Шврговски: Обвинителството е самостоен орган, но не е независен!

Љупчо Шврговски, поранешен државен јавен обвинител на Република Македонија

 

Поранешниот јавен обвинител, Љупчо Шврговски на 20 март 2015 за „Дојче Веле“ изјави:

Во јавноста постои непознавање на уставната позиција на Обвинителството. Јавното обвинителство е самостоен и единствен орган, но не е независен. Владата го дава предлогот за избор на државен јавен обвинител, а го именува и го разрешува Собранието. Ние сме истурен дел на извршната власт. Од тој аспект, соработката на обвинителството со извршната власт е легитимна. Уставната позиција ни го дава тој, условно речено, ‘ексклузивитет’. Во судството, пак, тоа е невозможно, бидејќи судството е независна, трета власт. Обвинителството не е. Во тоа е разликата.

[Извор: Дојче Веле, Датум: 20.03.2015]

Љупчо Шврговски, поранешен државен јавен обвинител на Република Македонија
Љупчо Шврговски, поранешен јавен обвинител на Република Македонија. Фото: видео клип скриншот

 

Образложение:

Екс-државниот обвинител Шврговски ја даде оваа изјава, потврдувајќи го разговорот што на 19.03.2015 го објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тогаш Заев презентираше аудио снимка на која, според него, Шврговски бара од министерката за внатрешни работи да интервенира кај екс – министерот за правда, Блерим Беџети, синот на тогашната претседателка на скопска Апелација, Љупка Арсениевска да биде избран за обвинител.

Но, дали линкот на Обвинителството со извршната власт – Претседателот на државата и Владата, е така силен како што смета Шврговски? И, што за ова вели Уставот?

Надлежностите на извршната власт и на Обвинителството се опишани во делот од Уставот насловен: „Организација на државната власт“, меѓутоа во посебни поглавја. Па, така, ингеренциите на Претседателот на државата и Владата се дефинирани во поглавјата ( 2) и (3). Додека пак, на институцијата Јавното обвинителство и на функцијата јавен обвинител им е посветена глава (5), каде во членот 106 ( вклучително и амандманот ХХХ) се вели дека: 

  1. Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
  2. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
  3. Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители. 
  4. Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. 
  5. Јавниот обвинител на Република Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување. 
  6. Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.
  7. При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
  8. За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот.
  9. Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.
  10. Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон.
  11. Функцијата Јавен обвинител на Република Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.
  12. Се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство.

Во Законот за јавното обвинителство , за кој Уставот предвидува дека се носи со двотретинско – квалификувано мнозинство (минимум 82 гласа), е наведено дека (1) Јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, го именува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување. ( Член 40).

Но, во членот 5 од Законот е прецизирано дека:

  1. Јавниот обвинител функцијата ја врши законито, непристрасно и објективно…
  2. Јавниот обвинител во вршењето на функцијата обезбедува еднаквост на граѓаните пред законот, независно од полот, расата, бојата на кожа, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување и имотната и општествената положба.
  3. Никој не може да влијае врз самостојноста и непристрасноста на јавниот обвинител во вршењето на функцијата.

Исто така, според Законот, јавниот обвинител пред стапувањето на должност дава и свечена изјава (член 47), во која вели:

се колнам дека во вршењето на функцијата јавен обвинител ќе го почитувам Уставот на Република Македонија, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, дека функцијата ќе ја вршам совесно, непристрасно и одговорно…

Вака дефинираните уставни и законски надлежности на државниот обвинител, покажуваат дека изјавата на Шврговски оти „Обвинителството не е независно и дека соработката со извршната власт е сосема легитимна“, е невистинита.

 

Линкови:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција