Силјановска ќе трча за претседател на „Република Македонија“, а ќе се заколне на Уставот на Република Северна Македонија!

Фото: vmro-dpmne.org.mk

Оваа изјава на професорката Гордана Силјановска – Давкова, дадена во интервју за ТВ „Сител“ набрзо откако на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ беше избрана за претседателски кандидат, содржи недоследности и е самa по себе контрадикторна.

 

Професорката Гордана Силјановска – Давкова, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори, деновиве во интервју на ТВ „Сител“ ја даде следната изјава која ја сметаме за недоследна. Таа, одговарајќи на  прашањето дали во случај доколку победи на претседателските избори ќе се заколне пред Уставот на Република Северна Македонија, вели дека „ќе ги почитува Уставот и законите, а ќе се бори да биде претседател на Република Македонија“:

Претседателот на Собранието ги распиша изборите за претседател на Република Македонија, јас сѐ уште не сум тоа, но ако бидам, ќе чуете тогаш како ќе се заколнам. Јас се разбира дека ги почитувам Уставот и законите и соодветно на тоа ќе се однесувам. Но, да потсетам сите овие и претседател и премиер и министри се заколнаа пред Уставот на Република Македонија и во ниту една програма не најавија промена на името, но немаат никаков проблем, вели таа.

[Извор: веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ, датум19.02.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на професорката Гордана Силјановска – Давкова, дадена во интервју за ТВ „Сител“ набрзо откако на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ беше избрана за претседателски кандидат, содржи недоследности и е самa по себе контрадикторна.

Професорката прво вели дека „претседателот на Собранието ги распиша изборите за претседател на Република Македонија“, притоа  јасно алудирајќи дека на изборите ќе се бори – натпреварува за претседател на „Република Македонија“. За веднаш потоа во истата изјава да каже дека, доколку биде избрана на функцијата, ќе ја почитува реалноста:

Јас се разбира дека ги почитувам Уставот и законите и соодветно на тоа ќе се однесувам.

А, Уставот, сега откако официјално стапи во употреба на новото име на земјата – Република Северна Македонија, е Устав на Република Северна Македонија. Значи, според тоа што го кажува професорката, излегува дека таа ќе ја трча изборната трка за „претседател на Република Македонија“, а доколку победи на изборите ќе даде заклетва пред Уставот на Република Северна Македонија.

Па, сакајќи да најде некакво оправдување за ваквата контрадикторност Силјановска- Давкова  потсетува дека и претседателот (н.з на Собранието) и премиерот и министрите се заколнаа пред Уставот на Република Македонија и во ниту една програма не најавија промена на името, но немаат никаков проблем“.

Контрадикторен став во врска со новото име на државата, професорката Силјановска – Давкова искажа и во својот говор пред делегатите на ВМРО-ДПМНЕ на партиската конвенција во Струга. Нагласувајќи дека со партијата во неколку наврати им се споиле мислењата и патиштата, како на пример за Законот за јазици и Договорот од Преспа,таа најави дека доколку биде избрана за претседател на државата ќе формира тим од експерти по меѓународно-јавно право за да се отвори прашањето за името, кое, според неа, сѐ уште не е затворено.

Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено пред меѓународните судови и институции.

Согласно Член 118  од Уставот

Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Договорот од Преспа, врз основа на кој се направени уставните измени и се смени името на државата е меѓународен договор, така што е нејасно како професорката, од позиција на шеф на државата, мисли да го отвора повторно прашањето за името, кога се работи за меѓународна спогодба?!

 

ИЗБОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.