Штипското ОУ „Славејко Арсов“ сè уште без ветените училници

Проект: Доградба на ООУ „Славејко Арсов“, населба Баби

Со цел да се овозможи квалитетен образовен процес, со помош на Владата на Република Македонија, ќе извршиме доградба на училници во училиштето. (Извори на финансирање: Буџет на РМ, Рок: 2013 – 2014 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На 20. страница од својата изборна програма со која ја побара довербата на граѓаните на локалните избори во 2013 година, актуелниот градоначалник на Штип Илчо Захариев, вети проширување на основното училиште „Славејко Арсов“ во штипската населба Баби. Тој назначува дека со доизградбата ќе се создадат нови училници, а како рок за реализација ги наведува годините 2013 или 2014.

Според утврденото при проверката, ова ветување на Захариев досега ( 26.09.2016) е неисполнето.

Проблемот со недостиг на простор во училиштето и потребата од нови училници се споменати во неколку вести за училиштето во последниве 2-3 години. Во веста на „А1он“ од 28 јуни 2013 година за донација од амбасадата на Германија за опремување кабинети во ОУ „Славејко Арсов“, пишува дека се очекува да се изградат нови училници. По повеќе од две години, истата најава ја читаме и во вест од 19 ноември 2015 година, која пренесува ветување дека училиштето ќе добие спортска сала. Телевизијата Канал+ ја пренесува изјавата на директорката на ОУ „Славејко Арсов“ дека училиштето има недостиг на простор, а нови училници допрва треба да се градат.

Обемното пребарување на интернет за да видиме дали во изминативе 10 месеци се направени барем првите чекори за реализација на ова ветување на Илчо Захариев, не вроди плод. И прелистувањето на делот „Настани“ на веб-сајтот на Општина Штип во периодот до 15 ноември лани не нè доведе до информација дека е нешто преземено за реализацијата на ветувањето на Илчо Захариев за доградба, односно градење нови училници за штипското училиште „Славејко Арсов“ најдоцна до крајот на 2014 година.

Поради тоа, ова ветување на Захариев го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.