Шилегов го промовираше проектот „Дрво за секое дете“

Фото: Град Скопје

 

ВЕТУВАЊЕ: На скопјани ќе им овозможиме да си засадат дрво за секое новородено дете. Секој граѓанин на Скопје да има сопствено дрво на иднината, што ќе го негува.

[Предизборен митинг на СДСМ во Скопје, 08.10.2017 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето дека на скопјани ќе им биде овозможено да си засадат дрво за секое новородено дете, е исполнето ветување на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кое тој го даде за време на предизборната кампања за локалните избори кои се одржаа на 15.10.2017 година.

Проектот „Дрво за секое новородено дете“, Шилегов го промовираше  на централниот предизборен митинг на СДСМ кој се одржа во Скопје на 08.10.2017 година.

Овде сакам да ја промовирам најновата мерка, која што свесно не ја запишав во програмата. На скопјани ќе им овозможиме да си засадат дрво за секое новородено дете. Секој скопјанин, секој граѓанин на Скопје да има сопствено дрво на иднината, кое што ќе го негува. Тој што не може да го разбере дрвото, тој не може да ја разбере иднината. Овде се нашите корени, овде е нашето стебло, овде е нашата крошна, нашата убавина, пред која што јас стојам вечерва, рече меѓудругото Шилегов во своето обраќање пред граѓаните.

На 02.04.2018 година, како што јавија дел од медиумите, Шилегов најави дека почнува проектот „Дрво за секое дете“. За таа цел, градоначалникот на град Скопје и претставници на гинеколошките клиники од Скопје потпишаа меморандум за соработка за реализација на овој проект.

Како што ветив во предизборната кампања пред неколку месеци, ja почнуваме реализацијатa на проектот „Дрво за секое дете“. Заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и гинеколошко-акушерските болници, преку овој проект им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе на некој од градските дрвореди, паркови или скверови. На дрвото ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Во текот на годините секој што засадил дрво ќе може да го следи неговиот раст заедно со растот на детето, истакна Шилегов, пренесе Макфакс.

Како што појасни градскиот татко, дрвото на новороденчињата ќе биде посадено во сезонска акција на расположива локација по избор на родителите. По напуштање на гинеколошката клиника, родителите ќе треба да го пријават добиениот код на 071/395-395, каде што потоа ќе ги добијат дополнителните информации за овој проект.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, дека на скопјани ќе им биде овозможено да си засадат дрво за секое новородено дете, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција