Има ли проблем со исплатите на зголемениот минималец и парите за стечајците пред избори?

 

 

Експерти и аналитичари сметаат дека Антикорупциската комисија, која побара зголемената минимална плата и надоместокот за стечајците да не се исплаќаат пред изборите, не ги толкува членовите на законите правно, туку политички. Тие се на став дека овие исплати се одговорност на Владата преземена пред изборите, а законите за овие мерки се изгласани од Собранието и имаат рокови на примена

 

Пишува: Рада Исовска-Маневска

 

Антикорупциската комисија оцени дека исплатата на зголемената минимална плата и надоместокот за стечајците не треба да се реализираат во септември поради изборниот процес и ги повика Владата и државните органи по целосно завршување на локалните избори да почнат со примена на Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата и Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата.

lOK-IZB

Комисијата за појаснување на својот став се повикува на Законот за спречување на корупција и Изборниот законик, членовите кои се поврани со вонредни исплати од буџетски средства.

Член 11 став 3 од Законот за спречување на корупција од денот на донесувањето на Одлуката за распишување на избори до завршувањето на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на Одлуката за распишување на избори, па до завршувањето на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и на градот Скопје не може да се врши никаква вонредна исплата на плати, пензии, социјална помош или други исплати од буџетски средства или средства од јавните фондови, ниту да се отуѓува државен капитал, ниту да се потпишуваат колективни договори и

Член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори, па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје, не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал, ниту да се потпишуваат колективни договори.

Член 8-а став 3 од Изборниот законик од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори, па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.

Антикорупциската комисија најави и дека ќе ги повика на одговорност одговорните и раководните лица на органите на државната управа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независните регулаторни тела основани од државата, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата, другите државни органи и други правни лица што располагаат со државен капитал, доколку тие не го почитуваат нејзиното толкување.

Експерти и аналитичари, пак, сметаат дека Антикорупциската комисија не ги толкува членовите на законите правно, туку политички. Според нив, нема основа за ваков став на Антикорупциска, бидејќи законите за зголемување на минимална плата и за исплата надоместокот за стeчајците се одговорност на Владата преземена пред изборите и се изгласани од Собранието. Дополнително парите за нивна реализација се обезбедени со ребалансот на буџетот, кој е донесен пред распишување на локалните избори.

Осман Кадриу, професор на Фон универзитетот, вели нема судир на интереси кога се има предвид примената на Законот за минмална плата и Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата.

Станува збор за обврска која Владата ја презела пред изборите, ја преточила во законски решенија кои ги изгласало Собранието. Законските решенија имаат рокови на реализација и треба да се почитуваат и лицата кои треба да добијат минимална плата или надоместок треба да ги добијат. Тоа воопшто не е поврзано со изборниот процес – вели Кадриу.

Според него, нелогично е и барањето на Антикорупциската да почне примената на законите откако ќе бидат целосно завршени локалните избори, зашто тие можат да траат многу долго.

Тогаш минималната плата и надоместоткот за стечајците ќе треба да се исплати ретроактивно, а за тоа нема потреба, подвлекува професорот Кадриу.

Слободан Најдовски, економски аналитичар и дел од тимот на Министерството за финасии, во преодната влада, вели дека нема никаков проблем да се исплатат минималната плата и надоместоткот за стечајците.

Овие ставки се веќе влезени во буџетот со ребалансот, кој е донесен од Собранието пред распишување на изборите, а со законите само се допрецизира кога и како ќе се исплаќаат овие пари, вели тој.

Тој смета дека Антикорупциската комисија политички ги толкува законите.

Во овој случај антикорупциската комисија намерно ги толкува членовите на законите погрешно, бидејќи се уште делува во закрила на претходната политичка гарнитура инаку примената на овие членови не важи и за јавните набавки во општините кои се директно засегнати со локалните избори, ако се влезени во планот на работата на Општините од претходниот состав и ако за нив се обезбедени пари. Овие закони, посебно за минималната плата најмногу се однесуваат на приватниот сектор и тој со стапување на сила на законите мора да ги реализира – додава Најдовски.

Бизнисмените, пак, се зачудени од ставот на Антикорупциската комисија.

Ние имаме законска обврска да ги исплатиме повисоките септемвриски минимални плати, инаку според законот ќе бидеме дебело казнети. Ако се прочита Законот за минимална плата таму добро се објаснува дека работодавачите треба да ја исплатат платата, а потоа во рок од 40 дена ќе можат да сметаат на парите од државата. Значи, ние мораме да ги исплатитме предвидените минимални плати, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека двата закона се донесени и треба да се имплементираат.

Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата и Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата се предложени од група пратеници во Собранието на РМ , донесени од Собранието и објавени во Службен весник. Во Законот за минимална плата во РМ е предвидено исплатата на минималната плата да се врши со септемвриската плата, а во законот за материјално обезбедување предвидена е постапка со поднесување на барање до Агенцијата за вработување на РМ, според местото на евидентирање. Бидејќи законите се донесени, истите треба да се имплементираат од надлежните институции.

Од Министерството за финансии пак тврдат дека нема дополнително ангажирање на пари од буџетот.

Овие средства се предвидени со ребалансот на Буџетот, подготвен од страна на Министерството за финансии и изгласан од Собранието на Република Македонија на 6 август, велат од министерството за финасии.

Изборната кампања за локалните избори 2017 официјално почна на 25 септемви. Законот за измени на Законот за минимална плата Собранието го донесе на 18 септември.
Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата е донесен на 19 септември 2017.

 

ИЗВОРИ:

  • Соопштение од Државна комисија за спречување корупција од 6.10.2017 година, goo.gl/kHLrgG, (Проверено на 9.10.2017)
  • Фокус (18.09.2017) -Законот за минимална плата изгласан со ниту еден глас против, http://fokus.mk/zakonot-za-minimalna-plata-izglasan-so-nitu-eden-glas-protiv/, (Проверено на 9.10.2017)
  • Радио Слободна Европа (19.09.2017) Собранието го донесе Законот за стечајци и ја укина радиодифузната такса, https://www.slobodnaevropa.mk/a/28744187.html, (Проверено на 09.10 2017)

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *