Системот за наводнување во Дебар не е реконструиран

Централна пумпна станица - ограбени делови и расипани пумпи. Фото: „Вистиномер“

 

Проект –  2013 Рурален развој и достојно земјоделство: 1. Реконструкција на пумпна станица на системот за наводнување.  Буџет: 10 милион евра Министерството за Земјоделство, шумарство и водовод (400.000 евра учество од Општина Дебар)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

„Реконструкција на системот за наводнување“ е неисполнето ветување на градоначалникот на Општина Дебар Ружди Лата, даденo во неговата предизборна програма „Заедно градиме“ во делот „Рурален развој и достojнo земјоделство“, страница 123.

Медиумите информираа  дека има повеќе од 10 години од големите штети на пумпите на системот за наводнување во Дебар. Предизвикани се преголеми штети на земјоделците што имаат земјиште и досега системот не е саниран. Имаше некои иницијативи за санирање, но средствата што се дадени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) не беа доволни.

На 02.09.2015  медиумите најавија:

Овие денови во Дебар биле експертите од МЗШВ кои ги направиле потребните мерења за надополнување на системот за наводнување. Во врска со ова градоначалникот на Дебар Ружди Лата истакнал дека  реконструкцијата на системот влегол во програмите на министерството и се чека овој голем проблем во Дебар, посебно за земјоделците, да се надмине.  Тогаш Лата додал дека се реализирани повеќе средби со претставниците на централната власт од кои се побарало системот за наводнување во полињата на Дебар да се санира и земјоделците да започнат да ги сеат своите земјишта со земјоделски култури на кои им е потребен системот за наводнување. Сега се надеваме дека сме на прав пат за санирање на овој систем, рече тогаш Лата.

Според медиумите, проблемот за не функционирањето на системот за наводнување Лата го спомнал и при неговата последна средба со екс премиерот Груевски во Дебар. Лата информирајќи го екс премиерот тогаш изјавил:

ЕЛЕМ досега не дал донации, иако го употребуваат Дебарското езеро за електрична енергија.

Овој проект беше оценет за неисполнет и во извештајот на Призма, во нивното истражување за Општина Дебар:

Реконструкцијата на пумпната станица на системот за наводнување, за кој Лата ветуваше дека ќе го заврши до 2013 година, е нереализиран. За овој проект се предвидени само 400 илјади евра, средства од министерствата за земјоделство и за екологија.Меѓутоа, во одговорите на Општината сега се зборува за поинаква конструкција на проектот. Ако пред четири години биле предвидени 400 илјади евра за реконструкција на пумпната станица за наводнување, сега веќе пресметките се далеку посериозни. За целосна реализација на проектот се предвидува дека ќе бидат потребни околу десет милиони евра. Министерството за земјоделство побарало  редизајнирање на целиот систем за наводнување, од пумпната станица, реконструкција на системот за наводнување, како и негово проширување за наводнување на нови земјоделски површини. Досега е направенa физибилити студија и во фаза на изработка е техничката документација, која се финансира од Министерството за земјоделство.

Контактиран од медиумите Абдил Колеци, експерт во оваа област и претседател на Здружението за вода во Дебар, рекол  дека за поправка на пумпи се потребни околу 400 илјади евра. Но, според него, постои потреба за интервенција во некои земјени канали за наводнување, кои се изградени во почетокот на 70-тите години од минатиот век, кога всушност и се градела акумулацијата Дебарското Езеро. Од времето кога се оштети системот за наводнување до сега, локалните власти, но и политичките партии кои работат во Дебар, како примарна активност го утврдуваат системот за активација за наводнување на дебарско поле. Овој систем, со првите проекти е предвидено да овозможи наводнување на околу 3 илјади хектари, но и денес не работи.

И по теренската проверката на „Вистиномер“ можеше да се заклучи дека пумпите се оштетени и ништо не е преземено за нивно санирање.

Според аргументите што ги наведовме погоре можеме да констатираме дека ветувањето на градоначалникот Лата за „Реконструкција на пумпна станица на системот за наводнување“ е неисполнето.

ИВОРИ:

Оценил: Дрилон Салиу

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција