Шилегов навистина ветил проект „Паркирај и вози“

Паркирај и вози, ветено ама како можност. Фото: META/Википедија

Со мала претрага по интернет може да се потврди и информацијата наедена во вчерашното сооопштение, дека мерката „паркирај и вози“ или park&ride, навистина е дел од мерките во повеќе европски и светски метрополи.

 

Град Скопје предводен од градоначалникот Петре Шилегов вчера издаде соопштениe/изјава, во кое, меѓу другото, се наведува следното тврдење кое го оценуваме како вистинито:

…Град Скопје не планира никаква забрана за влез во Скопје со моторни возила, како што пренесоа дел од медиумите.

Имено, Градот Скопје во насока на намалување на влезот на возила во Скопје размислува за имплементирање на систем на комбиниран превоз, каде на граѓаните од внатрешноста ќе им овозможи бесплатен паркинг на влезовите во Скопје, а до својата дестинација да стигнат користејќи го јавниот превоз (железница, автобус или велосипед).

Овој систем на „Паркирај и вози“ (park&ride) го има во сите поголеми метрополи и станува збор за успешен модел кој што дава одлични резултати, а воведувањето на овој систем беше и дел од изборната програма на градоначалникот Шилегов на изборите во 2017-та…

[Извор: Град Скопје – Веб портал на Град Скопје, Соопштение, датум: 11.01.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Соопштението/изјавата на Град Скопје е вистина, посебно во делот што е цитиран погоре. Ваквото соопштение уследи по пишување на дел од интернет медиумите кои објавија  информација дека ќе се воведе забрана за влез во централното подрачје на Скопје на возила од внатрешноста на Македонија.

Најпрво и здравата логика наведува дека тоа е неуставна, незаконска и дискриминаторска мерка и малку е веројатно некој да размислува за такво драстично лошо решение. Дека станува збор за извртување на тези, токму со таков речник се изјасни и заменикот министер за заштита на животната средина Јани Макрадули на неговиот профил на Фејбук, социјална мрежа која кога станува збор за јавни личности и именувани функционери може да се смета како еден од изворите.

Макрадули е информиран најпрецизно, затоа што е инволвиран директно во дневната координација на државните тела и институции кои изготвуваат мерки, закони и одлуки насочени кон намалување на загадувањето.

И конечно, по проверка на изборната програма и ветување на Петре Шилегов, издадена пред локалните избори во 2017 година, на кои тој го освои мандатот за градоначалник на Скопје, може да се утврди дека вистина е дека е дадено такво ветување.

На страна 18 од програмата на Шилегов се наоѓа конкретен проект: „Паркирај и вози; Комбиниран превоз за помалку метеж“. Во него се наведува следната МОЖНОСТ:

…Реализацијата на проектот опфаќа изградба на најмалку две транспортни „Паркирај и вози се“ точки, на источниот и западниот влез на Скопје. Сопствениците на возилата ќе можат бесплатно да се паркираат на обезбеден паркинг, а до својата дестинација во централното градско подрачје, ќе користат јавен превоз. Сообраќајот во градот ќе се растовари, а воздухот ќе биде почист.

Во текстот на ветувањето оваа замисла е најавена како можност („Сопствениците на возилата ќе можат…“), а не како облигаторно решение. Така е во сите градови каде што ваква мерка е воведена. Идејата е да се понуди евтино паркирање на личните возила во периферните населби од градот, особено онаму каде што поминуваат или во близина има меѓународни или магистрални патишта. По правило, таквото паркирање е многу поевтино споредено со она во централното градско подрачје или, пак, за воопшто да може да се влезе во централното градско подрачје со автомобил треба да се плати висока такса против автозагадување (Лондон). Ако, пак, географијата тоа го дозволува, односно ако централното градско подрачје во кое има премногу автомобили се наоѓа на остров (Менхетн, Њујорк), тогаш таквата еколошка такса се наплатува преку мостарината, односно преку плаќање за премин преку мостот кој го поврзува Менхетн со копното и остатокот од градот. Ако плаќањето за паркирање за автомобилите на вработените историски паѓало на товар на работодавецот, тогаш, за да се охрабри користењето на мерката park & ride, се воведува дополнителна давачка која сега ја плаќаат вработените, каков што е случајот во Шведска. Но, во некои градови ни тоа не е доволно, па врз таквата давачка, заради сообраќајните мешаници, кои се создаваат заради преголемиот број приватни возила, се воведуваат и дополнителни давачки, каков што е случајот со Стокхолм, што уште повеќе го охрабрува користењето на мерката park & ride. За таа да биде навистина успешна, неопходно е во близина на ваквите паркиралишта за автомобили да има достапен јавен транспорт, кој би овозможил брзо и евтино да се стигне до централното градско подрачје. Во Прага, на пример, во близина на етаблираните 17 големи паркиралишта на периферијата има 12 станици од градското метро и 3 железнички постојки, според податоците од 2011 година. Овие паркиралишта нудат ниски цени за целодневно паркирање, кое е уште поевтино ако се има предвид дека заедно со билетот за паркирање бесплатно се добива и билет за користење на јавниот транспорт. Во некои градови оваа мерка се комбинира заедно со поволно или бесплатно користење на велосипеди, откако ќе се излезе од јавниот транспорт за последниот дел од патувањето да биде побрз и да не мора да оди пешки (Мајами, Флорида). А, некаде, пак, ваквата транспортна шема не мора воопшто да го вклучува јавниот транспорт, туку може да подразбира транспорт на повеќе лица во едно приватно возило, најчесто во насока на централните градски подрачја наутро и во обратна насока попладне (car pooling, car sharing), при што патниците кои користат ваква транспортна шема имаат посебни постојки, понекогаш и со тоалети. Во други земји или градови како Лос Анџелес, Калифорнија, во градовите Варшава, Краков и Торун во Полска, во Тајван и на градската железничка станица во Болоња, во употреба е таканаречениот транспортен систем kiss & ride, каде што еден од сопружниците го вози другиот до железничката, автобуската, метро станицата или, пак, до аеродромот, па по нивната разделба (со бакнеж – оттаму доаѓа името kiss & ride) семејниот автомобил може да се користи за други потреби. За излез и влез од и во автомобилот на постојките каде што се практикува ваквата транспортна шема има посебни локации за крактотрајно паркирање, како и стојалишта и постојки со цел таа да се охрабри и практикува редовно. Во секој случај, идејата на ваквата мерка во никој случај не подразбира забрана за движење на приватните возила низ централното градско подрачје, туку едноставно поскапување на нивното користење во овие градски зони од една страна, како и креирање поволности за користење на јавниот транспорт од друга страна, со цел да се охрабри неговата широка употреба.

Поради погоре наведените аргументи, може да се оцени дека соопштението – изјава на Град Скопје, предводен од градоначалникот Петре Шилегов, е вистиното тврдење, т.е. вистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.