога е работена статијата, двајцата за „Москоу тајмс“ истакнале дека на својата листа имаат четворица претседатели на држави. Украинскиот Порошенко, турскиот Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Молдавија, Николае Тимофти и белорускиот претседател Александар Лукашенко. За да нема забуни зошто Лукашенко, измамата била во тоа што тој бил убеден дека разговара со синот на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, при што се согласил дека би му дал азил.

Двајцата, познати под псевдонимите Вован (Кузњецов) и Лексус (Стољаров), ги демантирале тврдењата веќе раширени во јавноста дека работат за Кремљ, изјавувајќи притоа дека го ценат рускиот претседател, „дека би сакале еден ден да се сретнат со него“ и дека „не би сакале да бидат оружје за потребите на непријателите на Русија“. Но, дали тие се чувствуваат добро да бидат оружје на Кремљ, им поставува прашање авторката на текстот.

„Зошто да не, ако е во линија со она што го чувствуваме“ – одговорил Кузњецов.

И друг руски медиум, еден месец подоцна, во април 2016 „Раша Бијонд“, (The Russia Beyond) објавува разговор со двајцата „пранкери“, со наслов: Обама биди внимателен: Кој е следниот на листата на руските шегаџии?

Објаснувајќи дека нивните лажни телефонски претставувања се многу повеќе од шега, порталот раскажува дека во една прилика тие се претставиле лажно како украински официјални лица и зборувале со водачите на кримските Татари, кои ја организирале блокадата на полуостровот за време на конфликтот, по што сите снимени разговори ги предале на руското обвинителство на Крим.

Политичкиот пранк на Вован и Лексус без сомневање е корисен за Кремљ: нивните жртви обично се оние индивидуалци кои се во конфликт со Русија. Како и да е, Кузњецов и Стољаров подвлекуваат дека тие се само патриоти кои ги поддржуваат политиките на Путин, но не работат за Владата и детали за контактирање со нивните славни жртви ги наоѓаат преку „пријатели““ – пишува „Раша Бијонд“.

Севкупниот историјат на нивните измами, дали преку обичен телефонски разговор или преку апликации за комуникација, покажува дека цел постојано биле лица или земји кои се во конфликт со Русија или во интерес на „трети страни“, како што изјави денеска Заев.

Поради погоре изложените аргументи изјавата на Заев ја оценуваме како вистинита. Тој, без оглед на причините за пропустот, е жртва на добро органзирана група која не го прави тоа од забава или поради шега.

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.